Како последица на она што Црквата е, а тоа е – заедница на живи и упокоени членови, но и на верата во воскресението и праведниот Суд Божји, се јавува принесувањето на молитви за блажен покој на оние кои се упокоиле во Христа.
При вршењето на помени и молитви за упокоените, Црквата се раководи од апостолската заповед да се молиме едни за други и за сите луѓе. „Молете се еден за друг“ (Јк. 5, 16), и „живееме ли, умираме ли, Господови сме“ (Рим. 14, 8).
+ + +
Во Православната Црква, задушниците (како што кажува самото име, денови за-душа), ја засилуваат и обновуваат нашата свест дека ние, како живи членови, и претходно упокоените христијани сме роднини, еден неразделив жив организам, една и иста жива Црква. Наша должност е во овие денови да се молиме, како дома или во келија, така и во Црквите и на почивалиштата (гробовите), но и да твориме милостиња за душите на упокоените, со длабоко уверување дека Бог ќе ги прими приносите направени за покој на душите на оние за коишто се принесени.
Во Црквата има два вида на задушници: засебни и општи. Засебните се одржуваат од семејствата, за своите упокоени роднини, а општите ги назначува Црквата, грижејќи се за сите свои упокоени членови. Секоја сабота, Црквата во своите молитви се обраќа кон сите светии, сеќавајќи се на сите претходно упокоени отци и мајки, браќа и сестри наши. Покрај овие општи саботи, извесни се некои денови од црковната година кога се врши општ помен за сите упокоени. Меѓу нив спаѓа и митровденската задушница.
Митровденска задушница е обичај којшто е карактеристичен за словенофоните цркви. Имено, после победата на Татарите во 1380 година, Димитриј Донски се упатил во московската света обител на Живоначалната Троица, кон преподобниот игумен Сергиј, замолувајќи го за соврши помен за паднатите борци, за подоцна да му предложи секоја година, во саботата пред празнувањето на св. великомаченик Димитриј Солунски, да се моли за душите на овие војници. Набрзо овој обичај бил прифатен од Црквата во Русија, со таа разлика што на овој ден се молиме не само за упокојување на душите на војниците, туку и за сите претходно упокоени. Од Русија, оваа пракса била пренесена и во другите словенофони цркви, меѓу кои е и нашата Македонска Православна Црква.
+ + +
Што е потребно за парастос?
За парастос се потребни варена пченица (коливо), свеќа и малку вино. Варената пченица се нарекува уште и коливо. Самиот термин има грчко потекло, и доаѓа од зборот ο κολλιβος, што првично означувал мерка за тежина на злато колку пченично зрно; подоцна овој збор означувал ситни пари, односно монети од мала вредност. Од ова основно значење настанува зборот το κολλιβον, што означува вид на колач од пченица или варена пченица, која се принесува за спомен на упокоените светии (можеби звучи соблазнително, но во Црквата сите оние кои во Христа се облекле се нарекуваат светии, зашто свет е нивниот Отец, по дарот на восиновувањето Христово).
Коливото нè потсетува на воскреснието, оти – како што полјоделецот оди на нива и сее пченица, па пченичното зрно гние во земјата, за подоцна од тоа изгниено зрно да излезе нов плод, така и телата на нашите покојници се предаваат во земјата, кадешто гнијат, за потоа, за време на Второто Христово пришествие истите тие тела да воскреснат за живот вечен.
За ова сведочат и Господовите зборови: „ако зрното пченично, што паднало на земја, не умре, останува само; а ако умре – ќе донесе голем плод“ (Јн. 12, 24).
Свеќата, пак, ја символизира светлината на вечниот живот кон кого преминува душата на упокоениот. Бог е Светлина, и Тој живее во непристапна Светлина. Запалената свеќа исто така ја означува и топлината на нашата љубов, топлината на молитвите кои ги принесуваме за душата на покојните.
Виното е символ на Христовата победа над смртта; она што можеби историски влијаело на присуството на виното на парастосите што се извршуваат на почивалиштата е монашкиот обичај на откопување на гробовите на три години од упокојувањето на човекот. Имено, доколку при откопувањето, браќата виделе дела телото на упокоениот е распаднато, и останале само неговите коски, тие ги ваделе коските и ги измивале во вино, положувајќи ги подоцна во посебна костурница. На тој начин нив им се откривало дека покојниот живеел праведен живот. Доколку пак, истото било пронајдено во полураспадната состојба, тоа значело дека покојниот нешто многу се огрешил, та и земјата не сакала да го прими во себе. Таквиот труп повторно бивал затрупуван во земјата, и секој од браќата монаси творел по сто земни метании дневно, за простување и отпуштање на гревовите на упокоениот брат. Исклучок од ова правило биле нетрулежните мошти на светителите, кои при откопувањето пројавувале големо благоухание и речиси неодминливо чудотвореле.
Обичаите со делење на храна на присутните на парастосот се дел од црковниот фолклор кој се накалемил на црковните преданија, но од друга страна, понекогаш застрануваат и во нивна перверзија. Важно е секој христијанин да знае дека на душите на нивните упокоени роднини не им е потребна храна; напротив, таа храна треба да биде разделена на ближните кои се живи и се наоѓаат во неповолна материјална состојба, за преку таквите добри дела, но и преку молитвите на оние на кои им помагаме, душите на упокоените да добијат мир и оддишка.
Извор: http://agapi.mk/mitrovdenska-zadusnica-zosto/