Предание за настанувањето на сликањето и почитувањето на свештенските икони
Сликањето на свештенските икони не сме го примиле само од Светите Отци, туку и од Светите Апостоли, и од самиот Господ, нашиот Исус Христос. Христос го сликаме како човек затоа што се јавил на земјата и со луѓето заедничарел, постанувајќи совршен човек, без грев (Варух 3). А Христос не е само Логос, туку и Икона на Отецот, Образ на невидливиот Бог (Колосјаните 1, 15), сјај на славата и образ на Божјото битие (Евреите 1, 3), според благоречивиот Павле. Го сликаме и Светиот Дух во вид на гулаб, како што се јавил на Крштението Христово, и во вид на огнени јазици, како што се јавил на Педесетница. Сликаме и икони на Богородица, на Ангелите, и на други Свети Отци. Ги почитуваме, но не богослужно (богопоклоно), т.е. честа која ја даваме на иконите се однесува на нивните оригинали (прототипови). При тоа не се поклонуваме на материјалните состојки на иконата, на дрвото и бојата, туку на ликот на Христос, Синот Божји и Логосот, како и на неговите Светии. Бидејќи честа на иконата преминува на прототипот (првообразот), по зборовите на светиот Василиј Велики.
Значи, сликаме свети икони и ги почитуваме, ги целиваме, согласно со Седмиот Вселенски Собор, кој го востановил нивното почитување и согласно со свештената и предревна традиција на Црквата, која има свој почеток во неракотворниот отпечаток на богочовечното Лице Христово на светиот Убрус, како и во иконите на Богородица и Светите апостоли Петар и Павле, насликани од раката на евангелистот ап. Лука, првиот меѓу иконописците.
Иконите, пак, ги сликаме на духовен, а не на телесен и вештествен начин и со нив ги украсуваме и со убавина ги облекуваме храмовите, за да бидат постојано сведоштво во очите на верниците за нашата свештеничка вера, и како некоја книга за прости и неписмени, поради подржување на доблестите на Светиите и радосното сеќавање на нив и поради зајакнување на верата и напредување во љубовта, и поттикнување на верниците непрекинато да го повикуваат Господа, како Владика и Отец, и Свет, како свој водич кон Бога.
Што пишувале Светите отци за иконите
Сите црковни Отци ги сакале и почитувале иконите. Свети Јован Златоуст ја имал во својата ќелија иконата на апостолот Павле, кој исклучително го почитувал и се инспирирал од него при пишувањето на своите многубројни дела.
Василиј Велики ги пофалува иконописците како и писателите на Црквата, од кои едни Вистината со зборови ја украсуваат, а други со слики ја изобразуваат. Какво почитување имал кон иконописците јасно се гледа од пофалбите за оваа уметност содржани во неговата беседа посветена за маченикот Варлаам. Бидејќи му исплетел венец од пофалби, со кој се овенчал Маченикот, се обратил на сликарите со следните зборови: Дојдете, сега, сјајни живописци, вие кои ги сликате подвизите на Светите и ја величате уметноста, започнувајќи го ликот на Христовиот војник. Неговиот венец, кој невешто го насликав, обојте го со боите на вашата мудрост. Ќе отидам победен со вашата икона, која што ќе ги претставува подвизите на мачениците. Се радувам денес што ќе бидам победен со вашата сила. Ќе ја видам неговата борба против огнот, кој ќе го насликаат многу подобро од мене. Ќе видам на вашита икона серадосен маченик ….
Неговиот брат Григориј, епископ Нисијски исто така зборува за иконите како изобразувањето на човечки ликови, кои нам преку боите јасно како најсликовита книга ни ги проповеда подвизите на мачениците и како прекрасна градина го украсуваат храмот. И додава: Бидејќи знае и најќутливата слика на ѕидот да зборува и да биде од голема корист, како што и сложувачот на мозаикот го прави подот по кој се гази достоинствен за историјата.
Свети Јован Дамаскин еден од најдаровитите теоретичари на иконописот, им дава на иконописците исто достоинство како и на евангелистите, благовесниците на Вистината. Еве тој што вели: Она што Евангелистите го објаснуваат со зборови, тоа живописецот го покажува со делото. Која е причината тогаш еден да почитуваме, а друг да презираме ? Па додава: иконата е триумф и откривение и споменопис, сеќавање на најголемите (луѓе) и најсјаното, како и на срамот на поразените и победените.
Свети Григориј Палама ја открива (во своето Исповедање на верата) внатрешната смисла и содржината на иконите со следните зборови: Насликај икона на оној кој поради нас се очовечил (Христос), од љубов кон Него. И сети се на Него преку неа, и поклони се преку неа Нему, правејќи преку неа ум на телото на Спасителот достојно за поклонување, кое седи од десната страна од Отецот на небото. Покрај тоа, сликај ги и ликовите на Светиите и почитувај ги, но не како богови(бидејќи тоа е забрането), туку поради односот со нив и од љубов и од преголемото почитување, вознесувајќи го умот преку иконата на нив, како што Мојсеј направил слики од Херувими, во Светињата. Меѓу другото и Светињата на Светиите била праслика на неднебесните нешта, и светото телесно носило е образ на целиот свет, а Мојсеја тоа го нарекол Светиња, и тоа не за со тоа да го слави созданието, туку за преку него Го прослави Бога, Творецот на светот.
За време на иконоборството биле малтретирани, поради одбраната на иконите и маченички настрадале помеѓу останатите и следниве:Максим Исповедник, еден од најголемите умови на христијанската древност, Стефан Нови, Теодор и Теофан Наказени (Начертани), Теодор Студит, Григориј Декаполит, Симеон Лезвијски – Стилит и многу други маченици.
Еден од нив кој настрадал поради иконите за време на иконоборецот, царот Теофил бил и Лазар Исповедник. Еве што пишува за него во една древна книга: Бидејќи бил исполнет со омраза против светите икони безбожниот цар, му предале еден свет зограф, по име Лазар. Него го ставил на големи маки само затоа што ги почитувал иконите. Бидејќи и тој сликал икони, царот наредил во оган да стават потковици, да ги држат во оганот до усвитување, па да ги ставија на неговите дланки. Со нив толку многу го гореле неговото тело така што веќе изгледало како од маки да умрел. Но го сочувала божествената благодет. Тогаш тиранинот, дознавајќи дека веќе е уморен, на молба на царицата и другите дворски луѓе, членови на советот, го извадиле од затвор и го ослободиле. А светиот зограф отишол тајно во храмот на Светиот Претеча, наречен Страшен. Тука, со уште незараснатите рани од огнот, насликал икона на Претечата, која направила многу чуда и исцелувања.
Превел:
Петар М. Петковски,
студент на теологија во III година при ПБФ „Свети Климент Охридски“ – Скопје