Секој што ќе погледне на нашата современост од перспектива на нормалниот живот што порано го воделе луѓето, не може а да не остане запрепастен од тоа колку она што е нормално, денес му станало далечно на човековиот живот. Сфаќањето на авторитетот и послушноста, редот и пристојноста, однесувањето во друштвениот и приватниот живот – сето тоа драстично се изменило, стрмоглаво надолу. Тој ненормален живот може да се означи како извалкан и развратен. Современите родители кон детето се однесуваат како кон некое семејно божество: му ги задоволуваат барањата, му ги исполнуваат желбите, го опсипуваат со играчки, удобности, не го учат да владее со себе, туку му дозволуваат да се развива во оној правец во кој го влечат неговите желби… Можно е тоа да не се случува во сите семејства, и да не се случува редовно, но се случува доволно често за да може да стане правило на современото воспитување на децата, така што дури ни родителите кои имаат најдобри намери, не можат целосно да го избегнат тоа. Ако родителите и настојуваат строго да го одгледаат детето, нивните роднини и соседи прават нешто сосем друго. Тоа треба да се има предвид при воспитувањето на децата.
Кога ќе порасне, таквиот човек ќе се опкружи со истото на што се навикнал од детството: удобности, разонода, играчки за возрасни. Животот станува исполнет со трагање по разонода, на кои во толкава мера им недостасува сериозност што посетител од 19 век, гледајќи ги нашите популарни телевизиски програми, средствата за забава по нашите паркови, рекламите, нашите филмови, музика, погледнувајќи на кој било аспект од нашата современа култура, сигурно би си помислил дека залутал во друштво на малоумни, кои изгубиле секаков допир со секојдневното нормално човечко битие.
Значи, ако во вакво време се трудиме да водиме христијански живот, битно е да бидеме свесни дека светот што нѐ опкружува, тежнее целосно да ја потчини нашата душа – на план на верата (што е лесно да се воочи во широко распространетите култови што ја осакатуваат душата, барајќи ропски да му се потчине на самонареченото „свето“), a во световниот живот денес, човек не се судира со поединечни, одвоени искушенија, туку со една состојба на трајно искушување, едно непрестајно искушување, било во вид на сеприсутната популарна музика која станува фон на нашиот секојдневен живот, било во вид на ознаките и рекламите по градските улици. Дури, телевизијата во семејствата станува траен господар на домот, кој диктаторски ги наметнува современите вредности, вкусови и мислења.
Насекаде се слуша повикот: „Живеј во денешниот ден, уживај, разгалувај се, само добро чувствувај се!“ Меѓутоа, поттекстот зад оваа порака е помрачен, а гласи: „Заборави Го Бог и кој било друг живот освен сегашниов, изгони од душата секаков страв Божји и почит кон светињите!“
Што може да направат родителите за да им помогнат на своите деца да им оддолеат на искушенијата од овој свет?
Би требало секојдневно да бидеме подготвени да го надминеме влијанието на светот со здраво христијанско воспитување. Сѐ што детето ќе дознае на училиште треба да се провери и поправи во домот. Не треба да се мисли дека она што учителите му го предаваат на детето е едноставно корисно или неутрално: дури и кога децата добиваат корисно знаење и изучуват некоја корисна вештина (а повеќето современи училишта, за жал, паѓаат на испитот во тој поглед), на училиште го учат и за многу неисправни гледишта и идеи. Оценките што детето ги донесува по книжевност, музичко, историја, уметност, философија, наука и, секако, животот и верата, треба, во прв ред, да потекнуваат не од училиштата, туку од домот и Црквата; во спротивен случај детето ќе добие погрешно образование.
Родителите треба да знаат каква музика слушаат нивните деца, какви филмови гледаат (понекогаш да слушаат и да гледаат заедно со нив ако треба), каков јазик слушаат околу себе и каков јазик самите тие употребуваат – и во врска со сето тоа да изразат христијански став.
Во тие домови во кои се нема храброст телевизорот, така да се каже, да се исфрли низ прозорец, телевизорот треба строго да се контролира, трудејќи се членовите на семејството да стојат настрана од отровниот наплив, кој во домот се излева врз младите луѓе преку главниот проповедник на антихристијанските идеи и сфаќања.
Детето кое од мало е научено на класична музика, кое се развивало под нејзино влијаење, нема да подлегне на искушението на грубиот ритам на „рокот“, современата псевдомузика, во онаа мера во која подлегнуваат децата што растеле без добро музичко воспитување. Според оптинските Старци, доброто музичко воспитание ја очистува душата и ја подготвува за примање на духовни впечатоци.
Детето кое е научено на добра книжевност, драма, поезија, кое го почувствувало нивното дејствување во душата, вкусувајќи вистинско насладување, нема да стане лекомислен приврзаник на современата телевизија и ефтините романи, кои ја опустошуваат душата и ја оттргнуваат од христијанскиот пат.
Детето кое се научило да ја гледа убавината на класичното сликарство и скулптури, нема лесно да се соблазни од современата уметност, нема да се граби за мизерните производи од рекламите, а уште помалку за порнографија.
Детето кое знае по нешто за светската историја, а особено за христијанската, за тоа како луѓето живееле и размислувале, во какви несреќи запаѓале кога се откажувале од Бог и Неговите заповеди, и каков богопрославен и достоен живот воделе кога Му биле верни на Бог, ќе може правилно да расудува за животот и философијата на нашето време и нема слепо да се води по „учителите“ на овој век. Еден проблем што денес се испречува пред училишното образование е тоа што, на училиште, во децата повеќе не се всадува чувство за историја. Опишана е и една кобна работа: детето се лишува од историско помнење. Тоа значи дека детето се лишува од можноста да се угледа на луѓето што живееле во минатото. А всушност, историјата постојано се повторува. Кога ќе го забележите тоа, се појавува желба во вас да знаете како луѓето во минатото ги решавале своите проблеми, што се случило со тие што се побуниле против Бог и со тие што го промениле својот живот, давајќи ни светол пример.
Чувството за историјата е многу важно и треба да се всадува во душата.
Главно, тој што добро ќе се запознае со најдобрите плодови на светската култура, кои во Русија речиси секогаш имаат верско одредување и христијански призвук, многу повеќе ќе биде во можност да води нормален, плодоносен живот на еден православен христијанин од тој што се обратил во Православието, а пред тоа бил запознат само со современата популарна култура.
Токму затоа во борбата против духот на овој свет ние можеме и треба да го користиме најдоброто што светот може да ни го понуди. Сето добро во светот, ако сме доволно мудри да го видиме, укажува на Бог и Православието, и должни сме тоа да го исползуваме.
Блажен Серафим Роуз
Извор: mpc.org.mk