– Православните луѓе од посткомунистичките земји имаа слично искуство со распаѓањето на тоталитарните системи. Наидувајќи на отпор кон нивното право за слободно верско изразување, тие се повикуваа на принципите на современа Европа. Но, во последните две десетлетија истата таа Европа се промени толку многу во своите начела, така што доби нова закана – Православниот Човек, кој пак се труди во општеството каде живее да ги вгради христијанските вредности. Што мислите за овој своевиден парадокс?
Вистински воцрковениот руски човек никогаш не гледал и не гледа на принципите на Европа, тоа не му е потребно, затоа што Божествените принципи никој не ги откажал, а тие за верниот руски човек остануваат главни. Прво, православието – е основа на руската култура, литература, уметност и т.н., бидејќи православието станало обединувачки фактор во создавањето на Руската држава, врз чија основа сè почнало да се образова и да се развива. А второ, православието – е начин на живот, предаден преку апостолите од Самиот Спасител. Католицизмот, ако не навлегуваме во подробностите од учењето, едноставно се оддалечил од вистинската вера, барем поради тоа што се смешал со политиката, и со самото тоа го изгубил своето првобитно назначение – да го води човекот кон Бога.
– Рускиот патријарх Кирил, кој важи за еден од најдобрите проповедници денес, зборува за феноменот – христијанофобија. И навистина, оние кои сведочат за Вистината и Љубовта, се најдоа вклештени меѓу радикалниот ислам од исток и експерименталниот запад…
Во конкретново прашање, треба да се направи јасна разлика за какви христијани станува збор. Угнетувани се како православните, католиците, така и протестантите. Во врска со екуменистичките движења во нашата земја, што значи обединување на сите христијани под покровителство на Папскиот престол, јас се обидувам да не вникнувам во проблемите на христијаните од неправославно исповедание, зашто католицизмот по православните канони на црквата – е ерес, протестантизмот уште повеќе, како гранка која се одвоила од католицизмот, и обединувањето со еретиците нема никаква „спасителна ситуација“ во спасувањето на христијанството од муслиманството и другите радикални стихии на нашето време. Како да им се помогне на христијаните? Како што рекла во минатиот век, светата блажена Матрона Московска:
„Ако народот ја губи веата во Бога, го снајдуваат беди. А ако не се покае, загинува и исчезнува од лицето на земјата. Колку народи исчезнале, а Русија постоела и ќе постои.
Молете се, просете, кајте се!
Господ нема да ве остави и ќе ја сочува нашата земја!“.
Притоа, не треба да забораваме дека маченичкиот венец за Христа е ужасен само од човечка гледна точка, а од Божествена – тоа е највисоко исповедание.
Така било во сите времиња на гонење на верата, кога и ги казнувале верните, а црквата само се зацврстувала и со времето по молитвите на мачениците, се возродувала со нова сила.
– Се чини деке денес жената е повеќе од секогаш оптоварена со многуте улоги кои и се доделени во современиот начин на живот –оние кои произлегуваат од нејзината еманципација и оние улоги кои се во согласност со даровите кои ги добила од Бога. Многу често ова е причина за конфликти на различни нивоа –внатрешни, семејни, во работната заедница… Дали Ви се обраќаат за совет жените од вашата парохија обременети со вакви прашања?
Сега јас се наоѓам во парохија, во која одев од детството, затоа, кога станав жена на свештеник, во парохијата мене сеуште ме сметаат за девојче и со такви прашања не се обраќаат. Врсничките се обраќаат, а главна тема на прашањата е личниот живот – како да се најде добар маж, како да се живее со тежок маж и т.н. Јас сметам, дека црковните жени, во повеќето случаи, мечтаат за големо семејство со главенство на мажот. Оние што се преокупирани со кариера, хоби и т.н., ним едноставно црквата не им е потребна, затоа што во неа не го наоѓаат она, што сакаат да го добијат во својот живот.
– Што мислите за современиот брак и местото на жената во него?
Светото Предание дава јасни упатства за улогата на секој член од семејството. Така, на пример, апостол Павле вели: „Жени, покорувајте им се на мажите свои, како на Господа… како Црквата што му се потчинува на Христа, така и жените на своите мажи во сè“ (Ефесс. 5, 22-24).
„Целта е висока и света: отсега вие станувате одуховени орудија на Божествената благост и семоќност, зашто преку мажот и жената, себлагиот Творец ги повикува кон битие и живот разумните созданија, идните Негови чеда и наследници на Царството Божјо; и вие, ако и вас Господ ве благослови со нив, треба да ги воспитувате во правилата на православната вера и христијанскиот живот, служејќи за нив, пред сè со личниот живот како пример на верата, благочестие и страв Божји; и еден за друг, треба да си бидете пример за кротост и незлобивост, воздржание, благодушност, чесност и трудољубие, покорност на Божјата волја, трпение и надеж; помагајте си еден на друг; грижете се еден за друг, снисходете еден кон друг, покривајќи ги слабостите еден на друг со љубов“.
