Кои се светителите? – Атанас Ваташки

Не се одвоени од нас преподобните отци, затоа што нивната љубов е секогаш со нас. Нека не ги одвојуваме од себе си, како туѓи на нас, бидејќи тие секогаш се молат за нашите паѓања во грев.

Свети Ефрем Сирин

Молитвата кон светителите – израз на врска и љубов

Молитвата, како што знаеме, е разговор и општење со Самиот Бог. Кога велиме дека ние се молиме на светителите, ние немаме предвид дека им се молиме на начинот на кој се молиме на Бог, ниту дека им придаваме славата, која се оддава само Нему. Православното богословие прави јасна и категорична разлика помеѓу служењето на Бога (latreia) и почитта (proskynesis) кон светиите кои се почитуваат не како богови, туку како Божји пријатели. Молитвата  кон нив е молитва за застапување. Застапувањето во случајот горе-долу значи молитва од типот: свети Николај (пример), моли Го Бога за мене или по молитвите на сите светии, Господи помилуј нè. Овој вид молитва не е молитва кон еден независен субјект кој го презема местото и улогата на Бог во нашата душа и срце, и кој треба да ја исполни нашата молба по еден независен начин од Бога. Ниту пак претпоставува дека Бог е немоќен да ги исполни нашата молитви без нивно застапување. Молитвата кон светиите е молитва, која извира од длабочините на нашето срце, која во сојуз со Бога ги обзема границите на земната и небесната Црква, за да покаже дека за Божјите луѓе нема растојанија. Зашто поделбата на небесна и земна Црква е условна. Ние сите, живи и починати, сме едно во Христос. Небесната Црква (или кажано на друг начин – светиите) се само оние кои во земниот живот, победувајќи ги неговите искушенија, со помош на благодатта на Светиот Дух, конечно се спасиле и ќе царуваат со Христа. Молитвата кон нив е израз на нашата љубов, благодарност и надеж дека и ние ќе стигнеме во состојбата на осветување, во која се тие; израз на тоа дека во Црквата нема заборав и односот на љубовта и единството меѓу нејзините членови е посилен и од смртта.

Општејќи молитвено со светителите, комуницираме и со Бога

Според Православието, благодатта е несоздадена енергија на Бога. Учеството на човекот во неа го прави човекот свет или светител. Во Православието човек не станува светител, поради некакви свои инвидуални квалитети и способности, а бидејќи е причестен со Бога, со Неговиот бесмртен живот, и е во синергија, односно единство меѓу благодатта и неговата слободна волја, тој стигнува до патот на спасението, завршувајќи го својот земен пат во мир со Бога. Светиите се токму такви луѓе кои го надминале преодното, во корист на вечното. Општејќи молитвено со светиите, ние комуницираме и со Самиот Бог, бидејќи тие се наситуваат од Неговата светост, зашто Он живее во нив, и истовремено се молат за нас. А Светото Писмо сведочи дека голема сила има молитвата на праведникот (спореди: Јаков 5, 16).

Молитвата кон светителите – ја утврдува бесмртноста на човекот (по благодат)

Зборувајќи за бесмртноста воопшто, можеме да кажеме дека има два вида бесмртност – по природа и по благодат. Бесмртноста по природа е прифаќање на пример од платонизмот. Тоа потврдува дека душата е несоздадена. Дека немало време во кое  не постоела. Дека никој не ја создал, а таа едноставно била. Дека таа не може да умре.

Бесмртноста по благодат, во која веруваме православните, е тоа дека човек по природа не е бесмртен. Тој е создаден по природа смртен или во една неутрална состојба која му овозможува да избере меѓу смртта и бесмртноста. Патот кон бесмртноста е поврзан со заедништвото со  Бога и со Неговиот бесмртен живот, а патот на смртта е поврзан со оддалечувањето од Бога. Оваа смрт не значи дека човекот престанува да постои, туку дека човек престанува да живее, бидејќи надвор од Бога има болно постоење, но нема живот.

Со молитвата кон светиите православието ја воспоставува во целосен степен верата во бесмртноста на душата по благодат. Не затоа што последната има неизбежна потреба од молитвата на светиите, туку затоа што молитвата кон светиите е природно продолжение и производ на оваа вера. Православните не го негираме како садукеите животот после смртта и Воскресението. Ние не се молиме на мртвите, како што саркастично забележуваат некои протестанти, бидејќи за нас умрените во Бога со физичка смрт не умреле, а се живи. Он не е Бог на мртвите, туку на живите, оти во Него сите се живи (спореди: Лука 20, 38). По смртта тие не го запираат постоење, како што веруваат садукеите, ниту спијат, како веруваат адвентистите, а продолжуваат да чувствуваат и чувствуваат, добивајќи делумна награда за своите дела додека биле живи, очекувајќи го Воскресението и конечниот Суд.

Православие и светост

Протестантите често ги напаѓаат православните со тврдењето дека православните сметаат само едни одредени луѓе за светии, додека протестантите ги признаваат сите христијани за светии. Во врска со ова, треба да направиме некои појаснувања за светоста:

1 – Само Бог е свет во полна смисла на зборот. Тоа е затоа што Он е Вечноприсутен (сп. Из. 3, 14). Само и единствено Неговата светост е по природа, само таа нема почеток во времето. Тоа, сепак, не негира дека има и други личности, проникнати од светоста.

