Уште од детство, сум го слушнал изразот „неверниот Тома“. Така со прекор му велеа на оној, кој не веруваше на сосема веродостојни вести. Имаше дури и песна за пионерот Тома, кој никому не верувал, вклучувајќи ги и луѓето, кои го предупредувале за опасности, а на крај го изел крокодил. Накратко, Тома беше симбол на упорно неверие. Тогаш, јас не знаев ништо за апостолот, по чие име започнал тој израз, а кога дознав повеќе, сфатив, дека тој претставува сосема нешто друго.
Во Евангелието има доста луѓе, кои го изразуваат своето неверие и бараат докази. Господ ги одбива. Тома бара докази – и ги добива. Зошто?
Затоа што неверието може да биде различно. Некогаш, човекот не може да верува – за него, Благата Вест е премногу блага, премногу добра, за да биде вистинита: „Тоа, секако, би било добро: Бог, Кој нè љуби, готов да прости, утеши и да дарува вечен живот, но тоа се само утешителни фантазии, а во реалноста – изгубеност, бесмисленост, болка и смрт“. Има и друго неверие: кога Благата Вест и не изгледа блага, и човекот настојува, како Антихристот кај Соловјов: „Не воскресна! Не воскресна! Скапил, скапил во земјата!“ Веста за тоа, дека Исус е Господ и Спасител, нему му изгледа страшно неудобна, непријатна, длабоко огорчувачка – и тој јаросно сака, тоа да биде лага. Таквиот човек, како и евангелските фарисеи, бара знаци, токму за да не ги добие. Тој не планира да верува во секој случај.
Неверието на Тома – е од првиот тип. Тома изгледа како песимист. Во тажните, страшни вести тој верува веднаш, и без искушенија, а во радосните – не. Кога Господ зборува за тоа, дека ќе биде убиен, апостолите бараат да им даде да седнат од левата и десната страна на Неговата слава – како воопшто да не разбираат, за што станува збор.
И од сите ученици, колку што можеме да видеме од текстот, само двајца Му веруваат вистински и буквално. Јуда, кој почнал да си бара можности да ја напушти таа опасна (и осудена на пропаст) група, и истовремено да ги поправи своите финансиски работи, и Тома, кој после некое време, вели: „Да појдеме и ние да умреме со Него“ (Јн. 11, 16).
Тој веднаш верува во смртта – и се сомнева во Воскресението, но не си заминува и не предава. Тој е спремен да отиде и да умре со Исус. Не очекувајќи победа, не очекувајќи слава, не очекувајќи воопшто ништо добро. Едноставно, кога веќе Господ треба да умре, треба да се оди и да се умира со Него. Тоа, исто така е вера – но не радосна увереност во победа, туку подготвеност да се чува верноста и да го следи Господ Исус секаде, дури и кога јасно пред себе се гледа смртта.
Во сказната на К. С. Луис „Сребрениот Трон“ Лужехмур ѝ одговара на вештерката, која владее во подземниот свет:
„Можеби е и вистина, сè ова што го кажавте. Нема да се зачудам. Јас лично, сум со оние, кои секогаш се спремни за полошо. Така што, нема да спорам со вас. Но сепак, една работа морам да ја кажам. Да речеме, дека навистина во сон ги видовме, или измисливме дрвата, тревата, сонцето, месечината и ѕвездите, па дури и самиот Аслан. Да речеме. Во тој случај, принуден сум да кажам, дека нашите измислени работи се далеку поважни од реалните. Да претпоставиме, дека оваа мрачна дупка – вашето кралство – и е единствениот свет. Во тој случај, тој е многу беден! Смешно. И ако размислиме, излегува многу забавно. Ние, можеби, сме и деца, кои сме се заиграле, но излегува, дека играјќи, сме измислиле свет, кој во секој поглед е подобар од вашиот, вистинскиот. И затоа, јас сум за тој измислен свет. Јас сум на страната на Аслан, дури и вистинскиот Аслан да не постои. Јас ќе се трудам да живеам, како нарниец, дури и да не постои никаква Нарнија. Така што, благодариме за вечерата, но ако овие двајца џентелмени и младата дама се спремни, ние верднаш ќе го напуштеме вашиот замок и ќе заминеме низ темнината во потрага по Надземјето. На тоа и ќе го посветиме својот живот. И дури ако тој биде краток, загубата не е голема, ако светот – е толку бедно место, како што го опишавте“.
Апостол Тома, секогаш е спремен за најлошото: „Христос не воскресна, жените мироносици бладаат, апостолите – по нивните стапки, но тој не Го предава и не заминува. Тома – и тоа е многу важно да се забележе – останува со учениците. Затоа, неговото неверие – е од сосема друг вид, отколку од неверието на фарисеите.
И Христос одговара на сомнежите на Тома – му се јавува лично. И Тома веднаш воскликнува: „Господ мој и Бог мој!“.
Господ му одговара со зборовите: „Ти поверува, затоа што Ме виде; блажени се оние кои не виделе, а поверувале“ (Јн. 20, 29).
Некогаш, луѓето велат: „Јас немам вера“, имајќи го во предвид токму тоа, дека го немаат радосното доживување на присуството Божјо, ликувачка увереност во тоа, дека Христос навистина воскресна… Тие едноставно лесно паѓаат во песимизам. Но, примерот на Тома покажува, дека таму, каде што човекот прави избор да биде со Христос, да Го следи, да остане со Неговите ученици, дури и ако нема никаква увереност – Христос Сам доаѓа, за да му ја даде верата. И блаженството на тие луѓе е посебно големо, кога ќе решат да поверуваат, без да видат.
Сергеј Худиев