На 13.01.2015 година, на празникот на Обрезанието Христово, Светиот Василиј Велики, и почетокот на Новата Година (по стар стил), митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар отслужи Вечерна богослужба, а утрото, на 14.01.2015 г, и божествена Литургија во црквата „Раѓање на Пресвета Богородица“ во Битола.
На литургијата, владиката го ракопроизведе парохијанот на истата црква, Стефан Талевски во чтец.
По повод големите празници, владиката одржа беседа за вистинското значење на успехот и среќата во животот, за новиот почеток со кој треба да ја измениме новата година, по примерот на светиот Василиј Велики, и на другите големи светители и покајници.
Бог, Кој ја создал Вселената и ја обдарил со љубов сета твар, заради нашето спасение прими човечко тело, обрезание, страдања, распетие, смрт и Воскресение, за да ја избави човечката природа. Се потчинил на Законот и го исполнил, за да не ослободи од нашата горда волја и потчинетоста на гревот.
Така и ние, да ја обреземе нашата совест, разликувајќи го доброто од злото, да се трудиме и напредуваме во добродетелите, како што бил и светиот Василиј, кој ги обрезал незнабожечките науки и философија, и од нив го извлекол најдоброто. Да ги очистуваме срцата од грешни и лукави зборови, дела и помисли. Да направиме нов почеток како најголемите светители и столбови во нашата Црква, апостолот Павле, Марија Магдалена, св. Марија Египетска. Зашто само така ќе имаме вистински успех во годината што ни следува, и секој нов ден кој ќе биде осветлен од Сонцето на правдата ќе ни открива нова радост.
По молитвите на св. Василиј Велики, Господ да ни даде сили да тргнеме по тој пат. Амин!