„Ние имаме посебна земја, посебна религија, христијанството не ни треба!“ Јапонија, на почетокот на XX век – како и современа Русија – ги поминала етапите на љубопитство кон сè што е туѓоземско. Јазичничките богови се помили од Непознатиот. Императорот, како и претходно, се обожува.
Откриени гонења врз христијаните во земјата нема – и во тие доволно комфортни услови, успеа да остине ревноста на протестантските мисионери, како што и самите признаваат. А Православието во Јапонија е многу младо и речиси непознато… Во такви услови живеел и проповедал во Земјата на изгрејсонцето свети Николај Јапонски – син на бедниот селски ѓакон од селото Бреза (Береза), Тверска губернија, кој станал просветител на далечната јазичничка држава.
Како резултат на полувековното мисионерско служење, светителот воспитал неколку поколенија православни јапонци и им оставил на идните поколенија исклучително писмено наследство. Во приложение, следуваат извадоци од дневниците на Просветителот на Јапонија, каде што им дава поуки на младичите, кои завршиле духовни школи при мисијата: „до малото стадо“, пред кое е – неопфатната жетва.
27 Јуни / 9 Јули 1897 г. Петок
Од десет часот, тука почнува акт: Во долната главна сала се собраа машките школи…
Суштината на мојот говор: „Вие сте малку – не плашете се – наскоро ќе бидете многу. Народот – е жив организам, и диши, како и одделниот човек, и колку е помлад, толку почесто: јас сум тука помалку од четириесет години, но веќе четири пати јавно го гледав вдишувањето и издишувањето: најпрвин, отварањето на Јапонија, потоа стремежот да се запознаат странците, потоа робското подражавање на сè туѓо, и сега: „Христијанството не ни треба – ние си имаме своја религија, ние сме посебен народ: христијанството дури е штетно за Јапонија“… Но, навистина ли е така? Во овие ѕидови, во дваесет и пет години, дали се слушнал барем еден беспочтителен збор кон императорот, нешто неполезно за Јапонија? Не!
Напротив, нема ли да биде штетно учењето, дека императорот – е бог? Тоа е тешко да се основа, и многу е нестабилно. Друго е да се каже: „Бог заповеда: Царот почитувајте го, за Царот молете се – зашто нема власт, која не е од Бога“; тоа никој не може да го поколеба, зашто тоа е слово на Семоќниот… Или: оние кои учат, дека јапонците – не се браќа на другите народи, туку нешто посебно (Иноуе Мецугоро), не претставуваат ли опасност за јапонците?.. Сето тоа е лага, па затоа и брзо ќе се сруши – и ќе надојде после отливот, прилив; и повторно нашата семинарија која е во изградба, сега толку широка и за вашата малубројност, кога ќе влезете во неа после распустот, – после малку години – ќе стане тесна за сите оние кои сакаат да се запишат во неа“.
(стр. 551-552)
25 Јуни/ 8 Јули 1903 г. Среда
Од девет часот наутро, дипломски акт во семинаријата…
Мојот говор кон нив. Суштината: „Спасителот им рекол на Своите ученици: Вие сте светлина за светот. Тие зборови ви звучат и вам. Бидете светлина за светот. Ќе го појаснам ова со споредба.
Замислете си јасна месечинска ноќ; веќе е близу зората, сите се станати, но при месечевата светлина, можат ли да работат добро? Не; затоа што, прво, не се гледа далеку, како второ – не се гледа јасно, како трето – се гледа привидно. Тоа е слично на денешната состојба во Јапонија. Тука широко е разлиена месечевата светлина – светлината на разни науки, и сите се веќе станати: Јапонија е прекриена со школи. Но, сонцето сеуште не се појавило, и затоа: што гледаме?
Прво, никој не размислува подалеку од овој свет. Највисоките научни авторитети на Јапонија го прогласија човекот за потомок на мајмунот, душата човечка – за уништлива заедно со телото, личниот Бог – за непостоечки, и погледите на сите се замаглени со тоа мрачно учење. Зарем тоа не е жална состојба? Сите така и одат во тој свет на слепци, засекогаш лишени од можноста да го видат Бога и сите убавини на невидливиот свет, како слепородените, кои никогаш не можат да го видат сонцето. Најдобрите луѓе во Јапонија воопшто не се грижат за вечниот удел на својата душа, туку се ограничени исклучиво на грижите за потребите на овој живот, како навистина да се потомци на животните. Зар не е тоа страшно? Претставете си, дека на излезот од овој дом, лево – има тигар или јама; зарем нема да бидите претпазливи и да се заштитите од нив? А при излегувањето од овој живот или пекол, или рај, и никој тука не размислува да биде претпазлив, за да не падне во првиот, заради што директно паѓа во него. Осветете го со Светлината Христова, која е запалена во вашите души, далечниот хоризонт за вашите сонародници.
