На 01.03.2015 година, на првата недела од Великиот пост, која е посветена на Торжеството на Православието над иконоборската ерес, митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар отслужи божествена литургија во соборниот храм „Св. Димитриј“ во Битола. После Литургијата, имаше кратка литија со икони, на кои верниците им ја оддадоа својата почит и ги целиваа.
„Нашето денешно торжество се состои во тоа, тој зрак, кој се пробива низ маглата и непријатностите во овој свет, ние да го гледаме не како набљудувачи од страна, туку да учествуваме во Божествениот живот, кој ни го носи таа Светлина. Верата Православна, во какви се историски ситуации Црквата и да го извршува просветувањето на луѓето и да ги насочува кон спасението – секогаш преживувала. Црквата секогаш живеела, благоденствувала и била силна и тогаш кога ја гонеле и притиснувале. И често се случува, надворешните благопријатни околности, напротив, придонесуваат да се раслабиме, и при сета торжествена видливост на надворешната благосостојба, ние стануваме послаби.
Да ни даде Бог да чуваме мудра рамнотежа на силите. Да ни даде да ја сочуваме верата, која со цената на животот и крвта ја сочувале нашите претци, и верно ни ја предале нам како најголем дар, кој човекот може да го има во својот земен живот“. (Архиеп. Петергофски Амвросиј)