Господи, упокој!

Во приквечерината гори свеќа, плачејќи со восочни солзи. Тешко се стега срцето: како ти е таму? Како си?..

Господи, упокој!..

– Ете ја и познаната ограда, веќе запрашена од снег. Здраво, мила моја! Ете нè, конечно и ние дојдовме на Задушница.

– Мамо, мамо, тоа е твојата баба?

– Ете, гледаш – ова се моите два сина. Исто како и кај тебе. И мажот ми е свештеник, служи литија на твојот гроб. Сè се оствари во мојот живот онака, како што ти мечтаеше за мене. Само веќе те нема да нè викнеш на гости, да поразговараме за секојдневните тешкотии и проблеми, да ги слушнеме твоите совети… Какви гости! И на свадба не стигна, а толку мечтаеше… Но, нема да тагуваме.

Господи, упокој!…

До ситници го помнам секој агол од твојот дом. Огромен шкаф за книги, пред кого поминуваше многу време, долг темен ходник, икони во рамки. Спомените добро го чуваат и неповторливиот мирис на шумскиот чај, и нашите седенки, и ноќното разгледување на ѕвездите. Уште се сеќавам, како летно време, на село, секој ден одевме да го гледаме зајдисонцето над реката.

А нашиот омилен парк… Неповторливите прошетки, кои ме ослободуваа од бурното секојдневие, шумот на високите борови и пеењето на птиците. Сахаров, Солженицин, Вишневскаја, Растропович, Погудин… – кај тебе никогаш не се исцрпуваа темите за разговор.

Сè што тогаш ми изгледаше секојдневно и обично, сега се гледа во сосема поинаква светлина…

Господи, упокој!..

А сосема неодамна, ти престана да ми се јавуваш на сон. Измореноста и недонаспаноста си го направија своето. А претходно, неколку години, со чудесно постојанство те гледав во еден и ист сон: дека си жива. Јас со прекор ти велев: „Зошто нè исплаши толку?!“ И раскажував, раскажував, раскажував… А потоа, наеднаш се будев. Ах, каква работа е потсвеста.

Господи, упокој!..

За првпат, ти погледна во лицето на смртта, многу години претходно. Кога се судри со страшната дијагноза – рак. И лекарите не оставаа шанси. Но, ти преживеа. Божјо чудо. И проживеа после тоа речиси 20 години. Речиси 20 години „нов“ живот, во кого на прво место ти станаа Христос и Неговата Црква.

Се сеќавам, како ти, одвреме-навреме ќе речеше, воздивнувајќи: „Толкава среќа е – да можеш сама, пеш да дојдеш до храмот и да се помолиш!“ Со колкава цена беа отстрадани тие зборови…

Господи, упокој!..

Смртта. Таа дојде неочекувано. Како гром од ведро небо – повик од дедо, такси, „Брза Помош“ со констатација за смрт. И понатаму, како во магла, сите 40 дена.

Во тој ден, како и обично, на празникот на еден од твоите омилени светители – свети Пантелејмон Целебникот – беше испланирано патување на еден извор во негова чест. Изутрината Литургија, Причест. А после ручекот, веќе ти не беше со нас… Можеби, таков и треба да биде, со години измолуваниот „мирен крај на нашиот живот“? И уште со додавката: „Не давај Господи некому да станеме терет на стари години, да треба да нè гледаат“. Не стана, и не те гледаа.

Господи, упокој!…

… Како тинејџерка, често ме земаше со себе во другиот град на гробот на родителите. Јас никако не можев да сфатам: зошто разговараш со камените плочи на гробишта? Но добро, си велев, секој си е чуден по свое.

Иако, во последно време, и јас почнав да го правам истото…

 

Ксенија Мањакова

Извор: http://www.pravoslavie.ru

Поврзано: Слово за починатите во верата – Свети Јован Дамасмкин