Христос Воскресе! – Велигденска Посланица

+ ПЕТАР

ПО МИЛОСТА БОЖЈА,

МИТРОПОЛИТ ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКИ И

АДМИНИСТРАТОР АВСТРАЛИСКИ И НОВОЗЕЛАНДСКИ

НА СЕТО СВЕШТЕНСТВО, ПРЕПОДОБНО МОНАШТВО

И ВЕРНИТЕ ЧЕДА ВО ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКАТА И

АВСТРАЛИСКО-НОВОЗЕЛАНДСКАТА ЕПАРХИЈА

ИМ ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ,

ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО НАЈТОРЖЕСТВЕНИОТ ПОЗДРАВ

 

ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!

 

„Целата историја на христијанството не е нешто друго,

освен историја на едно и единствено чудо –

чудото на Воскресението Христово, кое непрекинато

се продолжува… векови и векови, до Второто Воскресение“

(Отец Јустин)

 

Мир вам! Христос Воскресе!

                „Како што Ме прати Отецот, така и Јас ве праќам“.

„Примете Дух Свет! На кои ќе им ги простите гревовите, ќе им се простат, а на кои ќе им ги задржите, ќе им се задржат“ (Јн. 20, 19-23).

О, божествени и преслатки зборови на Господа Воскреснатиот! Полни со дар – проштевање на гревовите, проштевање – плод на смртта и на Воскресението. Силна поткрепа на Своите ученици и апостоли по Воскресението. Наше утврдување, прибежиште и спасение.

 

Радувајте се: Христос Воскресе!

Возљубени чеда во Христа Воскреснатиот!

 

Денес живееме една благодат и светлина, кои не се од овој свет. Живееме почеток на еден нов и вечен живот, но истовремено и почеток на едно ново назначување на човека: станавме синови Божји и синови на Воскресението.

Денес славиме голема победа:

Победа полна со дарови!

Победа полна со исцеленија!

Победа полна со слава!

Победа на животот!

Победа над смртта!

Победа полна со Тајни – но истовремено објавени на целото човештво, и на живи и на покојни.

Се радуваме на Христовата победа. Но, Христос не е Победник за Себе, туку е за нас. Победени се денес најлутите непријатели на човекот: смртта, гревот и сатаната.

 

Возљубени празникољупци, радувајте се!

                Денес, знаеме само за радост! И Адам во Рајот знаеше само за радост. Тој не знаеше што е тоа срам и страв. Затоа што не знаеше што е тоа грев и смрт. Кога се засрами Адам пред Бога, почна да се крие. А се срамеше, затоа што веќе беше свесен дека згрешил. И се плашеше, затоа што знаеше дека следи смрт. Интересна неразделеност на нештата, причина со последица – тие секогаш одат заедно: гревот со смртта; но и реакцијата и чувствата: гревот со срамот; смртта со стравот.

„Адаме, каде си? – го праша Господ. А тој одговори: „Го чув одењето Твое низ рајот (Господи), па се уплашив, бидејќи сум гол, и се сокрив“. (1 Мојс. 3, 9-10).

Адам почна да бара заштита пред Својот Заштитник. Од кого? Всушност, од Оној, Кој што го создаде и Кој што дотогаш го заштитуваше.

Кога се исполни времето, Христос – Новиот Адам воплотувајќи се, стана тело и го победи гревот. Го победи гревот со Своето безгрешно зачнување и раѓање; потоа, преку Својот чист и безгрешен живот на земјата; како и преку страдањето на Крстот, бидејќи беше неправедно распнат; и на крајот, таа победа ја овенча преку Своето славно Воскресение.

Христос ја победи смртта уште за време на животот; но, со Својата смрт, конечно ја уништи. Ја победи и за сите луѓе, од почетокот, па до крајот на векот. (Свети Арсениј Б.).

Господ Воскреснатиот е Чудо над чудата, но истовремено Он е и со иста природа како вас – во сè ист, освен во гревот. Он ја има вистинската природа, која, сите сме должни да си ја вратиме. А вистинската природа на човекот, не се состои во недостоинство, ни во болест, ниту во смрт или во гревовност, туку се состои во светост, во слава и во здравје, во негревовност и во живот вечен.

 

Мили наши духовни чеда!

 

Верата во Воскресението Христово, значи вера во вечен живот, т.е. заедница со Бога.