Како второ, светлината на науките, како месечева, нејасно ги покажува предметите. Доволно е, како доказ на ова да се укаже на еден недамнешен тажен факт: како еден студент, кој преку философијата се трудел да спознае што е тоа човек, што е Вселената, и не наоѓајќи разгатнувања на светските тајни и проблемите во неа, во очај се фрлил во водопад, за да загине. После него, уште седум други млади луѓе го направиле истото; уште колку ќе следуваат по нив, не се знае. Сето тоа се најдобрите млади сили на Јапонија. Зошто тие гинат? Имено заатоа, што светлината на сонцето не засветлина над нив. Ние знаеме, дека цела вечност е пред нас за изучување на тајните на Божјата Премудрост и дека и самата вечност е мала за исцрпување на овие тајни, но и тоа, дека откривањето на Божјите вистини, за нас ќе биде извор на вечни рајски наслади. А тие со лажичка посакале да го нацрпат безбрежниот океан и умреле од очај, што не успеале. Многу ли е потребно за вразумување на овие несреќни? Објаснувањето на основите на Христовото учење, направено со внушувачка љубов, за да проникне во нивните души, низ месечевата магла. Бидете такви објаснувачи, проникнувајте се со љубов кон вашите браќа и спасувајте ги од бездната.
Месечевата светлина уште знае да ги покаже предметите, привидно, лажно, и наместо вистинските предмети – сенки, привиденија. Зар не е и така во Јапонија сè задлабочено во материјалниот свет и само него го сметаат за реалност, додека пак истиот поминува и исчезнува за секого од нас, како сенка… Вашата работа – е при Светлината Христова да им ја претставите на луѓето вистинската цена на сè видливо и материјално и бесконечната предност пред сето тоа на духовното, нематеријалното… Бидете светилници за вашите браќа, кои сеуште седат во смртна сенка! Трудете се, и во самите вас светлината да не изгасне, туку да се разгорува сè повеќе и повеќе. „Не паѓајте со духот“. Помнете, дека вие можете да им дадете светлина на луѓето онолку, колку што таа сјае во вас…“
(стр.829-830)
25 Јуни/8 Јули, 1904 г. Петок
Од 8 и пол, дипломски акт во семинаријата и катихизаторското училиште…
Суштината на мојот краток говор пред дипломантите: „Излегувате на полето Христово, да го сеете семето на Неговото учење; во лошо време излегувате, но бодро чекорете; ние имаме утеха да гледаме, дека без оглед на бурата, нивата Христова е во добра состојба – на неа не се гледаат никакви рани: христијаните во сите цркви му се верни на Христа, од оние кои служат во Црквата никој не се оддалечил. Сето тоа покажува јасно, дека верата Христова тука веќе цврсто стои, дека нејзе ја чува Христос и живее циркулирачката во неа благодат Божја, како во телото крвта. Слушнав јас жалби од христијани, не од нашата Црква (протестанти) за тоа, што денес нема никакви гонења, а со тоа и оживувања: Црквата – е како кораб, без ветер за пловидба… Вие и во тоа имате некоја полза: јазичниците уште доста непријателски се однесуваат токму кон Православието – имајте го тоа за побуда на вашата ревност во проповедта – и тоа е еден вид на гонење… Христос – врховниот наш Домаќин – ве чека на Своето поле; првоначалниците на неговите работници – светите апостоли – од небесната висина ви ги испраќаат своите благослови и се молат за вас, кои сега се трудите на проповед и ја очекуваат вашата помош – одете на делото толку важно, толку радосно“.
(стр. 106–107)
24 Јуни/ 7 Јули 1905 г. Петок
Од 9 часот, дипломски акт во семинаријата и катихизаторската школа.
Во краткиот говор до студентите, „по повод на нивниот мал број, им кажав една еврејска поговорка: Ако нема луѓе, самиот вреди за двајца, нека се трудат, заменувајќи многумина. Смело нека излегуваат на полето на својата дејност: Бог видливо нè охрабрува, чувајќи ја Својата Црква тука цела и неповредлива, без оглед на сегашните неблагопријатни околности; оние кои служат кај нас во Црквата воопшто не се смалуваат, туку напротив, оваа година се малку повеќе, отколку истото време, минатата година; христијаните сите цврсто ја пазат својата вера. Можете да сретнете по патот некои неразумни луѓе, кои ќе ви речат, дека проповедате вера, која доаѓа од непријателската земја. Но, вие цврсто и јасно знаете, дека одите да проповедате вера, која не дошла од било кое земно царство, туку од небото; во вашиот духовен слух се слушаат зборовите: „Одете во овој свет“… На оваа заповед потпирајќи се, вие одите на проповед“…
(стр. 248-249)
Извадоци од Дневникот на св. Николај Јапонски / подготвил Роман Савчук
Превод: Златко Дивјаковски