ПОКЛОНИЧКО ПАТУВАЊЕ ВО РОМАНИЈА – ПОКЛОНЕНИЕ НА МОШТИТЕ НА ПРЕПОДОБНА МАЈКА СВЕТА ПЕТКА, НА СВЕТИОТ ДИМИТРИЈ БАСАРАБОВ, НА СВЕТИОТ ПАЈСИЕ ВЕЛИЧКОВСКИ, НА СВЕТИТЕ РАМНОАПОСТОЛНИ ЦАРЕВИ КОНСТАНТИН И ЕЛЕНА И НА ДРУГИ СВЕТИИ

Во   периодот   21 – 25   јули,  2015   лето   Господово,     Митрополитот Преспанско – пелагониски и Администратор Австралиско – новозеландски г.Петар,  благоволи  со  верници  од  храмот  “Света Петка” –  Мелбурн  и со парохискиот свештеник Тоне Гулев,  да  направи  поклоничко  патување на свети места на Романската Православна Црква.

Поклонението  започна  со присуство на Св. Литургија  во  Соборниот храм на Романската Патријаршија, посветен на  рамноапостолните цареви Свети Константин и Елена, и со поклонение на моштите на Свети Димитриј Басарабов – Патрон на Букурешт – главниот град на Романија  и на частица од  моштите   на  светите  рамноапостолни  цареви.  На Светата  Литургија,  Митрополитот  г. Петар   беше  поканет  на  почесно  место од  служаштите јеромонаси,   а  по  нејзиното  завршување,  и  во  светиот  олтар.  Настанот беше   пренесуван   директно   од   црковната    телевизија   Тринитас.     На Литургијата се причестија верниците – поклоници.

Во  текот   на  следните  денови   од  поклоничкото   патување   –  ден  Петок,   посветен   на   Чесниот   и   животворен   крст    и   на   Света  Петка, Митрополитот  Петар   со  протоереите   Тоне  Гулев  и  Оливер  Ивановски,  присуствуваше    на   Света Литургија  во  Соборниот  храм  на Молдавската Митрополија   посветен   на   Преподобна   Света  Петка,   во  градот   Јаши,  кој  веќе  четири  века  е  под  молитвено  застапништво   на   светителката,  односно    од   денот  кога   се   донесени   од   Цариград    нејзините   свети  мошти. Јеромонасите – свештенослужители,  го поканија протоерејот Тоне Гулев да сослужува со нив,  а  Митрополитот Петар беше поканет на прием од Неговото Високопреосвештенство г.Теофан,  Митрополит на Молдавија и  Буковина – прва  според  ранг  Митрополија на Романската Православна Црква – столица од која доаѓаат Архиереите  на  Патријаршискиот престол. Познанството  на  Митрополитот г.Петар  со  Митрополитот  г.Теофан  е  од поодамна, односно од далечната 1994 година,  кога Митрополитот г.Петар беше  на  прием  кај  Митрополитот  г. Теофан  –  тогашен  Архимандрит на манастирот Антим во Букурешт  и  претседател  на одделот за надворешни работи и односи на Романската Православна Црква.

Во   следните  денови  Митрополитот   г. Петар,  протоереите   кои  го придружуваа и благоверниот народ, го посетија Манастиот Неамц  каде се поклонија  на моштите на светиот Пајсиј Величковски, на светиот Симеон од   планината   на  чудесата  и  на  Непознатиот Светител,  чии  што  мошти на   чудесен  начин   беа  исфрлени  од  утробата  на  земјата  во  дворот  на манастирот   во 1986 година.  Тука,  во  овој  манастир,  во  далечната  1994 година Митрополитот г. Петар  чиноначалствуваше  на  Света Литургија, во прилика  на  Симпозиумот  кој  се  одржуваше  во  Богословското училиште Неамц.

Во последниот ден од поклоничкото патување беше посетен храмот посветен на Светиот Сава – маченик од градот Бузау и на Светиот Стилијан – заштитник на децата, каде топлосрдечно беа пречекани од  старешината на  храмот   –   протоерејот   Михаи  Милеа  и  професор  на  Богословското училиште,  и од ректорот на Богословијата.

Ова   поклоничко патување  уште  повеќе  ги  зацврсти  во верата,  во љубовта,  во  ревноста   и  во  сите  добродетели  верниците  поклоници,  а истовремено го посведочи и соборниот карактер на Црквата Христова.

 

Известува: Протоереј Оливер Иваноски

Преземено од: МПЦЕАНЗ