Воскресението Христово е најголемото сведоштво за нашиот повик на живот вечен; поголемо сведоштво од ова, никој не ни дал. И бидејќи никој не ни дал вакво сведоштво, тоа го надминува нашиот вообичаен начин на размислување, и можеби, токму затоа, не се осмелуваме да веруваме во наше воскресение. Свети апостол Павле вели: „Ако, пак, Христос не воскреснал, тогаш празна е нашата проповед, празна е и вашата вера“ (1 Кор. 15, 14). „Без оваа вера, нашиот живот како да нема смисла, и ниту цел во себе, како да е лишен од секоја боја и немирен е“ (Свети Арсениј Б. ).

А Христос Воскреснатиот, постојано нè утврдува во оваа вера, на многу начини, според Неговата промисла, полна со човекољубие: и со видување, и со слушање, и со допир. Исто како што го стекнаа и апостолите уверувањето во Воскресението: „Она што го чувме, она што со очите свои го видовме, што го разгледавме, и што рацете наши го опипаа за Словото на животот – и Животот се јави, и видовме, и сведочиме и ви го навестуваме вечниот живот“ (1 Јн. 1, 1-2).

Но, Христос никого не присилува да ја прифати Неговата победа, и покрај тоа што победата Негова има прескапа цена – цена без цена („Скапо сте платени“, вели Свети апостол Павле – 1 Кор. 6, 20), а им остава на луѓето простор и слободна волја, да ја прифатат или да ја одбијат. Исто како што човекот во Рајот на слободен начин го одбра своето гревопаѓање и смрт, наместо богопознание и живот вечен.

 

Возљубени чеда, радувајте се!

                Радувајте се, зашто така ѝ благовестеше Архангелот на Света Дева Марија, во моментот кога се воплотуваше Владиката на сите. Радувајте се, зашто така ѝ благовестеше на Пресветата Мајка, дека Нејзиниот Син Воскресна тридневно од гроба. Радувајте се, зашто така им се обрати Христос Воскреснатиот на жените Мироносици. „Радувајте се… не плашете се; одете и соопштете им на браќата Мои“ (Мт. 28, 9-10). „Не плашете се“, – овие зборови им ги велеше Христос и на Своите ученици повеќе пати, односно секогаш кога ќе се појавеше неочекувано пред нив. А и овојпат, по Воскресението, се појави неочекувано, и покрај тоа што Неговото појавување беше посакувано. „Затоа што, не може поинаку, освен со тешкотија да се поверува во нешта, кои се исполнуваат на исклучителен начин, и коишто ги посакуваш од целата внатрешност на своето битие“ (crestinortodox 2016).

 

Радувајте се, дека Христос Воскресна!

                Преку молитва и послушание, ве поттикнуваме да се радувате на животот. Бог, (животот), во дар ни го даде кога нè створи, во дар ни го даде и кога воскресна за нас. Преку верата во Воскресението, ве охрабруваме да не се плашите од смртта; туку да ја гледате како воскресение, а не како пропаст.

Смртта за верникот е последно крштевање – последно очистување во животот. Нашето крштение се усовршува со крштението со кое се крсти Христос, а тоа е – Распетието, како што сведочи Свети апостол Павле.

Разликата меѓу смртта, каква што беше пред Христа, и онаква каква што е сега, по Воскресението на Христа, е како разлика меѓу огнот на голем пожар и меѓу пламенот на една свеќа. По Воскресението на Христа, смртта не е повеќе мрачна бездна. Таа е раѓање за нов живот и враќање во нашата татковина. „Значи, гробот не е повеќе вечен мрак, туку е врата на која нè пречекуваат чудесните ангели Божји“ (Свети Николај В. ). Сега, гробот претставува само последна препрека, т.е. сопка, пред да стигнеме пред Лицето Божјо; гробот е јама, која Христос ја исполни со Себеси; и не е повеќе ниту мрачен, затоа што Христос го осветли; гробот повеќе не го покажува крајот, туку го покажува почетокот; и не е наша татковина, туку е врата кон татковината.

„Човекот вистински се раѓа, не тогаш кога го раѓа неговата мајка, туку тогаш, кога се раѓа во Христа Исуса, за бесмртен живот. Воскресението Христово е наша мајка“ (Свети Јустин П. ).

 

Возљубени чеда, синови на Воскресението!

