ЗА СЛУЖЕЊЕТО НА СВЕТА ЛИТУРГИЈА ВРЗ ПЛАШТАНИЦА НА ВЕЛИКА САБОТА – Панајотис Скалцис, професор по Литургика на Аристотеловиот Универзитет во Солун

Последните години во храмовите од некои митрополии на Грчката Православна Црква [како и во некои мирски храмови и манастири во Р. Македонија] се појави [нова] пракса светата Литургија на Велика Сабота да се служи (надвор од светиот олтар) во дрвеното кувуклио [каде што е поставена светата] Плаштаницата во средината на храмот.

Во таков случај денешниот епитаф украсен со цвеќиња поставен во солеата или во средината на храмот припомнува на Светата Трпеза, бидејќи над Плаштаницата се положува антимис. Светите Дарови се изнесуваат од жртвеникот (и се полагаат врз антиминсот и плаштаницата која е поставена врз епитафот), а свештениците се свртени кон народот и Литургијата на свети Василиј Велики што започнува со Вечерната се служи надвор од Светиот Олтар.
Овој обичај од една страна се определува како „добра служба“ и „убава практика“ која што ја потврдува формираната врска на „Епитафската целост со Светата Трпеза,“ а од други се оспорува и определува како нов и непознат обичај во нашата литургиска традиција, и како плод на „творба од свештенослужители – како последица на предизвиканите чуства од сентиментална воодушевеност.“ Блажено упокоениот професор по Литургика Јоанис Фундулис ова го опишува како последица на „помешани работи“ што произлегле поради симболични толкувања на Плаштаничниот посмртен Христов кревет (масата за оплакување на Христа) и Светата Трпеза, која што според свети Симеон Солунски е „гробот Христов и Неговата слава се нарекува дом.“
Одговорот на горе наведениот проблем (или за тоа како треба правилно да се постапи), може да се најде во научно истражувачките историски факти за развојот на Плаштаницата и нејзината литургиска употреба, и развојот на овој чин според Вечерната Служба на Велики Петок кога се случува симнувањето од Крстот (чинот изнесување на Плаштаницата), и според чинот од утрената на Велика Сабота на чиј што крај со мртвото Христово тело се прави литија и над Светата Трпеза сликовито се случува Неговиот погреб.
Согласно со Типиците пред XIII век, на стиховните стихири од Вечерната на Велики Петок немало литија со Плаштаница. Свештеникот излегувал, носејќи го на рамото Светото Евангелие, како што Христос го носел Крстот. Евангелието завиткано со Воздухот, „горниот покровец“ како симбол на посмртната плаштаница Христова, било поставено за поклонување на приготвената маса во средината на Храмот без да претходи чинот на симнување од Крстот (т.е. чинот на изнесување на Плаштаницата). Во следните векови има сведоштва дека свештеникот „облечен во целосно свештено одејание, на Трисветото излегувал (како вообичаено), одејќи полека со Светото Евангелие држено на неговото рамо, завиткано со Воздухот.“
Точно од овој период (значи од XIII век) се случува една многу значајна промена со Воздухот кој дотогаш од една страна се употребувал чисто од практични причини (поради неговата тенка изработка – да се покриваат Чесните Дарови на Светата Литургија, затоа е наречен „облак“, или „покровец“), а од друга страна, да се завитка Светото Евангелие, како што веќе спомнавме погоре, според укажувањата на типикот од Вечерната на Велики Петок. Неговата симболика како на посмртен чаршав и неговата улога како завеса „на камениот гроб што го подарил Јосиф,“ доведило до тоа на него да се наслика мртвиот Христос, но и други личности или настани кои се поврзани со оплакувањето, жртвата и смртта на Господа.
Од горе наведениот развој може да забележиме дека Воздухот постанал Плаштаница „Како што го означува и небото на кого е ѕвездата, а и платното (погребно); заради тоа се нарекува и надгробен и многу пати се однесува на Исуса миросан во гроб,“ та затоа употребата на Плаштаницата била двојна. Најпрво се излегувањето за време на Великиот Вход, го симболизирало „образот на Христовиот мирски живот до неговото погребение.“ Ова се случувало се до XV век, кога Воздухот се враќа во неговата стара едноставност. Во сослужувањaтa ѓаконите го носеле на главата „имајќи го како свештен убрус каде што во празнината бил насликан умрениот Христос.“ Кога служел еден свештеник Воздухот (Плаштаницата) бил носен исто како денеска (на рамењата од свештеникот) според примерот на литијата од Велики Петок.
Освен на Великиот Вход, Воздухот – „благодарствената“ Плаштаница станува самостојна (позната до денес), која што се заменува со Евангелието според литијата од Вечерната на Велики Петок и од тип на чаршав „сега веќе постанува мртвото тело Христово.“ Исто така е познато дека по падот на Константинопол, обичната маса, каде што се поставувале Светото Евангелие и Плаштаницата, се заменува со комлексот што го гледаме) денеска со облик на кувуклио, најверојатно според влијанието на балдахинот од Светата Трпеза или на кувуклиото од Светиот Гроб.
Така Епитафот го симболизира гробот Христов и поставувањето на Евангелието и Плаштаницата во него се смета како погробен чин на телото Господово.
Секако, појавувањето на Епитафот во денешниот негов облик не се задржал секаде. На пример во славјанската традиција и на Света Гора станува збор за поставување на Евангелието и Плаштаницата во „приготвениот одар за поклонување и целивање, а не во „приготвеното кувуклио [украсено со цвеќа].“
Сепак силната симболика (на епитафот) како гроб Христов, најверојатно допринесла за оправдаността и служењето на светата Литругија на Велика Сабота над Плаштаницата (надвор од светиот олтар), а поради пастирски причини истата најверојатно е преместена наутро, но ја сочинува Литургијата на Пасхалната панихида.
Во секој случај ваквиот развој, кој за среќа нема опфатено големи димензии и не станал правило, нема никаква историска оправданост. Ваквиот начин на служење во некои епархии доведува до смут, каде што согласно со литургискиот чин и толкувањето на богослужбените чинови, гробот Христов не е кувуклиото од покасно формираниот Епитаф, а Светата Трпеза . Таму (на Светата Трпеза) „се погребува“ (мртвиот Христос) при крајот од утрената на Велика Сабота, со вообичаената литија (т.е. изнесување на Плаштаницата надвор од храмот). После литијата свештениците со Плаштаницата влегуваат во Светиот Олтар пеејќи го тропарот: „Благобразниот Јосиф“, и кадејќи кружат околу Светата Трпеза. Кога ќе стигнат до погребното полагање опишано во текстот на тропарот, свештениците ја положуваат Плаштаницата над Светата Трпеза.
Според горе приложените факти, теолошки оправдано и литургиски точно е Светата Литургија на Велика Сабота да се служи на Светата Трпеза (во олтарот), а не надвор од него со антимис положен врз кувуклиото. Вториот случај колку и да ги воодушевува верниците, нема никаква историска и литургиска основа. Тој е во судир со смислата и литургиската улога на Плаштаницата, која што (после литијата) веќе се наоѓа внатре во Светиот Олтар. Во секој случај праксата да се служи Литургија надвор од Светиот Олтар претставува една нова и нетрадиционална појава несвојствена за богослужбената традиција.

Превод од грчки: Александар Петкоски

(За целосен преглед на документот, заедно со фуснотите, го приложуваме оригиналот)

СЛУЖЕЊЕТО-НА-СВЕТА-ЛИТУРГИЈА-ВРЗ-ПЛАШТАНИЦА