Ова што ќе го раскажам се случуваше за време на катастрофата во Чернобил. Луѓето беа вознемирени и секој ден десетици од нив го посетуваа старец Порфириј близу Атина, прашувајќи го што ќе се случи, и дали Антихристот ќе дојде за да нè жигоса со трите шестки.
И тогаш старецот ме праша: „Отец Атанасиј, чедо, сега веќе сум слеп, моите очи не работаат затоа што имам рак на хипофизата, но сепак имам духовни очи и гледам. Пред да заминеш, сакам да ми кажеш што вели старец Емилијан за бројот 666 и за антихристот?“
Му одговорив: „Кога пред неколку дена се собравме заедно, тој нè посоветува да не се грижиме. Наместо тоа, ни рече да се бориме за да оствариме жив однос со Христа, и да не му посветуваме особено внимание на антихристот, за да не се случи тој да стане центар на нашиот живот, наместо Христа“.
Во истиот момент старецот удре со раката на креветот и рече: „Што велиш, чедо, што велиш?! Слава Му на Бога, најдов духовник што се согласува со мене! Чедо, што сторија овие духовници? Ги возмутија душите на верните, им создадоа психички проблеми на мноштво луѓе и семејства. Луѓето не можат да спијат, земаат лекарства и апчиња за заспивање, зашто не можат да заспијат. Но, што е ова? Христос не ги сака овие работи, чедо. Може да ти кажам нешто?“
„Кажи, старче“, му реков.
А старецот рече: „За нас, христијаните, откако ќе оствариме опит со Христа, антихристот не постои. Кажи ми, на овој кревет тука, седам јас; можеш ли и ти да седнеш на него?“
Му одговорив: „Не, старче.“ Ме праша зошто, на што му реков дека доколку и јас седнам, ќе го скршам. Потоа повторно ме праша: „Зарем никогаш нема да можеш да седнеш на креветов?“ Јас му реков: „Кога ти ќе станеш, јас ќе можам да седнам“.
И тогаш ми објасни: „Токму така, дете. Истото се случува и со нашите души. Кога Го имаме Христа во нас, зар може да дојде антихристот? Може ли нешто спротивно на Христа да влезе во нашите души? Затоа што Го немаме Христа во нас, дете, поради тоа се плашиме од антихристот. Кога Христос е во нас, сè околу нас станува Рај. Христос е сè, чедо, и не треба да се плашиме од противникот; ова кажувај им го на сите. И, да ти кажам уште нешто. Ако истиот тој антихрист дојде сега со некаков ласерски апарат и присилно ме жигоса со трите шестки, нема да се вознемирам. Ќе ме прашаш ‘Зарем не е тоа жигот на ѕверот?’. Да, тој е, но дури и илјада пати неизбришливо да ме жигоса, jaс нема да се вознемирам. Зошто? Затоа што, чедо, кога првите маченици биле фрлани на дивите ѕверови, тие само се прекрстувале, и ѕверовите станувале како јагниња. Ги фрлале го морињата, тие се прекрстувале, и морињата се сушеле, а тие оделе како по суво. Ги фрлале и во оган, а тие се прекрстувале, и огнот се гаснел. Благословено мое чедо, што станавме ние? Веруваме ли во Христа? Во силата на Крстот? Зошто дојде Христос? Зарем не дојде за да нè поткрепи во нашите слабости?
Ова кажи му го на старец Емилијан, и на сите луѓе – да не се плашат од антихристот. Ние сме деца Христови, ние сме чеда на Црквата“.
Ова остави голем впечаток врз мене.
Потоа додаде: „Може ли да ти кажам уште нешто?“ Му реков: „Те молам, старче“. „Патријархот Димитриј, како дојде во Атина?“ – Со авион, – реков. „Така, знам дека дојде со авион. Зар мислеше дека доплива дотука? Со чии документи дојде?“ „Со пасош, старче“, реков.
– Грчки или турски?
– Не знам – реков.
– Ете, се правиш мудар. Дојде со турски пасош. А каков е грбот на Турција, знаеш?
Реков: „Не знам, старче“.
– Е сега претера, не го знаел грбот на Турција?! Ќе ти кажам – тоа е полумесечина. А знаеш ли што велеле Светите Отци за полумесечината по појавата на Мухамед?
– Не, старче – му одговорив.
Во шега ми рече: „Е па тогаш треба да си ја земеш дипломата и да си ја искинеш. Каков богослов си ти? Полумесечината е символ на антихристот. Доколку е така, и ако пасошот на патријархот го има символот на антихристот (и кој знае уште колку многу полумесечини во печатите што ги удираат при секој влез и излез), дали ова значи дека нашиот патријарх е антихристот?
Не, чедо, не! Не ја упростувајте евангелската порака дотолку! Христос не е буквалист, како нас, луѓето кои се обидуваме да ги одбраниме нашите мислења. Оди, и ова кажи му го на старец Емилијан, и на луѓето: Не смееме да се плашиме од антихристот и трите шестки.“
Извор: Ανθολόγιο Συμβουλών Γέροντος Πορφυρίου, 2003.
Преземено од: http://agapi.mk/ne-smeeme-da-se-plasime-od-antihristot/#
Види исто: Антихристот и жигот не беа главната порака на Старец Пајсиј