Научи се да чекаш

Види вака, ти мене ми велиш: „Што и да се случи, јас сакам да видам дека моето дете се сменило! Сакам да го видам поинаков, а потоа може и да умрам!“ Не знам дали ќе го видиш променет пред твојата смрт. Најверојатно, таа промена ќе ја гледаш од другиот свет.

Можеби, Господ сака да претрпиш до последно, и твојата желба да го видиш твојот син променет додека си жив, како што сакаш ти, нема да се оствари. Но, неговата промена ќе ја види Господ. Треба да насобереме трпение. Чекај одговор на твојата молитва. Вчера се обрати кон Бога со молба? Сега треба да се чека. До кога? Не плаши се. Кога стрелата на твојата молитва ќе стигне до „срцето“ на Господ, и Бог ќе се смислостиви над тебе, тогаш ќе го видиш резултатот. Кога ја пушти стрелата на молитвата? Вчера? Тогаш почекај, твојата стрела се вознесува кон Бога. Пред Бога не пропаѓа ниедна молитва, ниту една молитва не останува без одговор. Собирај трпение и чекај.
Некои чекаат одговор на молитвата веднаш. Ти се молиш денеска, а утре веќе чекаш да го видиш резултатот на твојата молитва? Можеби така и ќе се случи. Но ти, кога ја земаш бројаницата в раце, не чекај моментално плод на молитвата. Многумина доаѓаат на Света Гора, одат со бројаници во рацете и сакаат да го видат Бога после првото сеноќно бдение. Сакаат да ја видат нетварната светлина после првата ноќна молитва. Така не може. Потребно е многу трпение и чекање, треба сè да му се препушти на Бога, велејќи: „Господи, кога Самиот тоа ќе го посакаш, дај ми сè што е полезно за мене. А јас, ќе чекам“. „Долго време се надевав во Господа, и Он се наклони над мене и ја чу молитвата моја“ (Пс. 39,1). Господ погледна на мене, ме слушна, но пред сè, треба да се научам да чекам. Верувај ми, чекањето на Бога и Неговите ветувања, дава голема радост.

__________20140206_1671896694
Преподобeн Аммон (Аммун) Нитриjски

Знаеш колку преподобен Амон Египетски чекал, Господ да го избави од гневот? Тој секој ден го молел Бога за тоа. И знаеш колку чекал? Цели осум години. Сите тие години тој го победувал гневот, и секој ден се борел со самиот себеси, постојано молејќи се. И на осмата година му се јавил Господ и го избавил од таа страст. До осмата година, тој веќе бил блиску до очај, мислејќи: „Но, колку може? Повеќе нема да се молам. Една, две, три, четири, пет, шест, седум, веќе цели седум години трпам, чекам и ништо не се случува“. Сепак, тој решил да потрпи уште една година, и осмата година дошло избавувањето. Во неговото срце се зацарил таков мир, што никогаш повеќе не се разгневил во својот живот. Ти се гневиш? Се гневиш! И јас некогаш се гневам. Секако, не често и не многу, но сепак се гневам. И ти сакаш да доживееш такво чудо? Тогаш, од денешниот ден почни да се молиш со трпение. Моли го Бога, да го одземе од тебе гневот. Барај го тоа на секоја Литургија, и не вели: „Зошто да одам во црква, и каква полза ќе добијам од тоа?“ Постапувај така. Ако те победува гневот, секоја недела на Литургија моли Го Господ, да го скроти твојот гнев. Имаш многу сериозна причина секоја недела да одиш во храм и да се молиш: „Господи, дај ми кротост и мир душевен, да не излегувам од себеси, да не создавам во семејството угнетувачка атмосфера со својот гнев, со крици и раздразнетост, да не треперат мојата жена и деца, гледајќи ме во таква состојба, за мојата сопруга да не се вознемирува постојано заради мене. Господи, помогни ми да го победам гневот“. Моли го Бога за тоа секој ден. Знам, дека веќе си се молел за тоа. Прашуваш уште колку пати треба да се молиш за истото? Уште многу. Свети Амон, на пример, се молел осум години. А ти, колку време се молиш за тоа? Колку време го премолуваш Бога: „Господи, избави ме од таа страст“. Од гневот, од блудната страст, од пијанството, од пушењето, од крадењето, од недовербата и љубопитството, од лагата, избави ме Господи! За сè што те вознемирува, моли го Господа, а потоа чекај.
Знаеш зошто треба да чекаш, како свети Амон и другите светии? Затоа што Тој, заради Кого ти толку храбро трпиш, не е некој си „туѓ“ (случаен) Бог, но Светецот Божји, Бог од Чија уста никогаш не излегла лага. Тој секогаш останува верен на своите ветувања и постојан во Својата љубов. Еднаш, Господ ќе дојде во твоето срце и ќе ти помогне, и ти ќе станеш кроток како јагне, и нема да пламнуваш од гнев, и нема повеќе никогаш да пиеш, ќе престанеш да пушиш, и од останатите страсти ќе се избавиш, и ќе станеш нов човек. Треба да трпиш и да се молиш.

Архимандрит Андреј (Конанос)