Зборовите на Исус: „Полесно и е на камилата да мине низ иглени уши отколку на богатиот да влезе во Царството Божјо“ (Матеј 19:24) звучат како пресуда која не може да се обжали. И се чини дека тука нема што да се додаде. Но, сепак, не е сè толку просто.
Во житијата на голем број светии можеме да прочитаме дека тие се родиле во богати семејства. И во популарните црковни брошури за подготовка за исповед не се спомнува дека богатството е смртен (или несмртен) грев. А и во Евангелието, во параболите во кои Христос како пример ги зема трговците, не само што не се осудува тргувањето, туку како само по себе да се подразбира дека треба да се тргува со добивка. Така, во расказот за талантите, господарот му вели на слугата кој го закопал својот талант во земја: „Требаше моето сребро да го дадеш на трговците, па јас, кога ќе дојдам, ќе си го приберам своето, со добивка“ (Матеј 25:27). Како да го разбереме ова?
До доаѓањето на Исус Христос на земјата, Јудејците не го сметале богатството за порок, туку, обратно, тоа било директно сведоштво за Божји благослов. Ако може така да се каже, добивката се сметала како потврда со печат – таа е „по Божја милост“, како што се сметало дека е милост и имањето многу деца. Богатите луѓе и луѓе со многу деца се сметале за праведници. Оние, пак, на кои Господ не им дал ниту бројно потомство, ниту богатство, предизвикувале сомневање кај луѓето: тие биле сметани за грешници казнети за своите гревови. Зошто? Затоа што, давајќи му го Стариот Завет на израилскиот народ, Господ им ветил изобилие и просперитет.
Патем кажано, кај современите протестанти постои сличен старозаветен однос спрема богатството. И тие го сметаат видливото материјално богатство сведоштво за Божјата љубов спрема човекот. И затоа нивните проповеди често почнуваат со зборовите: бев сиромашен, болен и несреќен, а кога поверував, Исус ми даде пари, здравје и среќа!
Поради тоа, Христовите ученици, воспитани – во врска со богатството – според Стариот Завет, биле „мошне зачудени“ кога слушнале дека богатиот тешко ќе влезе во Царството Небесно. Нивното недоумение е разбирливо: кој тогаш воопшто може да се спаси, ако дури и на богатите тоа им е многу тешко? Исус им одговорил: „За луѓето тоа не е можно, но за Бога сè е можно“. Но, тоа е веќе премин на сосема ново рамниште. А како, сепак, да се живее со богатството? Дали тоа претставува погибел за човекот, или Божји благослов.
Се разбира, спасението на човекот не зависи од богатството, туку од приврзаноста кон него, од неизгасливата желба да се има што е можно повеќе пари, материјални предмети, станови, автомобили, скапоцености. Таа жед, која постепено почнува да превладува во човекот, го засенува сето друго во овој живот, вклучувајќи ги и роднините и блиските. Еден успешен претприемач раскажува мошне поучна сторија за тоа како го градел својот дом. Тој си зацртал да има подземна гаража, руска и финска бања, базен, спортска сала, три ката за живеење… Настојувал да осмисли сè, до најмали детали, за максимална удобност на своето семејство. Но, додека го градел домот, семејството се распаднало. Жената го оставила, децата тргнале по свој пат. И домот веќе не му бил потребен. Сега тој го продава. Што ни кажува ова? Дека прво треба да се изгради нешто во својата душа и во душите на своите блиски, а куќи и станови и сето останато сами ќе дојдат. Неправилната хиерархија на вредности секогаш е разурнувачка. „Без Мене не можете ништо да направите“ – рекол Господ. Без Бога, од ниту едно човечко дело нема да остане ниту камен на камен. Разурнувањето, порано или подоцна, неминовно ќе настапи – без оглед дали се работи за видливо, надворешно, или во душата на човекот, што е многу пострашно. Не случајно, успехот во бизнисот најчесто е проследен со опустошеност на душата, со губењето на смислата на животот, со очај.
Но од неумерена приврзаност спрема материјалното богатство може да страда и сиромашен, па дури и беден човек. Страстите, како што рекол ава Доротеј, живеат во човекот независно од неговата ситуираност. Може да се раздаде богатството и да се замине во манастир, па сепак да се има таква страст кон својата единствена преостаната облека или спрема некаков безначаен предмет, каква што богатиот ја чувствува спрема своето богатство.
Сиромаштвото, само по себе, воопшто не претставува пропусница за царството Небесно. Човекот може сиромаштвото да го прима со смирение, а може да се огорчи на целиот свет и да се радува кога на соседот ќе му умре кравата. Таквото сиромаштво нема ништо заедничко со христијанството. Се случува сиромашните самите да си се виновни за своето сиромаштво: премногу се неодговорни, мрзливи, слаби. И тоа, исто така, е грев. Апостол Павле вели: „Кој не сака да работи, нека и не јаде“ (2 Солунјаните 3:10). Искуството покажало на кого навистина му е потребна помош – пред сè, на вдовиците коишто останале со повеќе деца – тие, навистина, тешко можат самите да заработат – а не на здрав маж кој по цел ден лежи и денгуби: една работа за него е премногу нечиста, за друга малку се плаќа…
Сета работа е во внатрешната состојба на човекот. Новиот Завет го издигнува односот меѓу човекот и Бога на сеосема поинакво рамниште. Тој на човекот му ја открива имагинарноста на слобода, нудејќи му го, наместо неа, совршенство: „Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен“ (Матеј 5:48)! Но зошто Синот Човечки за тешкотиите ги предупредува богатите, а не сиромашните? Работата е во тоа што за човековата природа, повредена од падот во грев, богатството претставува огромна соблазна на која ретко кој може да и се спротистави. Зашто, парите, освен удобство и комфор, на човекот му носат и почитување, слава, углед, власт над другите луѓе и многу други нешта – сè што ја храни гордоста. А гордоста, поради која светлиот ангел Деница отпаднал од Бога и станал ѓавол – претставува суптилен отров кој проникнува во душата и ја труе.
Така, работата не е во богатството или во сиромаштијата, туку во нас самите. Кои се нашите вредности во животот? Се бориме ли со своите страсти, го корнеме ли тој коров, или пак, обратно, го залеваме со вода и му ставаме ѓубриво, така што тој се расцутува со голем цвет, и од него веќе не го гледаме сонцето. Христос рекол:„Барајте го најнапред царството на Бога…“, а сето друго ќе ви се придаде (Матеј 6:33). Важно е да се разбере дека Зборовите на Господа не се алегорија, туку се исполнуваат буквално.
Свештеник Дмитриј Мојсеев
Преземено од журналот “Фома” No. 3 (35), 2006 г.