Отец Василиј Ермаков секоја недела одел кај отец Серафим Вирицки. Од него излегувала опиплива светлина. Ќе дојдеш кај него, ќе позборуваш за времето, природата, а душата се исполнува како цело Евангелие да си прочитал. Светоста, брате, не се состои во зборови и чудеса. Светоста – е во духот, кој излегува од светителот, и ти го чувствуваш јасно и му се радуваш како дете. Потоа, во тебе паѓа тоа семе, и расте, расте. И ти веќе не можеш да живееш како сите, разбираш? Таа светлина, која тој ја примил од св. Серафим Вирицки, го наполнила неговото срце и сега се распространува на сите, со кои тој комуницирал.
Уште, о. Василиј велел: „Најлошо од сè, е кога христијанинот се превознесува во своето срце над друг човек, се смета себеси поумен, поправеден, подобар. Тајната на спасението се состои во тоа да се сметаме полоши, понедостојни од сета твар. Кога во тебе живее Светиот Дух, тогаш ти ја спознаваш својата недоволност и неубавина и гледаш, дека и најголемиот грешник е подобар од тебе. Ако ти се поставуваш повисоко од другиот човек, значи во тебе го нема Духот, и треба уште многу да работиш над себеси.
Но, самоунижувањето – е исто така лошо. Христијанинот треба да чекори во животот свесен за своето достоинство, затоа што тој – е живеалиште на Светиот Дух. Апостолот така и вели: „Вие – сте храмови на Живиот Бог“. И ако ти робуваш пред луѓето, сеуште си далеку од тоа, да станеш таков храм.
А всушност, нам ни е потребно само искрено, од сето срце и душа да се молиме. Молитвата го привлекува Духот, а Духот отстранува од тебе сè што е туѓо, безобразно, и те учи како треба да живееш и да се однесуваш…“
„Ние мислиме, дека ние – сме најнесреќните луѓе на земјава. Ние сме и сиромашни, и болни, и никој не нè сака, и ништо не ни оди, и сиот свет се кренал против нас. Ќе го заслушаш некогаш некој човек, и ти се чини, пред тебе стои многустрадалниот Јов. А го гледаш – убав, румен, добро облечен. Ни велат: малку има образовани христијани. А што е образованието по христијански? Тоа воопшто не е она, што е образованието во институтите и академиите. Тоа е кога после трудовите на пост, смирение и молитва, Духот Свет се вселува во човечкото срце и образува ново суштество… Се сеќаваш на зборовите на апостолот: „Подобро да не се крстевте…“? Тоа – се страшни зборови, кои во многу работи се однесуваат на нас. Зошто? Затоа што, надворешно, ние ги разбираме православните обреди, а внатре остануваме истите, кои сме биле до крштението или обраќањето – завидуваме, лажеме, чувствуваме омраза кон ближните, осудуваме, и најважно, нашето срце сеуште не се одлепило од овој свет, и не се прилепило кон Господа. Ние ѝ веруваме на својата алчност, не на Бога; им веруваме на своите похоти, а не на заповедите Господови. Ние знаеме дека она што е од плот, може да се допре, да се види со обични очи, а тоа што е од Духот, ние како глуви и слепи, не го разбираме. А без тоа, христијанството нема никаква смисла.
Ние, лукавите, се обидуваме да го приспособиме христијанството на овој свет, за нашата вера да биде слугинка на нашиот беден живот, за да ни биде удобно и комфортно. Само што нашиот духовен живот – е тесен и неудобен пат. Тука, извинете ме, но треба кожата од себе да ја соблечете, и не само една, затоа што гревот проникнал во нашата природа, и божественото станало за нас противприродно. Затоа и е потребен крстот, секому е потребна своја Голгота, да умре во страдањата на гревот и да воскресне во радоста на духот. Тоа, секако, не значи дека треба да се измачуваме. Треба да ги примаме сите маки и болести кои нè снаоѓаат со благодарност, а не со роптање. Ако избегаш од ударите, ќе останеш неоформено парче метал, а ако потрпиш – ќе бидеш прекрасно дело на Божјите раце. Затоа, трпи брате…“