За спасението – старец Пајсиј Светогорец

– Оче, некои се сигурни дека ќе се спасат, а други се сомневаат. Кое е правилното решение?

– Целта е човек да ги пази Божјите заповеди. Духовниот човек треба да стигне до таква состојба, што дури и Бог да не му даде рај, тоа да не го збуни. Треба добро да разбереме, дека денес сме живи, а утре може да заминеме и треба да се погрижиме како ќе одговориме близу до Христа.

Оние, кои успеале преку Божјата благодат да ја спознаат суетата на овој живот, го добиле најголемиот дар и немаат потреба да го добијат дарот на прозорливост, за да ја видат иднината, зашто доволно е човек да предвиди и да се погрижи за спасението на својата душа и да ги преземе најдобрите мерки за своето спасение. Гледаш, дека и Христос рекол: „Колку вреди една душа, толку не вреди ни целиот свет“ (види Мт. 16, 26). Колку е голема цената на душата! Затоа, спасението на душата е нешто големо!

– Оче, дали тоа значи, дека човек не треба да има надеж за спасението и страв од вечните маки?

– Ако има надеж на спасение, нема да стравува од вечните маки. А за да има човек надеж на спасение, тоа значи, дека во животот, малку или многу, има некаков поредок.

Бог нема да го остави оној човек, кој се подвизува со благочестие според своите сили и не е наклонет да врши безчинства, туку во текот на борбата де победува, де бива победен. Ако тој има барем малечка желба да не Го огорчи Бога, ќе влезе во рајот „сосе чевли“.[1] Благиот по природа Бог, ќе го пикне во рајот на еден „скандален“ за сите начин. Ќе промисли душата да му ја земе во час, кога тој се кае. Може цел живот да се бори, но Бог нема да го остави. Ќе го земе во најпогодниот момент. Бог е добар, сака сите да се спасиме. Ако требаше да се спасат само малкумина, тогаш зошто Христос се распна на крст? Вратата на рајот не е тесна. Низ неа можат да поминат сите, кои се наведнуваат смирено, и не се надуени од гордост, доволно е да се покајат, т. е., да ги дадат своите гревови на Христос и тогаш лесно ќе поминат низ вратата. Освен тоа, го имаме и оправдувањето, дека сме од прав, а не од дух како ангелите. Но сепак, нема да имаме никакво оправдание, ако не се каеме и не се приближуваме кон Спасителот со смирение. Разбојникот на крстот кажа само едно „прости“ и се спаси (види Лк. 23, 40-43). Спасението на човекот е прашање на секунди, а не на минути. Човек може да се спаси со една смирена помисла, а ако прими една горда помисла, губи сè. Треба да се спасиме, ако не за друго, само заради љубочестието[2]. Нема поголема болка за Бога од тоа, да го гледа човекот во адот. Мислам, дека ако имаме благодарност кон Бога за многубројните негови благодејанија кон нас, ако смирено и со љубов се однесуваме кон Неговите образи, т. е., нашите собраќа, и се подвизуваме по малку со љубочестие, ќе биде доволно за да чувствуваме покој во душата – и во овој, и во другиот живот. [3]

Старец Пајсиј Светогорец

 

[1] Т.е., сигурно.

[2] Љубов кон доброто.

[3] Се подразбира, дека зборовите на Старецот се однесуваат кон православни верници, кои се подвизуваат и учествуваат во Тајните на Црквата.

 

Извадок од „Духовно будење“

Извор: https://prespanski.wordpress.com