Пред Твоите очи илјада години се како вчерашен ден, што поминал (Псал. 89, 4)
Си бил некој монах во еден манастир и се прашувал: „Како можат да поминат илјада години како еден ден?“ Толку е убаво во Рајот и толку е големо блаженството што илјада години се како еден ден.
Монахот бил црковник и водел возвишен живот. Тој ѝ се молел на Пресвета Богородица неколку години: „Мајко Божја, моли му се на Спасителот Христос да ми покаже како илјада години поминуваат како еден ден? Зашто знам дека овие слова на Светиот Дух се вистинити“. Се молел три години и Бог му покажал.
По ноќното богослужение монахот останал сам во црквата и го читал акатистот на Пресвета Богородица. Клучевите ги држел во раката, а паната ја држел преку рамената. Одеднаш во храмот влетал еден орел и застанал на иконостасот. Но, бил толку убав каков што никој дотогаш не видел во својот живот. Бил во илјадници бои, имал црни очи и гледал низ црквата. Секој пердув бил како скапоцен камен.
Монахот, кога го видел орелот дека застанал на иконостасот, заборавил да се моли и размислил: „Ќе се обидам да го фатам! Бидејќи ако го фатам не ќе ми треба друго богатство на оваа земја! Па макар и само еден пердув да земам!“
Скокнал по орелот, но орелот одлетал во средината на црквата. Изгледало дека не може да лета. За малку монахот ќе го фател, но орелот одлетал во припратата.
„О, жалостен јас! Помогни ми, Господи, да го фатам!“- рекол. Но штом ја ставил раката врз него, орелот полетал, но ниско и така одлетал од црквата и застанал на оградата. Штом се залетал монахот да го фати орелот одлетал кон шумата. Монахот ја прескокнал оградата, велејќи:„Господи, помогни ми да го фатам!“ И за малку да го фати, орелот одлетал на некоја ливада. „Господи, не ме оставај. Барем еден пердув да земам!“ – се молел монахот. И кога се обидел повторно да го фати, орелот одлетал на една елка. Тогаш монахот почнал да плаче: „Господи, не бев достоен да земам ниту еден пердув“. И гледал кон орелот: „Господи, Господи колку убава птица! Никогаш не сум видел толку убава птица!“
Но, одеднаш орелот започнал да пее некоја песна која овој монах никогаш не ја беше слушнал на лицето на оваа земја. Тоа бил ангел во лик на орел, но тој тоа не го знаел; и застанал и го гледал орелот, кој му пеел 355 години.
Мислејќи дека поминало само еден час, монахот за сето време ниту остарел, ниту се уморил, ниту огладнел, ниту ожеднел, и никој не го забележал.
Одлетал орелот, а монахот ги држел клучевите при себе, кога одеднаш се сетил: „Ох, жалостен јас, не ја зедов паната, а црквата остана отклучена, ќе одам да ја заклучам црквата“.
Стигнал во близина на манастирот, а клучевите ги држел во раката, но манастирот не го препознал, црквата била поинаку препокриена, а ќелиите биле изменети. Си помислил во себе: „Господи или ме напушти умот, или, пак, овој манастир не е нашиот“. Знаејќи дека се задржал само еден час, отишол кај чуварот со клучевите во раката.
Гледајќи старец со бела брада, со блескаво лице, тој му рекол:
– Благословете оче! Кој пат ве води ваму?
– Синко, одам да ја заклучам црквата.
– Но, од каде си?
– Одттука, од манастирот.
– А каде беше?
– Тука, во близина.
– Оче, ти не си од нашите.
– Не ме препознаваш, синко, јас сум од оној монах црковникот и одам да ја заклучам вратата!
– Почекај оче, да одам да му јавам на игуменот.
Но игуменот сонил сон во кој го добил следното откровение, некој глас кој три пати се јавувал: „Отворете ги капиите на манастирот, за да влезе гулабот Господов!“
– Оче, дојде некој старец со блескаво лице и вели дека сака да ја заклучи вратата на црквата бидејќи бил црковник.
– Отвори му синко, бидејќи ова е голема тајна! Дојди со него кај мене.
Кога стигнале кај игуменот, тој го запрашал старецот:
– Оче, дали ме познаваш?
– Не.
– Дали го познаваш манастирот?
– Повеќе не го познавам. Црквата ја познавам, но и таа како да не е истата. Беше поинаку препокриена.
– Но, каде беше до сега?
– Тука бев, во шумата.
Игуменот наредил да се соберат сите монаси, целиот собор кој броел околу 300 монаси. Потоа го одвел овој монах на средината од црквата, го оставил пред иконостасот за да можат да го видат сите калуѓери и го запрашал:
– Оче, од сите овие монаси, дали познаваш некого?
– Нека е жив Христос, никого не познавам. – одговорил.
– Вие дали го познавате овој монах? – ги запрашал игуменот монасите.
– Не го познаваме – одговориле сите.
– Оче, ако велиш дека си излегол пред еден час, кој беше игумен кога замина? – го запрашал старецот.
– Ава Иларион.
– Кој беше еклисијарх?
– Ава Амвросиј.
Кој беше економ?
– Ава Кириак.
Кој беше ризничар?
– Ава Геронтиј.
Тогаш игуменот рекол:
– Голема тајна се открива меѓу нас. Нека дојде задолжениот монах за архива. И му рекол: „Оди донеси ја манастирската архива, наназад неколку стотина години и побарај кога бил овој ред на монаси“. Барал наназад за 50 години, за 100 години, барал за 200 години, за 300 и не пронашле. И побарале наназад за 355 години и пронашле некои списи, изедени од молци, стари и заборавени на таванот од манастирот. Кога почнале да читаат, почнале да ги наоѓаат.
– Оче, кога замина?
– Мора да има околу еден час и повеќе.
Оче, но за што Му се молеше на Господа?
– Одамна се молам и читам молитви на Пресвета Богородица за да ми го покаже Спасителот она што го пишува во Псалтирот: „Илјада години пред Твоите очи, Господи, се како вчерашниот ден што минува!“
– Оче, еве Пресветиот и предобар Бог те удостои та ја услиши твојата молитва. Не сакаше да веруваш, но сега ќе поверуваш, сакаше да се увериш. Еве, откако си заминат поминаа 355 години!
Старецот почнал да плаче. Игуменот му одговорил:
– Погледни оче, бидејќи Господ ти го покажа чудото за кое со вера се молеше. Ако 355 години ти се сторија како еден час, веруваш ли сега дека илјада години пред Господа се како еден ден?
– Верувам, оче!
Тогаш игуменот му заповедал на некој свештеник да го облече брзо одејанието, да ги донесе Светите Тајни и да го причести старецот пред сите.
Старецот ги примил Светите Тајни и рекол:
– Отци да ми простите, оти големо чудо се случи врз мене.
Лицето му се осветило како сонцето. Побарал од сите простување и се упокоил во црквата.