                Не би можел да кажам, кога повеќе се смири Бог пред човека: кога слезе од прегратките на Отецот, од славата Своја, воплотувајќи се, или кога се распна на Крстот, смирувајќи се и понижувајќи се до смрт и тоа смрт на Крст.

Затоа, да се смириме и ние, распнувајќи го телото со страстите и похотите наши. Он ни дава по едно распетие секој ден и по една страсна седмица на секого, односно по еден распнат живот; а ние пак, поради нашата негрижа, непознавајќи ги патиштата Господови, многу често се молиме на Бога, да нè поштеди од Крст. Но, Христос не направи така со Себеси; па според тоа, и ние не треба да правиме така со себеси. Постојано треба да бидеме водени од мислата, дека од најтешкиот крст – смртта, никна најголемата победа: Воскресението, односно убивањето на смртта.

Да бараме од Бога, да го очисти нашиот живот. И секој удар, секое искушение и секоја неволја, да ги примаме како очистување. „Преку Светиот Крст – преку страдањето – распетие во животот, се влегува во Царството Божјо. И дотолку посигурно се влегува, доколку трпиме неправедно распетие“ (Свети Арсениј Б.).

 

Наши најмили!

                Во последниве времиња, во нашата татковина, ни се случува сличен егзодус, како на Еврејскиот народ, во Стариот па и во Новиот Завет. Невиден егзодус, ништо помал од оној во 1947 г., кога имаше масовно напуштање на родните огништа и заминување преку граници. Прво опустеа селата, а сега се преполовија и градовите, во вистинска смисла на зборот. Но, ако егзодусите за избраниот народ значеа покајание и повторно враќање на родните огништа, во Ветената Земја, денес, нашиот егзодус за нас, библискиот народ – Македонците, најчесто и скоро без исклучок, значи скоро неповрат.

Причините за ова се многу, но сите водат кон една: удобно живеење, наместо основни услови за живот. Но, исто така, и немање доволно чувство за татковината во која сме се родиле, а богоизбраниот народ рекол: „Ако те заборавам тебе Ерусалиме, да ме заборави Твојата десница (Боже)“. Една Божја заповед вели: „Немој да имаш други богови освен Мене“, а нам ни станаа Бог парите, властољубието и личните суети. Но, без оглед дали сме во татковината Македонија или надвор од неа, треба да ги исполнуваме Божјите заповеди: „Не убивај“, а ние масовно ги убиваме и сеуште неродените, т.е. ги абортираме; „Не пожелувај ништо што е туѓо“, а ние ја пожелуваме не само куќата, туку и парчето леб од трпезата на ближниот, и уште многу, многу други заповеди, над кои е заповедта за љубовта кон Бога и кон ближниот.

И не е проблемот само во тоа, што станавме пат или беспаќе на бегалци, туку што стануваме луѓе со празни души и покрај удобниот живот, и тука и надвор од татковината.

Затоа, апелираме до сите наши духовни чеда, како во татковината, така и во дијаспората, да не ја заборават верата на нашите татковци, Православието, кое нè одржало и само тоа може да нè одржи како народ Божји и нашата татковина, која како света земја е напоена со крвта на страдалниците и мачениците.

 

Возљубени браќа и сестри во Господа!

                Радувајте се, затоа што денес изобилно се излеа врз нас љубовта на Светата Троица! Иако луѓето Го осудија Бога на смрт, Бог преку Своето Воскресение ги „осуди“ луѓето на бесмртност… И покрај тоа што луѓето не покажале никогаш поголема омраза кон Бога, како тогаш кога Го распнаа, Бог никогаш не покажал поголема љубов кон луѓето, како тогаш кога Воскресна. (Свети Јустин).

Нема за човечкиот род, друг вистински пат и живот од Христовиот. Во тоа, Воскреснатиот Христос, нè уверува велејќи: „Јас сум Воскресението и Животот. Кој верува во Мене, и да умре ќе живее. И секој што живее и верува во Мене, нема да умре довека“ (Јн. 11, 25-26).

 

Христос Воскресе!

Навистина Воскресе!

 

На Велигден, 2016 г., Битола

 

ВАШ МОЛИТВЕНИК И ЗАСТАПНИК ПРЕД ХРИСТА ВОСКРЕСНАТИОТ

МИТРОПОЛИТ ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКИ И

 АДМИНИСТРАТОР АВСТРАЛИСКО-НОВОЗЕЛАНДСКИ

+ ПЕТАР