На 21.05.2015 г, кога го празнуваме Вознесението на нашиот Господ Исус Христос, и исполнувањето на нашето спасение, митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, отслужи божествена Литургија во храмот посветен на Вознесението, село Брусник, Битола.
На небото, преку Своето Вознесение, Христос му подготвил место на човекот. Тој рекол, дека во домот на Неговиот Отец „има многу соби“ и дека „подобро е“ Тој да отиде и да им подготви место на верните и на оние кои Го љубат, за и тие да бидат таму, каде што е Он (Јн. 14, 2-3; 16, 7). За ослободување на човекот од земните страсти и воведувањето во горните обители, Господ претрпел смрт, воскреснал и се вознел на небото. После Неговото вознесение, спасението на човекот продолжил да го извршува Светиот Дух, испратен од Него во светот, Кој очистува од гревот, и му дарува живот на духовниот човек. Пребивајќи отпрвин со луѓето во тело, за да ги воведе во општење со Бога, најпрвин видливо, Христос по Воскресението им се јавува на учениците само повремено, и во тело, веќе продуховено, правејќи премин од видливо општење во духовно. По Вознесението пак, Тој ги воведува луѓето во духовно општење со Себе, во Светиот Дух. Тоа е тајната на радоста на светите апостоли после Вознесението Господово, причината, заради која тагата од разделбата со Господа се претворила во голема радост на вечно духовно општење со Него, во Светиот Дух. Преку верата, таа радост влегува во срцата на оние кои го љубат Христос, како што влегла во срцата на апостолите.
Да го прославиме Христос, кој ни ветил и по Вознесението да пребива со нас до крајот на вековите, да продолжи да нè гледа, слуша, да ни се јавува себеси на различни начини, оставајќи видливи, допирливи траги од Своето невидливо присуство во нашиот живот, правејќи сè ново во него (Откр. 21, 5).
Свети Тадеј Успенски