Пасха – тоа не е само празник. Тоа е суштина на христијанството. Ако внимателно ги прочитаме апостолските посланија и се задржиме на првите проповеди, наведени во Делата на апостолите, нe очекува изненадување: апостолите не знаат за никакво „Христово учење“.
Ниту еднаш тие не велат „како што нe учел Господ“, не ја прераскажуваат Проповедта на гората и не ги пренесуваат од уста на уста расказите за Христовите чуда. Најважно од сe за нив е дека Тој умрел за нашите гревови, но и дека воскреснал. Пасхалните настани – тоа е основата на христијанската проповед. Христијанството не е „учење“, не е моралистика, туку едноставно расказ за факти. Апостолите проповедаат само факти – настани на кои биле очевидци.
Но, притоа тие не зборуваат за Воскресение Христово како за настан што се случил само во Неговиот живот, туку и во животот на оние што го примиле пасхалното благовестие – затоа што „Духот на Оној, Кој Го воскресна од мртвите Исуса, живее со нас“ (Римјаните 8:11). Необичноста на она што се случило со Христос е во тоа што Неговата смрт и воскресението „дејствуваат во нас“ (2 Коринтјаните, 4:12)
И затоа секој христијанин може да каже: најважниот настан во мојот живот се случил во Ерусалим, „за време на Понтиј Пилат“…
Што празнуваме во Пасхата? Да им се зборува на современите луѓе за богословието е – сложена работа. Затоа, да видиме што за празнувањето на Пасхата зборува иконата.
Но, во православната иконографија не се среќава икона на Воскресението Христово! На сите ни е позната претставата на Христос, во белоснежна облека, како излегува од гробот со знаме во раката – но тоа е подоцнежна католичка верзија. Традиционалната православна икона не го претставува моментот на Воскресението на Христос. Постојат, меѓутоа, многу икони чиј натпис ни говори дека пред нас е претставено „Воскресението на нашиот Исус Христос“, а конкретната слика сепак раскажува за настани што се случиле ден пред тоа – во Великата Сабота. Пасхална икона во православната Црква е иконата „Слегувањето во адот“.
Христос, прикажан на таа икона, како да е сосема статичен. Тој ги држи за рацете Адам и Ева. Тој допрва се подготвува да ги изведе од местото на страдањето. Излегувањето сe уште не започнало. Симнувањето завршило, но Христовата облека уште се виори. Тој веќе застанал, а облеката допрва се спушта по Него. Пред нас е – крајниот момент, границата на симнување на Христос; од тој миг патот оди нагоре, од пеколот – кон Небото. Христос насилно влегол во пеколот, и скршената врата на адот лежи пред Неговите нозе.
„Слегувањето во адот“ за нас е совршена Христова победа: не со сила и не со магично-авторитарен чин, туку – преку максимално „Самопонужување“, самосмалување на Господа. Стариот Завет раскажува како Бог го бара човека. Новиот Завет, сè до Пасха, ни кажува колку далеку требало да отиде Бог, за да го најде Својот Син.
Сета сложеност на иконографијата на Воскресението е поврзана со потребата да се покаже дека Христос – не е само Оној што Воскреснал, туку и Оној што воскреснува. Таа зборува зошто Христос дошол на земјата и ја примил смртта.
На оваа икона е даден преломен миг, мигновена средба на две спротивно насочени дејства, но единствени според својата цел: граничната точка на Божественото снисходење претставувала потпорна точка на издигањето на човекот. „Бог станал човек за човекот да стане бог“ – така гласи златната формула на православното поимање на човекот.
Овие (претходно сокриени) можности на преображението му се откриваат на човекот силовито – „во еден миг“. „Пасха“ значи „преминување“, брзо избавување. Во старозаветно време пасхалниот леб бил бесквасен, без сол, подготвен набрзина од тесто на коешто немало време да му се додаде квас. Толку брзо се одвива и ослободувањето на човекот (на целото човештво, а не само на еврејскиот народ) од ропството (не од египетското, туку од ропството на смртта и на гревот).
Главната смисла на иконографијата на Воскресението е – сотириолошка. „Верни се зборовите: Ако со Него сме умреле, со Него и ќе оживееме“ (2 Тимотеј 2:11). „Како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Отецот, така и ние ќе одиме во обновен живот. Зашто, ако сме сраснати со Него во еднаква смрт [во крштавањето], ќе бидеме соучесници и во воскресението, знаејќи дека нашиот стар човек е распнат со Него … па да не бидеме веќе робови на гревот“ (Римјаните 6:4-6).
