Нинооба – Света рамноапостолна Нино, просветителка на Грузија

Според благочестивото предание, Иверија (Грузија) била наследство на Пресвета Богородица; По посебна Божја волја, Нејзе ѝ се паднало жрепката таму да го благовести Евангелието на Својот Син и Господ, Исус Христос, за спасение на луѓето.

Свети Стефан Светогорец раскажува, дека после вознесувањето на Господ наш Исус Христос на небото, неговите ученици заедно со Мајка Му Марија, престојувале во Сионската горна соба, и го очекувале Утешителот, согласно заповедта на Христос – да не се оддалечуваат од Ерусалим, туку да го чекаат ветувањето Господово (Лк. 24, 49; Дела 1, 4). Апостолите фрлиле жрепка, да дознаат кој во која земја треба да проповеда. Пречистата рекла:
– И јас сакам заедно со вас да ја фрлам својата жребка, за да не останам без наследство, но да имам земја, која ќе Му биде угодно на Бога да ми ја довери“.
По зборот на Мајката Божја, тие фрлиле жрепка со благоговение и страв, и по таа жрепка Нејзе ѝ се паднала Иверската земја. Со радост прифаќајќи ја таа жрепка, Пречистата Богородица сакала истиот час, по слегувањето на Светиот Дух, во вид на огнени јазици да се упати за Иверија. Но, Ангел Божји ѝ рекол:
– „Не оддалечувај се од Ерусалим, но остани засега тука; а делот што ти се падна по жрепка, подоцна ќе се просветли со Христовата светлина, и твоето владичество ќе биде таму“.
Така раскажува Стефан Светогорец. Таа предодреденост Божја за просветувањето на Иверија се исполнила три века после вознесението Христово, и негова исполнителка била Преблагословената Богомајка и Дева. После изминувањето на укажаното време, таа ја испратила со Свој благослов и Своја помош, на проповед во Иверија, светата девојка Нино.

sainte16

Светата Девојка Нино била единствена ќерка на познати и почитувани родители: римскиот военоначалник Завулон и Сузана, сестра на Ерусалимскиот патријарх Јувеналиј. Кога Нино наполнила деветнаесет години, нејзините родители, распродавајќи го сиот свој имот, заминале во Ерусалим. Доаѓајќи во светиот град, таткото на Нино – Завулон, решил да се замонаши, се збогувал со семејството и заминал да се подвизува од другата страна на Јордан, во пустината.
После заминувањето на Завулон, Ерусалимскиот патријарх Јувеналиј ја благословил Сузана да биде ѓакониса, а Нино ја предал на воспитување на почитуваната жена – Сара Ниафор. Сара Ниафор ја воспитувала Нино во христијански дух, раскажувајќи ѝ за земниот живот на Спасителот и за Неговите Страдања. Еднаш, Нино дознала од Сара за тоа како Ризата Господова паднала во далечната незнабожечка земја – Грузија, и од тој ден започнала топло да ѝ се моли на Пресвета Богородица да ја удостои да се поклони на Ризата Господова, сплетена на возљубениот Син од рацете на самата Мајка Божја.
Пресвета Богородица ги услишала молбите на Нино, и јавувајќи ѝ се во сон, ѝ рекла: „Тргни во избраната за Мене Грузија и проповедај го таму Евангелието на Господ Исус Христос, да слезе врз тебе Неговата благодат, а Јас ќе ти бидам твоја заштитничка“. Растревожена, младата девојка прашала: „Како ќе можам јас, немоќна, да извршам толку голема служба на Христос, а и како можам да поверувам во вистинитоста на ова видение?“ Како одговор, Пресвета Богородица вложила во рацете на Нино крст од лоза, и ѝ рекла: „Прими го крстот, штит и заштитник од видливите и невидливите непријатели“. Кога се разбудила, Нино во своите раце го видела крстот. Со радосни солзи го поросила тој крст, го преврзала со своите коси и отишла кај нејзиниот вујко – Патријархот Јувеналиј да му го раскаже тоа што се случило. Раскажувајќи му за се на вујко ѝ, Нино му кажала и за нејзината желба да отиде во Грузија на проповед. Јувеналиј ја благословил внуката и таа се упатила кон заветната цел.
Доаѓајќи во Рим, Нино се запознала со принцезата Рипсимија и со нејзината дадилка Гаијанија, кои ги обратила во христијанството. Во тоа време, император на Рим бил Диоклецијан, најжестокиот гонител на христијаните. Нему многу му се допаднала Рипсимија, и посакал да се ожени со неа. Света Нино, заедно со Рипсимија и со педесет други девојки избегале во Ерменија.
Разгневен, Диоклецијан испратил војници да ги бараат, а потоа му испратил писмо на Ерменскиот Цар Трдат, наредувајќи му да ги пронајде бегалките и да ги испрати во Рим.
Царот Трдат ги нашол жените, бил пленет од убавината на Рипсимија и решил самиот да се ожени со неа. Но, Рипсимија се откажала од додворувањата на Ерменскиот цар, и Трдат ја предал неа, заедно со педесетте други девојки и нејзината дадилка Гајанија на мачителна смрт.
Господ ѝ подготвил на св. Нино друг дел, затоа ѝ внушил да се сокрие во џбун од рози. Кога поминала опасноста и џелатите си заминале, света Нино отишла за Грузија. Кај езерото Паравани, таа се сретнала со пастири од Мцхет, кои ѝ раскажале за својот крај, и ѝ кажале дека наскоро се враќаат дома. Повторно добивајќи благослов од Бога за проповед меѓу незнабошците, Нино побарала дозвола од пастирите да им биде сопатник. Претрпувајќи големи тешкотии по патот, таа конечно стигнала до градот Урбниси и некое време останала таму. Наскоро, таа заедно со незнабошците – Урбнисци, кои оделе на поклонение кај Армазскиот идол, пристигнала во Мцхета.
Страшна слика видела света Нино: толпата, во благоговеен страв треперела пред идолите. Разжалостена, девојката се помолила на Бога: „Господи, испратија милоста своја на твоите чеда, за секој човек да му се поклони на Твојот Син Исус Христос“. Одненадеж дошол ураган, паднал град и ги скршил идолите. Преплашената толпа во страв се разбегала на разни страни.
Света Нино нашла прибежиште во семејството на царскиот градинар. Благодарение на молитвите на света Нино, на бездетното семејство Бог му подарил дете. Сопружниците се обратиле, го прославиле Христос и станале ученици на светата девојка. По света Нино тргнале последователи на христијанската вера. Наскоро, таа толку се прославила, што многу јазичници почнале кон неа да се обраќаат за помош, и добивајќи ја, почнале да веруваат во Христос. По волјата Божја, се случило света Нино да ја излечи смртно болната царица Нана и и таа поверувала во Христос.

