Извадоци од Дневникот на јеромонах Василиј (Рослјаков)

Денес, на 23 декември, 2015 г,  о. Василиј би наполнил 55 години. Во 1988 г, студент на престижниот факултет за новинарство МГУ, мастер на спорт  во меѓународна класа, капитен на универзитетскиот тим и член на тимот на СССР по ватерполо, Игор Рослјаков дошол во тогаш возродуваната Оптинска Пустина, и останал во неа засекогаш. На Пасхалното утро, 18 април, 1993 г, јеромонахот Василиј (Рослјаков) беше жестоко убиен заедно со двајца други жители на манастирот (монасите Трофим и Терапонт).

14 Јуни, 1988 г.

Смртта е страшна, затоа што таа знае за мене сè, затоа што таа владее со мене, располага со мене, како господарка над својот слуга. Христијанството дава знаење за смртта и за идниот живот, понижувајќи ја со тоа власта на смртта. Да, и за христијанинот смртта знае сè, но тој знае за неа доволно, за да не се плаши од неа.

Христијанството претвора од убиец во лекар, од непознат во другар.

Колку и да расудуваме за смртта на атеистите и интелегентите, таа за нас останува непозната, појава која не се вклопува во кругот на животот, појава туѓа, затоа што тие немаат знаење за смртта.

Ние се плашиме во темнината од хулиганот, затоа што не го знаеме, не ги знаеме неговите намери, а со блискиот човек, средбата и во темнина е радосна.

Igor-19-years
Игор Рослјаков, 19 години

15 Јуни, 1988 г.

„Убавината ќе го спаси светот“, – напишал Достоевски. Убавината – е Бог. Колку и да го истражуваме нашиот живот, колку и да го разделуваме на составни делови, за да го разбереме неговиот механизам, животот, во својата целосност секогаш ќе биде прекрасен, Божествен и неспознатлив до крај, како што е неспознатлива убавината.

Колку и да го истражуваме составот на почвата, наоѓајќи во неа постојано нови и нови метали и соли, колку и да проникнуваме во тајните на наследноста, создавајќи нови гранки во науката, умни академии, институти, лаборатории, сепак цветот, кој се појавил на изучената земја, цветот, кој излегол од шематското семе, нè изумува со својата убавина.

Радоста, која ја дава знаењето, треба да се дополнува со радоста на созерцанието, и тогаш ќе биде совршена. „Сè знам, сè разбирам и сепак се чудам“, – вели човекот. Восхитувањето пред сè, изумувањето, без оглед на сите беди – тоа е убавината, тоа е спасението на светот, тоа е почетокот на патот кон Бога. А животот, без изумување пред убавината, што значи и без Бога, е празен и ништожен.

17 Ноември, 1988 г.

Иконата на Казанската икона на Мајката Божја и иконата на Преподобен Амвросиј точеа миро. Мајко Божја, зацврсти нè! Старче свети, застапи се за манастирот!

Старец Силуан:

„Колку е поголема љубовта, толку се поголеми страдањата на душата,

Колку е поцелосна љубовта, толку е поголемо познанието,

Колку е потопла љубовта, толку е попламена молитвата,

Колку е посовршена љубовта, толку посвет е животот“.

„Да го љубиме Бога, никоја работа не може да нè спречи“.

Што треба да правиме, за да имаме мир во душата и во телото?

За тоа, треба да ги љубиме сите како себеси, и секој миг да бидеме спремни за смртта.

Student-437x600

20 март, 1989 г.

Колку облеки да раскинам на себе јас окајаниот, и покој на душата да достигнам? Колку пепел да положам на мојата срамна глава, и да немам помисли лути? Во која вреќа да се облечам и да не ги гледам беззаконијата мои? Залудно се возмутувам, залудно замислувам покајание. Но, Ти, Владико, Кој си рекол: без Мене не можете да направите ништо, влези во сиот мој состав со Словото Твое, расечи ја камената утроба моја, и изведи извори на покајни солзи.

Тебе Владико, ти го принесувам мојот живот и тајната надеж ја полагам во крепоста Твоја; слава Тебе ти вознесувам и итам да го сокријам лукавството на зборовите мои (некој дел од лукавоста моја). Господи, не презирај го моето срдечно покајание и помилуј (очисти) ме.

 

15 Април, 1989 г. Пофалба на Богородица.

О, сефален отче Амвросие, кој си ги стекнал сите дарови принесени од Светиот Дух! Прими го ова принесување, од идните зла сочувај ги чедата твои и на Страшниот Суд застапи се, за со тебе да пееме: Алилуја.

17 Април, 1989 г.

Објавена е одлуката на отецот намесник за прием во искушеници на 10-мина од работниците. Меѓу нив е и моето име.

Vasilij-Cell-1-580x464
Келијата на отец Василиј

vasiliy1

Поврзано: Последното интервју со о. Василиј (Рослјаков)