35 години духовно пастирствување на Митрополит Петар – Слово на Митрополитот Повардарски г. Агатангел

Нема поголем дар од дарот на служењето на својот Бог, Нашиот Господ Исус Христос, на својата заедница, на својот народ. Синот човечки не дојде да биде послужен, туку да служи, па служејќи му целосно и несебично на целото човештво, животот Свој го даде како откуп за мнозина (Мт. 20, 28).

Служењето е најголемата духовна радост. Тоа е залог за вечноста на оние кои чекорат кон Царството Небесно. Основниот закон на самото човечко битие е токму служењето. Стекнатото животно искуство, постојано ни ја потврдува неопходноста на секоја личност да му служи секому, неиспитувајќи го притоа неговото потекло и неделејќи го по ниту еден основ. Личностите кои од разни свои себични причини нема да го одберат или ќе го избегнуваат служењето, моментално се оттргнуваат од патот на христијанскиот живот, и несвесно стануваат слуги, односно духовни заробеници на злото, и со голема брзина чекорат по патот на пропаста и духовната ништожност. Не може некој да се нарече себеси христијанин, ако не е подготвен да служи. Нема поголем и поверодостоен пример од личното служење. Личното служење се состои од секоја наша помисла, од секој наш чекор, од секое дело на нашите раце, од секоја наша воздишка, од секоја наша свесна или несвесна постапка. Со еден збор, служењето на својот ближен е основната состојка на нашиот духовен живот. Поточно кажано, служењето е основната содржина на нашето лично покајание и преумување.

Ете, и нам современите Македонци, како генерација која е настаната по долговековно мачно и свирепо ропство, ни се даде голем Божји дар, а тоа е да запознаеме и да живееме во време на еден наш голем и верен македонски служител. Благоизволи Господ, во срцето на Македонија, во центарот на непокорниот Азот, во Богомила, во селото со огромна духовна традиција, да се роди нашиот возљубен и почитуван владика Петар, кому му беше промислено и од Бога благословено да биде горешт поборник и служител на националната и црковна кауза. Дедо Петар, како еден од втората генерација на македонски православни владици, ги градеше контурите на своето пастирствување, директно и непосредно учејќи од вистинољубивите возобновители на Охридската архиепископија во лицето на афтокефалната Македонска Православна Црква.

Да се биде епископ во тоа време, значело да се има храброста на Јаков, мудроста на Соломон и верата на Авраам. Македонската Црква требало да се обнови и одвнатре и однадвор. Заедно со повоеното македонско православно свештенство, требало одлучно да се застане на патот на агресивната и експанзивна атеизација, но требало и од темел да се изградат црковните институции. Со градењето и возобновувањето на македонските духовни светилишта, паралелно требало напорно и упорно да се работи на собирањето и сплотувањето на раслоената македонска дијаспора. Македонската Православна Црква, и во добро и во зло доба, како мајка закрилница, секогаш била покрај својот македонски народ, штитејќи ги неговите национални интереси и унапредувајќи ги неговите духовни рамништа и христијански капацитети. Македонецот е препознатлив по неговата добродушност и ангелска незлобивост, токму заради тоа што е насаден врз Библиски корени и е накалемен на плодната Христова прачка. Безбројни се македонските народни учители и духовни великани, кои низ вековите копале по браздите на македонските срца, за истите да ги напојат со Христовата жива вода на спасението и кои деноноќно работеле по македонското лозје за да им подарат на идните генерации прекрасен и благороден плод. Уште од Апостол Павле, преку Светите Седмочисленици, па сè до нашите современици, меѓу кои се вбројува и нашиот почитуван Преспанско – пелагониски Митрополит г. Петар, процесот на духовна борба против нечестивиот, процесот на духовно раснење на Македонецот, но и процесот на изградба на македонското општество никогаш не застанал. Токму дедо Петар е личноста, која преку својот труд и духовен напор ја задолжи нашата генерација. Преку неговата самопрегорна работа и овде во татковината, но и во дијаспората, се возобновија и од темел се изградија бројни македонски православни цркви и манастири, во кои се воспитуваа и спасуваа мноштво македонски православни души, но и се раскажа македонската вистина за еден напатен народ со силна вера и трпеливост како планина.

Митрополитот Петар и неговата епископска дејност се синоним за една историска епоха, во која се оствариле идеите на македонската преродба. Во овој период требало да се унапредат придобивките од слободата, но и да се исправат историските грешки кон Македонија и македонскиот народ. Колку е тешка оваа борба, сведоци сме токму ние. Борбата впрочем никогаш не престанала, напротив, и по поминати толку многу години и векови, непријателството кон сè што е македонско и ден-денеска продолжува да го бранува и вознемирува нашето општество. Македонија како библиска земја, сепак низ вековите раѓала неповторливи духовни великани и искрени патриоти, кои преку својата духовна умешност и наобразба, ја чувале и збогатувале богатата македонска духовна ризница, оставена во наследство од нашите славни предци, и така, неосквернета и чиста ја предавале на идните генерации.

Дедо Петар е еден од првенците на нашето време, кој со својата самопрегорна работа на повеќе полиња, активно придонесе во духовната мисија на Македонската православна црква и овде во татковината и во македонската дијаспора. Тој е првиот црковен великодостојник кој проповедаше во посткомунистичка Албанија. Овде, под негово духовно раководство, се покрстија и приведоа во спасоносната христијанска вера над пет илјади Македонци. Со негово залагање, во македонските образовни институции се школуваа новите македонски свештеници, кои откако се вратија во Мала Преспа, заедно, со поддршка на дедо Петар, ја изградија од темел новата христијанска заедница, во која многу македонски православни христијани од овој крај и ден-денеска го остваруваат своето спасение.

Митрополитот Петар, како претседател на одделот за надворешни работи, има дадено особен придонес во духовниот живот, во развојот и напредокот на Македонската Православна Црква. Во негово време се остварени бројни средби, контакти и состаноци со највисоките преставници на речиси сите помесни афтокефални православни цркви. Дедо Петар е исто така претседател на Уставната комисија на нашата црква и во негово време се направени посериозни измени, дополнувања и збогатувања на Уставот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. За време на неговото архипастирствување, под негово духовно раководство, се излезени од печат капитални богослужбени книги како што се Посен и Цветен триод, Осмогласник, Избор на месечни и празнични богослужби, Минеи за месец јануари – декември и други значајни богослужбени книги, кои се неизоставен дел од секојневното богослужење во нашата Света Црква.

Нашата генерација, за време на сите овие 35 години архипастирско служење, го памети дедо Петар како наш наставник во Македонската православна богословија, како професор на Богословскиот факултет, како одличен организатор и духовен отец, но и како горешт и неуморен проповедник на спасоносното Слово Божјо.

Затоа, од името на сите Архиереи, од името на сите оние македонски верници кои посредно, преку личен контакт или непосредно, преку делата на Вашите раце, се сретнале со Вашата извонредна и неповторлива личност, Ви изразуваме огромна благодарност за Вашиот труд и несебична пожртвуваност и Ви посакуваме, од длабочината на нашите души, крепко здравје, добра мисла и многу љубов во годините кои се пред нас. Господ Исус Христос и Неговата Света Мајка, нека Ви бидат закрилници и патеводители во достигнувањето на нови духовни победи и нови духовни радости, кои и тоа како се потребни во овие тешки и несигурни времиња за нашиот напатен и возљубен македонски православен народ.

Долгоденствуј Високопреосвештењејши Владико, на многаја лета!

 

Митрополит Повардарски

Агатангел (Станковски)