Свети праведен Јован Кронштадски (1829-1908)
„Мажот, станувајќи од постелата, само за тоа треба да се труди, со зборови и дела, во домот свој да сади благочестие; исто така и жената нека внимава на домот, но освен таа задача, таа треба да има и друга, поупорна грижа за тоа, сето семејство да се труди за Царството Небесно“
Свети Јован Златоуст
„Најдобар украс на жената е скромноста, срамежливоста, целомудрието, кротоста, воздржувањето на јазикот, грижата за децата, за спокојството на мажот, за домаќинството. Таа нека се однесува така, што во нејзиното присуство мажите да се однесуваат со почит, да не си дозволуваат себеси ни да зборуваат, ни да прават нешто, што би можело да ја навреди нејзината скромност“.
По материјалите од брошурата „Православната жена во современиот свет“.
„Жената треба да умее да живее за мажот, а мажот – да пројавува грижа и искрен интерес кон кругот на обврските на жената, така што тие навистина ќе имаат сè заедничко: една душа, едно срце – и би гледале на светот на еден начин и би живееле во полна мера на душевна грижа еден за друг. Тогаш ни помисла за завист не може да израсне на срдечната почва.
Света царица Александра Феодоровна
И така натаму… Мислам дека нема потреба од мене да додавам.
– Како Вие како млада презвитера се вградувате себеси како автентична личност со свои дарови – во парохискиот живот и црквата?
Никој не е без талант, кој – повеќе, кој – помалку. И мене Господ не ме одделил, за што слава Му во веки. Јас ја имам среќата да пеам во храмот, еве веќе 12 години во различни храмови, собирам опит. Едно време, бев и диригент на црковен хор. Образованието во Богословскиот институт ми помогна во парохијата при манастирот, каде што има сиропиталиште за девојчиња. Јас се занимавам со катихизација, пеење и воспитувачка дејност, предавав во основно училиште Основи на Православната култура. Во друга парохија, одвреме-навреме го заменувам сопругот во предавањето на богословски лекции, водев Евангелски кружоци.
– Со какви предизвици се соочувате како сопруга на млад свештеник?
Многу често може да се сретне недоразбирање во очите на соговорниците, зошто јас, активна млада и адекватна девојка сум станала жена на свештеник. Тоа е поврзано со тие неправилни предрасуди за православието, кои се појавиле во 90-те години, кога сите масовно побрзале да се крстат, а катихизација, то ест, знаења за верата не добивале никакви, и се случило така, што секој ја разбирал верата по свое.
Многу често се поставува прашањето како да ѝ се обраќаат на жената на свештеникот – по име, или со „матушка“. Многу често, возрасните жени сметаат дека е понижувачки да ја наречат младата сопруга на свештеникот „матушка“.
Попадијата е секогаш ја гледаат, секогаш за неа ќе разговараат како се облекува, како разговара, како се однесува. Знаејќи, дека многу попадии секогаш одат со покриена глава (а јас не можам да се навикнам на тоа) и т.н., јас не се трудам да изгледам такак, како што сите би сакале да ме гледаат во идеал.Секако, се обидувам да се однесувам како што треба на секое место, но и секогаш се обидувам да бидам природна. Да речеме, тоа е и во врска со носењето на пантолони. Да, во црква нема да дојдам во пантолони, но да прошетам навечер во удобни пантолони, а не во сукња, заради практичност, ќе го изберам тоа.
– Што е она што го учите од поискусните презвитери и воопшто на кои примери се угледувате, имајќи во предвид дека местото на матјушка во службата на свештеникот не е нималку лесна?
Во Сибир има многу малку стари попадии, затоа што епархиите кај нас долго време биле огромни во своето растојание, а бело свештенство во Сибир секогаш недостасувало. Сепак, ја имав радоста да се запознам со две постари матушки. И едната, и другата од свештеничко потекло. Тие се сеќаваат и се придржуваат уште за тие црковни традиции, кога за верата праќале во затвор, роднини-свештенички семејства – стрелале, кога службите се служеле по домовите. Голема штета е, што во денешно време многу малку луѓе во Русија читаат, а такви истории, како што ми раскажуваат познатите опитни матушки, има многу, но таквите раскази не се интересни, само затоа што луѓето не земаат книга во рацете. Главната мисла во слушањето на многуте такви раскази – е да се биде верен на Христа до маченички венец.
– Драга матјушка, имавте можност да ја посетите нашата земја пред околу две години. Какви впечатоци понесовте Вие и о.Константин на север?
За Македонија, нас ни останаа најсветли и најтопли впечатоци, какви одамна не сме доживеале. Најмногу нè порази искрената и нелицемерна љубов, која македонците ја пројавуваат кон русите. Искрено, ние не сакавме да си заминеме и секако, сакаме уште еднаш да ја посетиме вашата земја, но, излегувајќи од нашата финансиска состојба, тоа, за жал, сега е невозможно.
Драга матушка Светлана, срдечно Ви благодариме и се надеваме дека наскоро повторно ќе се сретнеме.
Интервјуто го водеше Ц. Сековска