Кога ја извршуваш молитвата, правилото, особено по книга, не преминувај од збор на збор, без да ја почувствуваш вистината, без да си ја примил во срцето, туку направи и постојано приложувај труд да ја чувствуваш со срцето вистинитоста на она, кое го читаш.
Срцето ќе ти се спротивставува – некогаш со мрзеливост и окаменета бесчувствителност кон она, кое го читаш, некогаш со сомнеж и неверие, со некаков внатрешен оган и теснота, некогаш со расеаност и отклонување кон некакви земни предмети и грижи, некогаш со напомнување на навреди од ближниот и со чувство на одмазда и омраза кон него, некогаш со претставување на светски задоволства или со претставување на задоволството од читање на романи или други светски книги – но ти не биди самољубив и победувај го срцето свое, дај го на Бога како пријатна жртва: Синко, дај Ми го срцето свое (Изрек. 23, 26), и молитвата ќе се роди, ќе те соедини со Бога и со целото небо, и ќе се исполниш со Духот и со Неговите плодови: правдата, мирот и радоста, љубовта, кротоста, долготрпението, срдечното умиление.
Сакаш побрзо да го завршиш молитвеното правило, за да си дадеш одмор на умореното тело? Срдечно помоли се и ќе заспиеш со најспокоен, тивок и здрав сон. Не брзај да се помолиш надве-натри – за половина час молитва ќе спечалиш цели три часа сон. Брзаш за на работа? Стани порано, не се успивај – и помоли се усрдно – и ќе добиеш спокојство, енергија и успех за целиот ден.
Срцето ти се стреми кон дела на житејска суета? Сопри го. Сокровиште нека не му биде земната суета, туку Бог. Најмногу научи го срцето да се прилепува преку молитвата кон Бога, а не кон суетата на светот, та да не се посрамиш во дните на болеста своја и во часот на смртта како богат со светска суета и беден во верата, надежта и љубовта. Ако не се молиш така, како што реков, нема да имаш успех во животот, верата и разумот духовен!
Од книгата Мојот живот во Христа, св. Јован Кронштадски
Извор: Православен свят