Ние сме повикани, да се сакаме еден со друг. Љубовта започнува од оној момент, кога гледаме во човекот нешто толку скапоцено, толку светло, толку прекрасно, што вреди да се заборавиме себеси, да заборавиме на себеси, и да го предадеме сиот свој живот – ум, срце на тоа, за на тој човек да му биде светло и радосно. И тоа не мора да биде само обична, земна радост, тоа може да биде нешто поголемо. Во односот кон Бога, на пример, ако велиме дека Го сакаме, ние треба да си го поставиме прашањето: дали Тој е најголемата вредност во нашиот живот? Спремен ли сум да живеам така, Тој да се радува со мене? Способен ли сум да го завртам својот поглед од себеси, и само на Него да мислам? Тоа не значи, да не мислиш на ништо друго, но да се размислува така, што Тој би се радувал и од нашите мисли и од последиците од нив…
Во однос на човекот, истото го вели и Евангелието: толку да се сака човекот, што и животот свој да се даде за него. Во војна е јасно: ти излегуваш во борба, и тебе може да те убијат, за да го спасиш другиот. Се сеќавам на еден мој другар, кој беше многу висок и широко граден, и секогаш се жалеше, зашто тоа постојано го обрнуваше вниманието на луѓето кон него. А за време на војната, од едниот крај на фронтот на другиот, тој ми испрати писмо: дури сега сфатив зошто Бог ме создал толку висок и широкоград: кога стрелаат, двајца можат да се скријат зад мене… Тоа беше кажано како со насмевка, но колку љубов треба да се има, за да се застане меѓу куршум и човек, кого можеби не го ни знаеш, но кој има мајка, жена, деца, кои ти можеш да ги спасиш…
И во животот можеме исто така да застанеме меѓу бедата и човекот, дури и непознатиот за нас човек, дури пред човек, за кого не знаеме ништо – освен тоа дека му е потребна помош; да живееме така, да би биле заштита за другиот, никогаш друг да не би раниле, да бидеме вдахновение за другите, да бидеме радост за другите… Да пробаме така да поживееме, во простота, без да ги усложнуваме работите; да размислиме за сите, кои нè опкружуваат, најпрвин за најблиските, кои толку често се жртви на нашето себељубие, егоизам, сконцентрираност на себеси. А потоа, да го рашириме својот светоглед, да погледнеме и на другите луѓе, кои се околу нас.
Се сеќавам, имавме една жена во парохијата, која на сите им беше камен за сопнување, тежок човек; многумина не ја разбираа, затоа што не ја знаеја. Четиринаесет години таа била затворена во концентрационен логор, излегла од него пред четири години, и во неа останал, ако може така да се каже, животниот страв. Ако некој ѝ се приближеше од назад, таа реагираше со крик и ужас. Се сеќавам, како една благочестива жена ми рече: Колку време треба да ја трпиме? – Јас ѝ реков: Првите 25 години ќе биде тешко, а потоа ќе биде радосно… Така и се случи. Додека почина, сите ја засакаа.
Да размислиме за тоа, и да се научиме да љубиме вистински, со отворено срце, со радост за тоа, што може секому да му принесеме радост и сила, кога има слабост, или вдахновение, кога нема во животот ништо за што би живеел. Амин.
Митрополит Антониј Сурожскиј
Извор: http://www.pravmir.ru/rozhdestvenskij-post-o-lyubvi/