Свети Арсениј Кападокиски – светителот, чија молитва сечела камен

10 ноември – го славиме споменот на преподобниот Арсениј Кападокиски – духовникот на старец Пајсиј Светогорец и голем светител од XIX век и чудотворец во нашето време.

Преподобен Арсениј (во светот Теодор) се родил во месноста Фараса во Кападокија (Мала Азија). Како дете, рано останал без родители. Еднаш Теодор со постариот брат преминувале малечка река, и помалиот брат го повлекло течението. Постариот брат со солзи почнал да го моли светиот великомаченик Георгиј, чиј храм се наоѓал во близина. Одненадеж, пред него се појавил Теодор – цел и неповреден. Момчето раскажало, како еден коњаник, сличен на монах, го извлекол од водата и на коњ го довел на брегот. Од тој момент Теодор почнал да вели, дека и тој ќе стане монах.
Го остварил својот сон: завршил семинарија, се подвизувал во манастирот на светиот Јован Претеча и примил монашки постриг со име Арсениј. Таму младичот бил ракоположен во ѓакон и бил испратен од митрополитот Пајсиј II во Фараса да ги описменува децата на сиромасите по црковните книги.

Учител

55 години преподобниот Арсениј ги поучувал, насочувал и утврдувал во верата жителите на грчката месност Фараса, која била слободен грчки остров длабоко во Мала Азија, столб на православната вера, грчкиот јазик и култура.

Кон Тараса припаѓале уште шест помали населби, расположени на 200 километри јужно од главниот град на Кападокија – Кесарија. Грчките населби постојано се наоѓале под закана од уништување од турците, иако им била дадена одредена слобода, поради притисокот од православна Русија.

Фараса броела 50 цркви и мноштво свети извори, кои биле познати по својата чудотворност низ цела Кападокија. Фарасиотите ја сакале Црквата, имале благоговејност и подвижнички дух. Цела година во постите и посните дни повеќето фарасиоти вкусувале храна и пиеле вода само еднаш дневно – навечер.

Турците не сакале, грчките деца да се образоваат, но отец Арсениј, доаѓајќи во Фараса, и покрај тоа што бил млад, ја извршил работата со големо расудување. Тој држел часови во голема соба, не зад клупи, туку постилајќи на подот овчји кожи, на кои седеле, со скрстени нозе, неговите ученици. Тоа не ги вознемирувало турците, бидејќи мислеле дека децата се собрани на молитва. Преподобниот не им давал само знаење на учениците, туку ги учел и на Исусовата молитва, упатувајќи го во покајание и благочестивост.

Во 1870 година, отец Арсениј бил ракоположен за јеромонах и возведен во архимандритски чин. Веќе наполнил 30 години. После ракополагањето, подвижникот отишол на поклонение во Светата Земја. Од тогаш, фарасиотите почнале да го викаат Хаџи-ефенди (од зборовите „аџија“- поклоник и „ефенди“ – господин).

Отец Арсениј бил аскет, строго постел и живеел во стар дом, немајќи ништо излишно, од неопходното.  Тој стекнал од Господа дарови на топла вера, пламена молитва, духовно расудување, прозорливост и исцеление. Фарасиотите велеле, дека неговата молитва расекувала камења.

Исцеленија

Ни во Фараса, ни во околните села немало лекар. И отец Арсениј станал не само учител, туку и лекар на душите и телата на страдалниците. Тој не им давал на болните рецепти, туку се молел за нив на Бога. По молитвите на светителот се исцелувале глуви, слепи, парализирани и опседнати. Кога болните ги носеле во неговиот сиромашен дом, преподобниот Арсениј никогаш не се интересирал кој е пред него, туку единствено прашувал од што е болен човекот. Него го сметале за свет и христијаните и турците – затоа што се молел за болните, и тие оздравувале.

