Задушница – Кога и како правилно се врши помен на покојните?

Во сите дела твои, спомнувај си за крајот твој (Сир. 7, 39)
Бог не е Бог на мртвите, туку на живите, зашто во Него сите се живи. (Лк. 20, 38).

За христијанинот, смртта како исчезнување, или како престанување на постоењето, не постои. Смртта – е завршување на земниот пат, прекратување на страдањата, своевидна граница, после која настапува она, кон кое тој сиот живот се движел и се стремел. Кој ја познал вистината и умрел во верата, тој ја победил смртта, заедно со Воскреснатиот Христос. Црквата не ги дели своите членови на живи и мртви, во Христос сите се живи.
Според учењето Светата Православна Црква сите кои веруваат во Господ Исус Христос не умираат, но живеат вечно. „Секој, кој живее и верува во Мене, нема да умре во веки“ (Јн. 11, 26). Затоа православните христијани кои умираат не престануваат да бидат членови на Светата Црква, зачувувајќи го молитвеното општење со сите нејзини останати чеда.

Љубовта не умира

Плод на животот на секој човек е само едно – љубовта, која тој успеал да ја пројави во својот живот. После привремената разделба на душата и телото, до Страшниот Суд, починатиот веќе не може да прави дела на љубовта, но неговата љубов може да се умножува преку неговите блиски, во негов спомен. Ближните, можат духовно да се возродуваат, сакајќи да му помогнат на упокоениот, да го спомуваат на Литургија, да се молат за него, да прават милосрдни дела во негов спомен.

Спомнување на Божествената Литургија

„Секој кој сака да ја пројави својата љубов кон умрените и да им даде реална помош, најдобро може да го направи тоа преку молитвата за нив, и особено, преку давање записки за спомнување на Божествената Литургија. Ништо подобро и повеќе не можеме да направиме за нив. Тоа секогаш им е неопходно…“

(ариеп. Јован (Максимович)

Молитва

Љубовта кон починатите роднини ни наложува нам, кои сега се насладуваме со животот, света обврска – да се молиме за спасение на нивните души. По зборовите на свештеникот Николај Успенски, „… молејќи се за починатите роднини, ние им го даваме единственото богатство, по кое се жедни нивните души – помилување од Господа“.
За молитви за починатите, назначен е посебен ден во неделата – сабота, во која е предвидена заупокоена служба (освен на празници, ако паднат во тој ден).
Покрај личните спомувања на упокоените, Светата Црква востановила и општи помени. Деновите за општ помен на упокоените се нарекуваат родителски саботи (задушница). Во тие дни се спомнуваат сите од века починати христијани. Зошто имено во сабота, а не во другите дни е предвидена молитва за упокоените души? Затоа што денот сабота, како ден на покој, по своето значење е најудобен за молитва – да се упокојат мртвите со светите. А родителски се нарекуваат, затоа што секој човек ги спомнува, пред сè, најблиските луѓе – родителите.
Вечерта, пред родителските саботи, во храмовите се служат парастоси – заупокоени служби, а после литургијата се служат вселенски панихиди.
Од длабока древност, постои обичај, за секој починат да се врши помен на третиот, деветтиот и четириесеттиот ден по неговата смрт, а исто така да се служат четириесет Литургии. Четириесетницата – е непрекинат помен 40 дена после смртта на човекот.
Исто така, како помен за упокоениот се посветува и годишнината од неговата смрт, роденден и именден, во смисла дека починатиот е жив и бесмртен по дух и некогаш сосема ќе се обнови, кога Господ ќе го подигне неговото тело.
Покрај учеството во заупокоени богослужби, Светата Црква им заповеда на своите чеда да ги спомнуваат упокоените и во домашна молитва. Тука, на секој што се моли му се дава некаква слобода за пројавување на личната усрдност. Како дополнување на вечерните и утринските молитви, монасите и мирјаните го прочитуваат поменикот, справејќи спомен по име за живите и покојните. Освен тоа, постои древен обичај да се чита псалтир за упокоените. Во домашната молитва, по благослов на духовникот може да се споменат и оние, кои не смее да се споменат на црковните богослужби – своите роднини и блиски, кои починале надвор од оградата на Православната Црква – некрстени, еретици и т. н. Оптинските старци разрешувале во домашната молитва да се спомнуваат дури и самоубијците.

Милостиња

Освен молитвата за починатите, уште едно дело за нивен спомен претставува милостињата. Под милостиња не се подразбира само давање на сиромасите во спомен на починатиот, но и секое добро дело кон оние кои имаат потреба.
Свети Јован Златоуст рекол: „Раскошниот погреб, не е љубов кон починатиот, туку суета. Ако сакаш да му сострадуваш на умрениот, ќе ти покажам друг начин да го погребеш, и ќе те научам да полагаш ризи, садови, достојни за него, кои го прославуваат: тоа е милостињата“.

(Давањето „за душа“ за покојните, нема НИКАКВА друга смисла, освен милостиња и вршење помен на покојниот, и со таа цел треба да се прави. За оние што ќе ги примат тие дарови, во нивната благодарност да си спомнат пред Бога за починатиот и да просат за него Царство Небесно.
Таквата милостиња и помен треба да ги правиме во текот на целата година, а особено во деновите предвидени за тоа, како што е и оваа Задушница, саботата пред Духовден. Во Неделата на Духовден, спомнувањето на покојните се врши за време на Проскомидијата на Светата Литургија во храмот, а не на гробиштата. / заб. ред.). 

[youtube]https://www.youtube.com/watch?v=aMmJWZMbnlU[/youtube]

Извор: http://azbyka.ru/dictionary/15/pominovenie_usopshih-all.shtml