На порталот православие.ру беше направена анкета за тоа, дали и колку често луѓето го читаат Светото Писмо. Во анкетата учествувале околу 2000 луѓе. И резултатите покажале дека од нив, една третина воопшто не го чита Светото Писмо, или тоа го прави многу ретко. Постојано го читаат Светото Писмо само околу една четвртина од анкетираните. Останатите – одвреме-навреме.
Во самото Свето Писмо се вели: „Истражувајте ги Писмата, зашто вие мислите дека преку нив ќе имате живот вечен; а тие сведочат за Мене“ (Јн. 5, 59); „Пази на себе и на учењето; биди постојано во тоа: оти ако така постапуваш, ќе се спасиш и сам и оние што те слушаат. (1 Тим. 4: 16). Како што гледаме, читањето и изучувањето на Светото Писмо се сметаат за основна дејност и обврска на секој верник.
Со прозба да ги искоментира резултатите на анкетата и да одговори на прашања, зошто е толку важно за христијанинот постојано да се обраќа кон Светото Писмо, како да го направи норма читањето и изучувањето на Словото Божјо, како децата да се научат на тоа, како правилно да се занимаваме со изучување на Светото Писмо, треба ли да користиме толкувања, се обративме кај протојереј Олег Стенјаев.
Aко христијанинот не се обраќа кон Светото Писмо, неговата молитва, несоединета со читањето на Словото Божјо, повеќе е монолог, кој не се подигнува над таванот. За молитвата да стане вистински дијалог со Бога, треба да се соедини со читање на Светото Писмо. Тогаш, обраќајќи се кон Бога во молитвата, преку читањето на Неговото Слово ќе добиваме одговор на нашите прашања.
Во Писмото е речено, дека не само од леб ќе живее човекот, но и од секое Слово, кое излегува од устата Божја (види Втор. 8.3). Ние треба да го помниме тоа, дека човекот нема потреба само од физичка, материјална, но и од духовна храна. Словото Божјо – и е храната за нашиот внатрешен духовен човек. Ако физичкиот човек не го нахраниме ден, два, три, четири, почнеме да ја занемаруваме грижата за него, резултатот ќе биде истоштување, дистрофија. Но, и духовниот човек може да се најде во состојба на дистрофија, ако подолго време не го чита Светото Писмо. А потоа, уште се чуди зошто му слабее верата! Изворот на верата е познат: „верата доаѓа од слушањето, а слушањето од Словото Божјо“ (Рим 10, 17). Затоа, за секој човек е неопходно да се припои кон тој извор.
1-от псалм започнува со зборовите: „Блажен е оној човек, кој не оди на совет безбожнички и не застанува на пат на грешници, и не седи во друштво на развратници, но во законот Господов е волјата негова, и во законот Негов дење и ноќе се поучува“ (Пс. 1, 1-2). Тука, во првиот стих, ни се покажани трите положби на човековото тело: не оди, не стои, не седи. А понатаму се вели, дека верниот пребива во Законот Божји и ден и ноќ. То ест, Законот Божји ни поткажува со кого може да одиме заедно, со кого не смее да стоиме заедно, а со кого не смее да седиме заедно. Заповедите – се во словото Божјо. Читајќи го Светото Писмо, ние ја задлабочуваме својата свест во Божјите заповеди. Како што рекол Давид: „Словото Твое – е светилник за нозете мои“ (Пс. 118, 105). А ако не ја задлабочиме својата свест во Словото Божјо, како да одиме во темнина.
Обраќајќи се со совети кон младиот епископ Тимотеј, апостол Павле напишал: „Никој да не ја пренебрегнува младоста твоја; но биди образ за верните во словото, животот, љубовта, во духот, во верата, во чистотата. Додека не дојдам, занимавај се со читање, утешување и поучување“ (1 Тим. 4, 12-13). А боговидецот Мојсеј, поставувајќи го Исус Навин, му рекол: „Да не се одделува од устата твоја оваа книга на законот; но поучувај се во неа ден и ноќ, за да разбереш како ќе го извршуваш сè она, што е напишано во неа: тогаш ќе бидеш успешен во твоите патишта и ќе постапуваш благоразумно“ (Нав. 1, 8).
Како правилно да се занимаваме со изучување на Светото Писмо? Мислам, дека треба да започнеме со Евангелското и Апостолското четиво на денот, кои се укажани во секој црковен календар – а такви календари денеска имаме сите. [кај нас, тоа е достапно на сајтот на Македонската Православна Црква: Евангелие и поука за денес]. Порано имало обичај: после утринското правило, човек го отварал календарот и гледал, кое Евангелско, а кое Апостолско четиво е за тој ден, и ги читал тие текстови – тоа било еден вид лекција, надградување за тој ден. А за поинтензивно изучување на Светото Писмо, многу е добро времето на постот.
Задолжително, дома треба да имаме Библија, да си одбереме за себе таков примерок, кој ќе биде удобен за очите, и пријатен за држење во рацете. И задолжително да имаме бележник. И по тој бележник, да читаме фрагмент од Светото Писмо од почеток до крај.
Секако, се препорачува да се започне од Новиот Завет. А ако човекот е веќе воцрковен, треба барем еднаш да ја прочита целата Библија. И кога човек, времето на постот ќ его искористи за интензивно изучување на Светото Писмо, тоа ќе му го донесе Божјиот благослов.
Многупати е забележано, колку пати и да препрочитува човек еден ист библиски текст, во разни периоди од животот, тој открива нови гранки. Исто како скапоцениот камен, кога го завртуваш, од него сјае час сино, час тиркизно, час сребрено. Словото Божјо, колку пати и да се обраќаме кон него, ќе ни открива нови и нови хоризонти на богопознание.
Преподобен Амвросиј Оптински им препорачувал на почетниците да се запознаваат со Новиот Завет преку толкувањата на блажени Теофилакт. Тие толкувања, иако кратки, ја предаваат суштината на текстот. И во своите коментари, блажениот Теофилкат не се одвлекува од темата. Како што е познато, тој за основа ги земал делата на свети Јован Златоуст, но го одделувал само она, што се однесува непосредно на текстот, кој се коментира.
Читајќи го библискиот текст, треба секогаш при рака да имаме или Истолкувана православна Библија, или коментарите на блажениот Теофилакт, и кога нешто ни е нејасно, да се обраќаме кон нив. Самите коментари, без библискиот текст, е доста сложено да се читаат, бидејќи тие се сепак упатствена литература; треба да се обраќаме кон нив, кога се сретнуваме со нејасни или сложени фрагменти од Библијата.
Како да ги научиме децата да го читаат Светото Писмо? Мислам, дека родителите треба заедно со своите деца да го изучуваат Светото Писмо. Во Библијата, често се кажува дека токму таткото, треба да ги поучува на Законот Божји своите деца. И, ниту еднаш не е речено, дека децата треба сами да учат. Што значи, дека родителите треба да покренат иницијатива, со децата да го изучуваат Законот Божји и да ја читаат Библијата.
Извор: http://www.pravoslavie.ru/89806.html