Чувствување [осет]! Кажете ми, каква е таа тајна во мене: чувствување. Во она што ние го нарекуваме чувствување, Бог соединил, стопил и слеал којзнае какви загатки и којзнае какви таинства. Осет – прекрасен и страшен дар. Со него рајот – е рај, и пеколот – пекол; со него болката – е болка, и блаженството – блаженство; со него тагата – е тага, и радоста – радост; со него очајот – е очај, и восхитот – восхит. Логосноста е првобитна одлика на осетот. Отстранете го тоа од чувствувањето, и ќе се претвори во пекол. Зашто, што е пеколот? Чувствување без Бога Логосот; осет од кој е потиснат Бог. А рајот? Чувствување на Бог, проникнато чувствување и исполнето со Бог Логосот. Всушност: пеколот е обезбожено „чисто чувствување“, а рајот е ологосено, охристосено, обогочовечено чувствување.
Бог Логосот стана човек, за човечкиот осет да го врати во првобитната Логосност која е потисната од гревот. Во очовечениот Бог Логос нашето чувство се враќа кон својот Логос, кон својата смисла, кон својата семисла. Се враќа кон својата боголикост, христоликост, духоликост. Со својата најинтимна тајна човечкиот осет исчезнува во длабочините на Трисончевиот Бог и Господ. А тоа значи, дека тоа е потполно и совршено само тогаш, кога се пробразува во Богочувствување, Христочувствување, Духочувствување. Бог Логосот и станал човек, за да го ологоси човечкиот осет. Враќајќи се на логосноста, човечкото се ослободува од гревот, безумството, лудилото, смртта. И со тоа си доаѓа при себе, во својата прасуштина. Тогаш самочувството е исполнето со богочувство, христочувство.
Човечкото чувство е во вистинска смисла чувство само во Бога, Христа, т.е., Богочувство, Христочувство. Без Бог Логосот тоа полудува, се грчи и умира во страсти, во грев, во бунило, во бесмисла, во очај, во себичност, во вечно битисување и никогаш небиднување. Постојано станува, а никогаш не постои реално, интегрално. Обезбоженото, обезлогосено човечко чувство постојано умира, и никако не може да умре. Тоа е оној евангелски црв кој не умира, и оган кој не се гаси – пекол.
Свети Јустин (Поповиќ)
Извадок од: Божиќни мисли,
продолжува во новиот број на Вистина