Утеха во тагата – преп. Макариј Оптински

Премилостивиот Господ, љубејќи нè нас и сакајќи да нè спаси и зачува, за да не залутаме, да не бидеме робови на своите страсти, ни испраќа различни таги, болести и беди, за на тој начин, ние, сфаќајќи ја нашата суета и не наоѓајќи утеха, да се обратиме кон Него, врвот на нашите желби.

Нашето срце, рането од различните опасности и таги, несвесно умира за светот, т.е. за страстите, барајќи утеха во подобро. Тагата го предизвика срцето да умре за светот, односно за похотливоста, љубовта кон парите, славољубието. Душата, уплашена од бучните искушенија, ита кон Бога со смирение, барајќи да се скрие од болката на тагата, под заштита на Неговата Промисла; така очистена, со чисти мисли за Него доаѓа до познание на себеси, во осаменоста го гледа ужасот од своите гревови и почнува со плач, кој претставува врата кон најдлабоката точка во животот на новиот човек. Ние, во нашата лудост, се сметаме за среќни и на врвот на среќата тогаш кога ќе здобиеме богатство, чест, слава и почит; но Бог знае што е подобро од нас.

Кога Он гледа дека состојбата на нашите души е оштетена од страна на подемот на овие работи, тогаш ни ги зема овие благослови, како мудар Татко, Кој одбива да му даде на Својот син штетни, наместо полезни работи.

И како што се добри работите од овој свет, самите по себе се штетни за нас, неблаготворни, бидејќи нè водат во раскош, или гордост, ако ние ја положиме нашата надеж на нив, а потоа Господ ќе ни ги одземе, во Неговата милост кон нас, за да не загинат нашите души; токму затоа ние мораме да Му се заблагодариме на Господ за Неговата трпеливост.

Можам да ви кажам, со сигурност, дека сте на патот на спасението, кога ќе ве посети тага. Постои крст за секој христијанин, и секој е уникатен. Кога нашиот Господ Исус Христос, Царот на славата, го зеде нашето тело, пострада за нашето спасение, дури до смрт на Крст, оставајќи ни пример, дека ние би можеле да Го следиме во Неговите чекори и покажувајќи ни, рекол: Ако некој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе својот крст и нека Ме следи. Што е крстот, ако не и тага, која ни ја испрати Божјата Промисла, на секого од нас, според силата што ја поседуваме за неговото носење?

Гледаме дека Божјата благодат, постојано работи за наше добро; ни испраќа тага, така што ние, кои живееме во утеха и без грижа, да не станеме подуени со суета и самозначење, бидејќи тоа се стрели на непријателот, кои можат да нè погодат одеднаш; дури и да не забележиме кога се втурнати во срцето. Но, тагата нè прави смирени; затоа светиот пророк Давид извикавал кон Бога: Добро ми е што бев понижен, … Пред моето страдање бев застранил, …

Ние мора да ги прифатиме страдањата како испратени од Бога, како тест за нашата вера или казна, и ние не смееме да роптаме и плачиме, чувствувајќи дека тие ќе ни го уништуваат расположението; ние не смееме да ја обвинуваме нашата тага, туку да се обвинуваме и се прекоруваме себеси за нашата малодушност, бидејќи преку тоа се добива смирение. Кога ќе ги прифатиме нашите таги, малодушно, и кога ние се распаѓаме под нивната тежина, ние само се лишуваме од плодовите на страдањето.

Мора да веруваме дека ниту една несреќа не може да се случи, ако Господ не дозволи. А, Он дозволува тага од љубовта кон нас. Значи, ако сте ја прифатиле вашата тага како казна, тоа покажува дека не сте лишени од љубовта Божја, како што свети Павле напишал: Сине мој, не презирај ја казната од Господ и не биди малодушен кога те казнува, зошто Господ го казнува оној кого што го сака; го кара секој син што го прима. Ако трпите казна, Бог со вас постапува како со синови. Зашто кој е тој син кого таткото не го казнува? Ако, пак, останете без казна, во која сите станаа соучесници, тогаш сте незаконски деца, а не синови.

Гледаш, кога сме казнети, тогаш како деца се вртиме кон Господ, а ако ние немаме казни, тогаш стануваме како сурогати, а не како вистински деца. Значи, кога ќе имаш тага, тогаш знај дека Господ не те заборавил и дека Он мисли на тебе; и можеш да бидеш сигурен дека нема да ти испрати повеќе искушенија отколку што можеш да поднесеш, и дека заедно со искушението, испраќа и помош. За тагите, кои ти дошле, не обвинувај некој од оние што те навредуваат, зашто Господ, е Оној Кој казнува сè, а луѓето се само Божји орудија, преку кои Он работи.

Прифати го тоа со вера и надеж, и принеси ја својата благодарност кон Госпоа за Неговата неискажлива милост, бидејќи од неа ќе добиеш олеснување и утеха за носењето на твоите таги, и ако тоа е волјата на Бог, целосно ослободување од нив.

преподобен Макариј Оптински

превел: Петар М. Петковски,
студент на ПБФ „Свети Климент Охридски“ – Скопје

Извор:http://www.forumprijateljbozji.com/showthread.php?4753-%D0%A3%D1%82%D0%B5%D1%85%D0%B0-%D1%83-%D0%B6%D0%B0%D0%BB%D0%BE%D1%81%D1%82%D0%B8%D0%BC%D0%B0&p=9929#post9929