2 – Тие луѓе се светиите (или светците). Како луѓе тие се создадени, имаат почеток во времето и нивната светост не е по природа, а по благодат, по причастност со Бога.

3 – Не секој е светител, само затоа што се е самонарекол со името христијанин. Светоста не е шега работа. Таа не е авто-сугестија, ниту ментално или вербално расположение. Таа не е нешто во што треба да поверуваме дека ја поседуваме, бидејќи сметаме дека некаде ја пишува (како што го прават понекогаш протестантите). Таа е една реалност, која ја исполнува целата личност и ги прави луѓето храмови на Светиот Дух. Оваа голема реалност го тера човекот да замолчи во побожен стравопочит пред силата и славата на Семоќниот Бог.

4 – Црквата го користи зборот светии барем со две значења. Во првата смисла светии се членовите на Црквата, која е заедница на светиите. Тие учествуваат во прекршувањето на лебот и виното, т. е. во Евхаристијата, која го претставува најпотполното соединување со Бога, најпотполното осветување. Во втората смисла светии се луѓето кои го завршиле земниот живот во мир со Бога. Односно оние кои сигурно се спасиле. Не е доволно само во некоја фаза од животот да си бил христијанин. Важно е да останеш таков до крајот. Самиот Господ Исус Христос предупредил дека кој ќе издржи до крај, тој ќе биде спасен (спореди: Матеј 24, 13). Православието категорично се противи на учењето на реформацијата за удостојувањето на светиите, поставувајќи прашање во областа на човековиот избор да соработува на благодатта или не, а не во контекст на Августиново/Калвиновото учење за предодредувањето.

Православието – правилна вера и правилна практика

Кога зборуваме за некое прашање, нарекувајќи го грешка, убаво е да се погледне прашањето мултилатерално, од различни агли, пред да изразиме позиција. За мене протестантите кои ги негираат молитвите кон светиите, дефинитивно грешат, не знаејќи ги доволно добро аргументите од православната страна и истовремено со тоа критикувајќи ја. Истовремено не сметам дека тоа е сотириологичен проблем за нивното спасение. Всушност мислам дека пред сè, нивниот главен проблем не е дека не се молат на светиите, туку дека не престојуваат во видливата Црква на Христос, создавајќи си свои заедници базирани не на наследството на верата, еднаш засекогаш предадено на светиите, а на индивидуалните толкувања на овој или оној реформатор или пастор на Писмото. Дали сепак со тоа се исцрпува прашањето? Мислам дека не. Грешката е и наша, бидејќи ние често не сме пример за тоа што треба да бидеме. Или уште поконкретно: јас кој се именувам како православен не сум пример за тоа каков треба да бидам. Ние ги обвинуваме протестантите дека не ја разбираат вистинската суштина на молитвата кон светиите, но често ние самите не ја разбираме. Ги претворивме светиите од Божји служители, кои се молат за нас, во луѓе кои треба да ни носат здравје, пари, среќа, љубов и што ли уште не. Често се случува кога имаме конкретен проблем да не се обраќаме кон Бога, а да бараме помош од светител, при тоа точно определен, кој да ни помогне поефикасно од Самиот Бог; кој дејствува независно од Бог и во кој поставуваме надеж наместо во Бога. Тоа и значи да имаш идол. Идолот не е само предмет. Идолот е некој или нешто во кое ја поставуваш надежта наместо Бога. Тоа го правиме покрај Православието, преку гласот на Црквата. Но, според зборовите на православниот богослов Ј Романидис: Православие значи: а) правилно мислење и б) правилна практика. Затоа за да можат инославните подобро да ја разбираат нашата вера се очекува и ние самите да ја познаваме и применуваме во нашиот живот.

Конечно можеме да завршиме со еден прекрасен извадок за молитвата кон светиите од православниот богослов, Митрополитот Иларион Алфеев: Понекогаш нецрковниот човек тешко разбира зошто треба да се молиме на светиите, кога си го имаме Христос. Но светиите не се посредници помеѓу нас и Христос; поскоро тие се наши небесни пријатели, способни да не слушнат и да ни помогнат со молитва. Оној кој нема пријатели на небото, не може да ја разбере правилно онаа блага вест – на почит со која се опкружени светиите во Православната Црква. Лишувајќи ги верниците од можноста да се комуницира непосредно и живо со светиите, протестантите и сектантите се наоѓаат отсечени од златниот синџир на светоста, која нè води кон апостолите и Христос. Меѓутоа христијанската општина, откината од овој синџир, не може да биде потполна Црква, затоа што небесната, торжествувачка Црква и Црквата која патува по земјата, се поврзани неразделно. Одделувајќи се од небото – од Божјата Мајка и светиите – Црквата се претвора во земна организација и престанува да биде мистично тело Христово, обединувајќи ги  живите и мртвите, грешниците и светиите.

 

Атанас Ваташки

превел од бугарски јазик:

Петар М. Петковски,

дипломиран теолог