Стоиме на работ на страдалните денови, и на таа граница, во образот на Лазар и неговото воскресение, пред нас се исправа голема, радосна за нас, надеж: Господ е посилен од смртта, Господ е победник над неа – не само во таа смисла, во која таа победа се пројавува над телесното воскресение на Лазар, но и во друга, која можеби уште понепосредно, од ден на ден, се однесува и на нас.
Бог го создал човекот како Свој другар; таа дружба, која постои меѓу нас и Тој, уште повеќе е продлабочена, поблиска со нашето Крштение. Секој од нас претставува другар Божји, како што бил наречен Лазар; и во секого од нас некогаш живеел тој другар Божји: живеел во дружба со Бога, живеел со надеж, дека таа дружба може да се продлабочи, да расти, да свети. Некогаш тоа било во раните години од нашето детство; некогаш подоцна, во младите години: во секого од нас живеел тој другар Христов.
А потоа, во текот на животот, кога цветот овенува, кога се истоштуваат во нас животот, надежта, радоста, чистотата, – се истошува силата на тој другар Господов. И често ние чувствуваме, дека во нас, како во гроб, некаде лежи – не може да речеме „почива“, а имено лежи, поразен од страшна смрт – четвородневниот другар Господов, оној кој умре, кон чиј гроб сестрите се плашат да се приближат, зашто телото веќе му се распаѓа…
И над тој другар колку често тагува нашата душа, колку често тагуваат Марта и Марија: тој дел од нашата душа, кој по својот призив, сили и можности може да молче пред нозете Господови, слушајќи го секој Негов збор, оживувајќи и треперејќи од секој збор Господов, и тој дел од нашата душа, кој како Марта, која била способна, во правда и чистота, да ги извршува во животот делата Божји, која можела да биде не испаничена слугинка, не збунета Марта, какви што ние често стануваме, по образот на растрчаната Марта евангелска, туку трудољубива, креативна, жива Марта, способна да го претвори со свои раце, со својата љубов, грижа, сето вообичаено околу нас во Царство Божјо, во откровение на љубовта човечка и љубовта Божја. И така, тие две сили во нас, бесплодни, Марта и Марија во нас, кои влегле во ќор-сокак, силите на созерцувањето и креативноста, плачат за тоа, што умрел Господовиот другар Лазар.
На моменти, блиску-блиску ни приоѓа Господ, и ние сме готови, како Марија, да воскликнеме: Господи, зошто не беше тука, кога се решаваше борбата меѓу живот и смрт, во моментот кога Лазар уште беше жив – но смртно болен, и можеше да биде одржан во живот! Ако беше овде, тој немаше да умре… – И го слушаме Неговиот збор: Веруваш ли, дека ќе воскресне? – И ние, исто како Марта, готови сме да речеме: Да, Господи – во последниот ден…
Но, кога зборувала Марта, таа го кажала тоа со ваква надеж: Јас секогаш верував дека Ти – си Господ, и јас верувам, дека Лазар ќе воскресне во последниот ден!… А ние го велиме тоа мачно, тажно: Да, во последниот ден ќе воскресне, кога веќе, како што вели Великиот канон, ќе заврши торжеството на животот, кога ќе биде доцна да се твори на земјата, кога ќе биде доцна да се живее со вера и надеж и ликување на љубовта која расне…
Но, Господ и нам ни вели, како нејзе; ѝ вели на нашата безнадежност, како што ѝ рекол на нејзината совршена надеж: Јас – сум воскресението и животот! И ако некој верува во Мене, и умрен да биде – ќе воскресне…
И веднаш треба да се каже и ова: Марта не знаела, дека три дена претходно, Христос на Своите ученици им рекол, дека смртно е болен Неговиот другар, таа не знаела дека Тој допуштил да умре, за да воскресне, но веќе богат со таков опит, таква победа Божја, што веќе ништо нема да може да го поколеба…
Дошол Господ и му наредил на Лазара да стане од мртвите: ете образ за нас. Во секој од нас лежи – умрен, победен, опкружен со нашето ридање, често безнадежен. А денешното Евангелие, на самата граница на страсните денови, ни вели: Не бојте се! Јас – сум воскресение и живот! Тој другар Господов, кој живее во вас, кој постои во вас, и изгледа безнадежно мртов, од еден Мој збор може да воскресне – и навистина ќе воскресне!
И така, да влеземе во страдалните денови со оваа надеж, со увереноста дека одиме кон Пасха, кон премин од временото кон вечното, од смрт кон живот, од нашата поразеност кон победата Господова. Да влеземе во страдалните денови со трепет за тоа, како нè возљубил Господ и со каква цена Тој ни дава живот. Да влеземе веќе со надеж, со светлина и радост на Воскресението што иде. Амин.
Митрополит Антониј Сурожскиј
[youtube]https://www.youtube.com/watch?v=Pda61idmZMg[/youtube]