Вклучи на било која програма, и сигурно ќе ти запеат за љубовта. И ќе ти пеат цел ден, ти само слушај. А на телевизија, дури и ќе ти заиграат за неа. Каква книга и да земеш, весник – најпотцртан збор е зборот „љубов“. А јас ќе ви речам: нема на земјата љубов, љубовта не е земна птица.
Премногу високо лета таа и малкумина се сретнуваат со неа.
Кога човек кој не верува ти зборува за љубов, тоа значи, дека нешто му треба од тебе. Му треба твоето тело, или твојот дом, или едноставно му е добро со тебе. Но во секој случај, човекот мисли на себе, на својата добросостојба и задоволство, а љубовта, сепак, подразбира нешто друго. Јован, апостолот на Љубовта, вели дека Бог е љубов. А ако во тебе нема ништо од Бога, значи и љубов во тебе нема, и не може да има, колку и да се трудиш да го докажеш обратното. Љубовта, како и Царството Небесно, се даваат како награда, и силните ја добиваат.
Зошто ние, сепак, цело време зборуваме за љубовта? Затоа што мислиме дека ја имаме. Со љубов ги оправдуваме нашите несовесни постапки. Зошто човекот ја напуштил жената со децата? Затоа што се вљубил во друга. Тогаш сè излегува дека е свето. Ако љубиш, може да личиш на секакво ѓубре. Од каде е тоа во нас? Сè е од него, нашиот лукав „другар“. Тој не може да љуби, но да го извитопери високото чувство на љубовта, и да го претвори во оружје на гревот, тој секогаш е спремен.
Свештеник Александар Дјаченко