Еднаш, кај отец Арсениј донеле опседнато дете од Синасос. Погледнувајќи на врзаното и многу измачено момче, отец Арсениј им рекол на родителите брзо да го одврзат. Роднините на детето одговориле: „Со ваш благослов, Хаџи-ефенди, но момчето е безумно и ќе ни наштети. Со големи маки го врзавме“. Но отец Арсениј им рекол: „Ослободете го и не плашете се“. Само што го одврзале родителите момчето – по молитвите на светителот, детето се исцелило. Тоа дошло кај отец Арсениј, и тивко, како јагне седнало покрај него. После тоа, отец Арсениј им дал на родителите епитимија – да постат 40 дена, како во Великиот пост. Преподобниот им објаснил, дека самите се виновни за опседнатоста на детето, а и за тоа, што пројавувале жестокост кон невиниот: тие често го истоштувале момчето од глад, што тоа немало сили.

Претседателот на фарасиотското земјоделство, Авраам Псаропулос раскажувал за едно чудо на отец Арсениј, чиј очевидец бил тој лично: „Еднаш, после Божествената Литургија, отец Арсени и неколку олтарници, стоејќи пред царските двери, почнал да чита Евангелие над една слепа жена-христијанка. Наеднаш, се појавила светлина како виножито, која го опкружила отец Арсениј и слепата жена, која стоела на колена. И во тој момент, таа прогледала“.

Од Келмира, кај преподобниот донеле една прокажена жена. Тој се помолил, и таа се исцелила: лицето и станало чисто, како на дете.

Еднаш, кога отец Арсениј заедно со псалтот оделе во храмот на свети Јован Златоуст, по пат сретнале нема жена и ја зеле со себе. Доаѓајќи во храмот, отец Арсениј прочитал над неа Евангелие, после што немата веднаш прозборувала – и сите го прославиле Бога.

Двапати неделно, во среда и петок, преподобниот се повлекувал во затвореништво, се молел и го осветувал со молитва трудот од другите денови во неделата. Ако во тие дни, оддалеку доаѓал болен, кој не го знаел тоа правило и тропнувал на келијата, отец Арсениј отварал, но го прегледувал болниот молчејќи. Се случувало, преподобниот, наоѓајќи се во созерцателна молитва, не ја отварал вратата. Фарасиотите во тие дни се труделе да не го вознемируваат отец Арсениј. Ако некому се случувало да се разболи, тие земале земја од прагот на келијата на преподобниот, го триеле со неа болното место и се исцелувале.

Отец Арсениј никогаш не примал ниту пари, ниту подароци за исцеленијата, дури не се ни допирал до нив. Еднаш, од селото Цахируди,кај него донеле една опседната млада турчинка, која штотуку се омажила. Опседнатата била врзана, но сепак со голем труд ја држеле. Кога отец Арсениј благословил да ја одврзат болната, таа му се фрлила и го каснала за нога. Преподобниот го зел Евангелието и трипати лесно ја удрил со него по главата, и бесот веднаш излегол од неа. Таа паднала на колена, заплачила и почнала благоговејно да ја бакнува каснатата нога. Нејзиниот татко исто така паднал на колена, молејќи го отец Арсениј да прими од него, како знак на благодарност едно ќесе со пари: „Земи, сето ова е твое, затоа што ја спаси мојата ќерка“. Отец Арсениј, го подигнал и отсечно му рекол: „Земи си ги парите, нашата вера не се продава“.

arseniy

Гаврил Корциноглу, бивш црковен чтец и помошник на отец Арсениј, раскажувал: „Еднаш, со Хаџи-ефендијата и мојот чичко Продромос отидовме во црквата свети Јован Златоуст да отслужиме Литургија. Додека Хаџи-ефенди се облекуваше, јас отидов на изворот по вода за Литургијата. Штом дојдов до изворот, видов дека водата секнала. Отрчав јас кај Хаџи-ефенди, кој земајќи го под рака својот молитвеник, брзо дојде кај изворот, заврзувајќи ги ракавиците по патот. Крај карпата, тој прочита молитва, и водата со шум протече. Јас наполнив колку што ни требаше, и се вративме во храмот“.

Извор:http://www.pravoslavie.ru/put/87531.htm