На 20.01.2015 г. кога го славиме споменот на св. Јован Крстител, митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар отслужи Божествена Литургија во Ресен. После Литургијата, владиката ги раздели Крстовите кои народот, според месната традиција, секоја година преку жрепка ги понесува во своите домови како благослов.
Се подвизувал еден монах во пустината, усрдно молејќи се, па дури и ноќе станувал за да се моли. Храна му носел некој обичен човек, малку мрачен, како недонаспан. Еднаш, монахот решил да помине со него цел ден и еве што забележал. Селанецот станувал рано наутро, велел: „Господи“ и заминувал в поле. Таму орал цел ден, а враќајќи се ноќе, пред да си легне, по втор пат велел: „Господи“. „И толку“, – се огорчил пустиникот. После некое време, тој решил да отиде кај својот духовник по совет – како да го научи човекот да се моли. Старецот размислил и му предложил на монахот да го исполни следното: „Земи ја оваа чаша, полна со масло и заобиколи го цело село, и пази, ни капка да не пролееш“. Младиот монах исполнил сè како што требало, и повторно дошол пред духовникот. „ Кажи ми, колку пати се сети на Бога, додека ја носеше чашата?“ – прашал тој. „Ни еднаш, – се збунил монахот. – Мислев само на тоа, да не го истурам маслото“. „Една чаша со масло толку те зафати, – продолжил старецот – што ти, ниту еднаш не се сети на Бога. А селанецот и себеси, и семејството, и тебе те храни со својот труд и грижи, и дури двапати на ден се сеќава на Бога“.