Драго мое дете!
Го прочитав твоето писмо и длабоко сочувствувам со тебе. Многу работи би ти кажал за твоите сомнежи и огорчувања, но не ме бива за пишување.
Ти си избрал доста тежок животен пат за наше време, и ако издржиш до крај – сите твои маки, може да се каже, ќе се надохнадат милион пати, и дури (нема да речам дека ќе се заборават, ќе зажалиш што биле толку мали).
Можеби тоа ќе ти изгледа чудно, но така е. Јас сум длабоко уверен, дека дури древните велики маченици – и тие жалеле, дека малку страдале и затоа не можеле да Му одговорат на Бога со таа љубов, со која би требало да Го возљубат.
Љубовта, дури и кон човек, се стеми да се изрази со пријатно дело кон љубениот, какви жртви и да се потребни.
Колку е посилна љубовта, толку е поголем стремежот да се докаже таа. А да се докаже бескорисната љубов може само со жртва, и бидејќи вистинската љубов нема граници, така ни жедта за пожртвуваност, како пројавување на љубовта, нема граници.
Кој го љуби Бога, ќе посака да страда заради Бога, и според мерата на растот на љубовта, ќе расне желбата сè да се претрпи, само Господ да не се оддалечи од нас, само да бидеме поблиску до Него. А не можеме да не Го љубиме Господ, ако се приближиме до Него, или поточно, ако Тој се приближи до нас.
Може да се каже, дека неусипливиот црв и огнот кој не гасне во идниот живот, е бескрајната мака на срцето за тоа, дека имало време кога можело да се докаже својата љубов кон Господа, да се истрпат разни страдања за Него, да се докаже љубовта не само со страдања, но и со вера во Него среде секакви сомнежи, стравови, духовна осаменост, сознавање на своите слабости, немоќност и т.н. и т.н., – а не сме ја докажале…
Тука, на земјата, може и треба да се докаже својата љубов кон Него со внатрешна решителност: „ќе верувам во Тебе, со сите сили ќе ги исполнувам Твоите заповеди, ќе страдам за верата во Тебе, ќе се откажам од сите и од сè – од личниот живот, од роднините – и само Ти, Господи, не откажувај се од мене, не допуштај да ја изгубам верата и храброста, не допуштај да возроптам на Тебе ако ме стигнат тешки маки и страдања мои или на ближните мои, дај ми да Те возљубам со сето срце“.
Ако го сочуваш таквото расположение, лесно ќе ти биде да го поминеш животниот пат.
Ако пак се колебаш, допуштиш во срцето свое сомнеж, ако со свесно нарушување на Божјите заповеди се помрачиш и ги ослабиш своите сили – падот твој ќе биде голем, ако постојано не го повикуваш на помош Господа; а особено, ако се погоордееш и понадеваш на своите сили – тогаш ќе паднеш со голем пад и прекумерно ќе си го отежнеш животот.
Но, и тогаш не унивај, туку смирувај се уште повеќе и сета надеж полагај ја на Господ и на Неговото милосрдие и помош. Тоа и е правилното расположение, но без опит, без падови и станувања мисловни, нема да дојдеш до правилна состојба.
(Падовите со дело многу тешко се одразуваат на духовното расположение, и потоа бараат голем труд за очистување и уште долго го кочат движењето нанапред.
Мисловните пак падови дури се неопходни за спознавање на себеси, својата немоќ, и негодност за Царството Божјо, и како последица на тоа, тие водат кон смирение, покажуваат дека сам, човекот, со свои сили не може духовно да расне, туку треба постојано да повикува кон Бога за помош, треба да ги користи за спасение таинствата и сè што дава Светата Црква.
На духовниот раст помага постојаното читање на Светото Писмо (Новиот Завет и светите отци). А уште повеќе, ако се има духовен раководител. Но нив денеска ги нема, и мора да одиме самите, раководејќи се со читање и молитва, просејќи помош од Господа и светите угодници. Прости ми, отец).
Правилната состојба се карактеризира со длабока свест за својата немоќ, својата бессилност да се живее онака, како што бараат заповедите, да се возљуби Бог онака, како Тој нè возљуби нас. А од таа состојба се раѓа чувство на скрушеност, плач срдечен, свесност на неотплатливоста на нашиот долг (10 илјади таланти) – со еден збор, срце скрушено и смирено, кое Бог нема да го отфрли и од кое ќе се роди таа љубов кон Бога, за која што зборував на почетокот.
Само со својата волја и желба нема да ја придобиеш љубовта, туку со живот по заповедите, со покајание, плач за своите падови, длабока скрушеност за тоа што наместо љубов и угодување на Бога ние постојано ја нарушуваме Неговата света волја.
Од тој плач и скрушеност се раѓа стравот Божји, т. е., стравот, некако да не го повредиме Бога, потоа се раѓа чувството на близост на Бога кон нас, кое го изразил пророкот Давид со зборовите: секогаш го гледав пред себе Господа (Пс. 15, 8) , – а потоа постепено се раѓа твојата решителност, подобро да умрам, отколку да го повредам Господа; не само безропотното трпење на маките и страдањата, но и благодарноста за нив, зашто срцето ќе ја чувствува радоста на очистувањето со маките и некое задоволство, што може да се трпи заради Бога и со тоа да Го љубиме. Што да Ти возвратам Господи, за сè што си ми дал? (Псалм. 115, 3).
Прости ми за многуте зборови, и можеби, за предвременоста на ова писмо. Но, твојата мака ме поттикна да ти го напишам ова. Можеби ќе ти биде од полза и ќе ти послужи како некаква утеха.
Пријателе мој, едно те молам: никогаш не отстапувај од Бога, колку и да паднеш длабоко, колку и да згрешиш и да Го оскрбиш (од што да те избави Господ) Господа, но како блудниот син, барај прошка од Него и пак и пак присилувај се да живееш по заповедите. Оној кој доаѓа кај Мене, нема да го избркам надвор. (Јн. 6, 37).
Оној кој оди кон Господа преку исполнување на заповедите, кој иако паѓа по патот, станувајќи, оди напред – се наоѓа во бројот на воините Христови и се овенчува со нив, дури и многу рани да добие во таа духовна војна со своите страсти, со својата падната природа и бесовите.
Да те вразуми Господ, да ја укрепи твојата вера и волја, да те сочува од секое зло. Господ да те благослови.
Не пишувај толку детално, како што го напиша последното писмо. Јас и така ја знам твојата состојба, и доволно е кратко да напишеш. Биди здрав.
Твојот татко.
Игумен Никон Воробјов
Писма до студентите на Московската Духовна Академија. Писмо второ.
Од книгата „Нам ни е оставено покајанието. Писма“
Извор: http://www.pravmir.ru/kto-vyiderzhal-do-kontsa-ne-pomnit-o-skorbi-igumen-nikon-vorobyov/#ixzz3U9YEHq6w