Воскресението на Христос – тоа е победа што ни е дарувана. Или – победа на Христос над нас. Зашто, ние направивме сè, за Животот да не „пребива во нас“: Го изведовме Христос зад границите на градот на нашата душа, со своите гревови Го приковавме на крстот, ја поставивме стражата пред гробницата и ја запечативме со печатот на неверување и на безљубовност. Но – наспроти нашето противење, а заради нас – Тој сепак воскреснал.
Затоа иконописецот, чија задача е да го пренесе пасхалното искуство на Црквата – не може просто да ја претстави сцената на излегувањето на Спасителот од гробот. Иконописецот мора да го поврзе Воскресението Христово со спасувањето на луѓето. Затоа пасхалната тематика го наоѓа својот израз преку претставувањето на симнувањето во адот.
Распнат во петок и Воскреснат во недела, Христос во сабота се симнува во адот (Ефесјаните, 4:8-9; Дела 2:31), за да ги изведе оттаму луѓето, да ги ослободи затворените.
Прво што паѓа во очи гледајќи ја иконата на слегувањето во адот – е што во адот се наоѓаат … светиите. Луѓе со ореол го опкружуваат Христос, Кој се симнал во пеколот, и со надеж гледаат во Него.
До Христовото Доаѓање, до мигот кога Тој ги соединил во Себе Бога и човекот, патот во Небесното Царство бил затворен за нас. Со падот во грев на првите луѓе, во структурата на универзумот дошло до поместување коешто ја прекинало живототворната врска меѓу луѓето и Бога. И во смртта праведникот не се соединува со Бога.
Состојбата во која пребивала душата на умрените, во древноеврејскиот јазик се означува со зборот „Шеол“ – безоблично место, место на смртна сенка (Јов 10:21-22). Тоа попрво е состојба на тежок и бесцелен сон (Јов 14:12), отколку место на некакви измачувања. Тоа „царство на сенките“, таа призрачност, во својата илузија ги криела луѓето од Бога. Најстарите старозаветни книги не ја познаваат идејата за наградата по смртта, не го очекуваат рајот.
Да, на старозаветните луѓе не им било јасно откриено постоењето на живот и по животот. Тие можеле да го претчувствуваат, да го очекуваат – но отворено ништо не им било кажано.
…
И ете, дошло време кога надежите се потврдиле, кога се исполнило пророштвото на Исаија: „Народот, кој оди во темнина, ќе види голема светлина“ (Исаија 9:2). Адот се излажал: мислел дека го прима она што законски му следува – човек, смртен син на смртен отец се подготвувал да ја пречека плотта од Назерет, Исуса, Кој на луѓето им ветувал Царство Небесно, а сега и Самиот е под власта на древното цартво на темнината – но адот наеднаш забележал дека во него не влегол обичен човек, туку – Бог. Во живеалиштето на смртта влегол Живот, во средиштето на темнината – Отецот на Светлината.
…
Во прв план, на иконата ги гледаме Адам и Ева. Тоа се првите луѓе коишто себеси се лишиле од богоопштењето, но тие подолго од сите го чекале возобнувањето на тоа општење.
Раката на Адам, за која го држи Христос, бесилно виси: самиот човек нема сила, без Божја помош, да се оттргне од пропаста на богоотуѓувањето и од смртта. Но втората рака решително е испружена кон Христос: Бог не може да го спаси човекот без самиот човек. Благодатта не присилува.
Од другата страна на Христос е Ева. Нејзините раце се испружени кон Спасителот. Но – важен детал – тие се скриени под облеката. Нејзините раце некогаш сториле грев. Со нив таа го скинала плодот од дрвото на познанието на доброто и на злото. Во денот на падот Ева мислела дека ќе го стекне учеството во Највисоката Вистина, не сакајќи ја самата Вистина, не љубејќи го Бога. Таа го избрала магискиот пат: „вкусете и ќе станете…“, заменувајќи ја тешката заповед за „обработувањето“ [на земјата]. А еве сега, пред неа повторно е Вистината, Која што станала плот – Христос. И повторно учествувањето во Неа може да го спаси човекот. Но, сега Ева знае дека кон Вистината не смее да пристапи со самоувереност… Сега рабира: севкупното битие на човекот мора да се исполни со „расудувањето“ – во кого смее да учествува.
Тоа што сега, во мигот претставен на иконата, Ева сета е покриена со облека, е знак на нејзиното покајание, знак на сфаќањето на сета своја одвоеност од Бога. Но, токму затоа таа е спасена. Спасена е зашто се покајала…
Ѓакон Андреј Кураев