6/19 април, Црквата го празнува споменот на преподобно-исповедникот Севастијан Карагандински (Фомина; 1884-1966) – подвижник, мудар духовен наставник и опитен лекар на душите.
Ученик на Оптинските старци, отец Севастијан, претрпувајќи маки во бољшевицките логори и прогонства, по Божја Промисла, го носел своето служење во далечната Караганда, која благодарение нему станала значајна точка на духовната карта на Света Русија.
Основал таен манастир од осудениците во шахтите и логорите.
Предложуваме на читателите избор од поуките и советите на старецот.
Вистината ликува (победува) тогаш, кога за неа умираат.
Треба да Го љубиме Творецот со сета душа, со сета сила и со сите помисли: да мислиме, да размислуваме, да расудуваме за Бога и Неговите добра, испратени нам. Зашто Тој ги гледа сите наши помисли, желби и намери во однос кон Него и ближниот, кого го сакаме за негово спасение, а не за наше.
Срцето е потврдо од камен, потврдо од наковална. Полесно е со чекан да се скрши наковалната, отколку срцето човечко.
Блажен е оној кој ја извршува Божјата волја, а не својата, плотоугодната.
Оној кој ја твори волјата своја има ропски страв, приврзаност кон земните добра. Оној што не стекнал страв Божји, не може да ја твори волјата Божја.
Уште од младоста треба Му принесуваме жртва на Господа со самите себе, кога се наоѓаме во цутот на младоста, здравјето, чистотата, бодроста на духот, а не тогаш, кога ќе се лишиме од сето тоа, служејќи му на ѓаволот.
Барај од Бога чистота на срцето и простување на гревовите, сокрушувајќи се во покајание за извршеното и сметајќи се полош од сите. И Самиот Господ ќе дојде кај тебе, и ќе почуствуваш таква радост во срцето, за која не знае светот.
Само во Црквата човек се обновува со душата и добива олеснување во своите маки и болести.
Еднаквост, ни на небото, ни на земјата не може да има. Еднаквост има само во Едната Света Троица.
Меѓу нас монасите, и светот има голема пропаст. Светот никогаш нема да го разбере нашиот живот, а ние – неговиот. Кога монасите би знаеле претходно, колку маки и искушенија ги чекаат на тесниот, но спасителен пат, никој не би отишол во манастир. А кога светот би знаел за идните блага на монасите, сите би отишле во манастир“.
Господи, улови го нашето срце и очисти нè! Господ ќе слезе во нашите срца, кога ќе Му ја отвориме таму вратата на смирението, трпението, чистотата, целомудрието, кротоста, добрите дела, љубовта кон ближните, а најмногу со послушание кон Бога, молитва, воздржување од душевните и телесните чувства, помисли. Ја затвораме пак со невоздржание, нечистотија на чувствата, помислите, нетрпение во маките и болестите, ропот, неблагодарност, враќање на злото со зло.
Покој може да има, кога ќе запеат: „Со свјатими упокој…“ А дотогаш, не барај покој до самата смрт. Човекот се раѓа не за покој, туку за да се потруди, да претрпи заради идниот живот (покој).
Архангел Михаил со смирение, трпение, храброст го победи Деницата.
Поврзано: Преподобно-исповедник Севастијан Карагандински