73008731
Исцелувањето на св. Нино на царицата Нана

Сето тоа не му се допаднало многу на царот Миријан, верен на незнабочките традиции, но пак, по волјата Божја, наскоро и самиот поверувал во божественоста на Оној, Кому му се поклонувала и Кому му служела младата туѓинка, која живеела во трњето на царската градина. Покрај тоа, кај него одамна созреала идејата да ги истреби сите верни на Крстот, вклучувајќи ја и самата царица Нана, ако не се откаже од христијанската вера. Но, неочекувано, неговиот живот се изменил од корен. Еднаш во време на царскиот лов на Тхотската гора, после кој тој сакал да тргне и да го исполни своето жестоко решение, одненадеж го обвила густа магла. Останувајќи сам, Мириан напразно повикувал за помош кон боговите на своите предци, и губејќи секаква надеж, повикал кон Христос: „Боже, во Кого што верува Нино! Рассеј ја оваа магла, дај ми повторно да ги видам моите владевини и ќе поверувам во Името Твое, ќе подигнам Животворен Крст и ќе Му се поклонам, ќе изградам храм и во него ќе Ти се молам Тебе, ќе бидам послушник на верата на дојдената девојка Нино…“
Само што ги произнесол тие зборови, маглата отстапила и сонцето јасно засветлило. Зашеметен од радост, царот Миријан го прославил Творецот на вселената и раскажал за тоа што му се случило на придружбата. Враќајќи се во престолнината, тој се упатил во царските градини, ја нашол Нино и ја известил за своето решение да прими христијанство. Благодарение на заслугите на св. рамноапостолна Нино, во Грузија се родило и зацврстило христијанството.
Света Нино се упокоила во населбата Бодбе. По нејзина желба, таму и ја погребале. Подоцна, врз нејзиниот гроб царот Миријан изградил и храм во чест на великомаченикот Георгиј. Денеска на тоа место постои женски манастир на света рамноапостолна Нино.

© Copyright Грузинская Православная Церковь
Извор: http://www.holytrinityorthodox.com/ru/calendar/los/May/19-09.htm