На 16.04.2015 година, пред празникот на Живоносниот извор на Мајката Божја, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во манастирот „Св. Преображение“ во Зрзе го замонаши братот Наум, давајќи му го името Никита. Бог да го поткрепи во подвигот!
Господи, дај ми единствено Тебе да Те љубам.
Ти ме создаде, Ти со светото крштение ме просвети, Ти ми ги простуваш гревовите и ми даваш да се причестувам со Твоето пречисто Тело и Крв. Дај ми и сила секогаш да пребивам во Тебе.
Господи, дај ни го Адамовото покајание и Твоето свето смирение.
Тагува душата моја на земјата и копнее по небесното.
Господ дојде на земјата за да нè возведе онаму каде што пребива Он, Неговата Пречиста Мајка Која Му послужи на земјата за нашето спасение, Неговите ученици и следбеници.
Господ нè повикува таму, без оглед на нашите гревови.
Таму ќе ги видиме светите апостоли кои се во слава заради проповедта на Евангелието. Таму ќе ги видиме светите пророци и светиите – учителите на Црквата. Таму ќе ги видиме преподобните кои ја смируваа својата душа подвизувајќи се со пост. Таму се прославуваат јуродивите заради Христа затоа што го победија светот.
Таму ќе бидат прославени сите оние кои се победија себеси, кои се молеа за целиот свет и ги носеа на себе неволјите и страдањата на целиот свет, бидејќи ја имаа во себе љубовта Христова, а љубовта не може да поднесе да загине макар и една душа.
Таму сака да се всели душата. Но, ништо нечисто не влегува таму каде што се доаѓа преку големи страданија и преку скрушеноста на духот и преку многуте солзи. И само децата кои ја имаат сочувано благодатта на светото крштение преминуваат таму безболно. И таму преку Светиот Дух Го познаваат Господа.
(Свети Силуан Атонски – Тага по Бога)