… Имајте ја Христовата радост. Тоа е радост, која трае вечно, во која има вечна веселба. Тоа е радоста на Господ, која дава најсигурен мир, спокојна наслада, и најслатка среќа. Серадосна радост, која ја надминува секоја радост. Христос сака да блика радост, да ги збогатува оние кои веруваат во Него со радост. Сакам радоста ваша да биде полна (1 Јн. 1, 4).
Тоа е нашата вера. Натаму треба да чекориме. Христос е рајот, деца мои. Што е рајот? Христос е рајот. Рајот започнува тука. Тие, кои уште тука на земјата, живеат во Христос, тие живеат исто како во рајот. Така е, како што ви велам. Вистина е тоа, верувајте ми! Наша работа е да се стремиме да најдеме некаков начин да влеземе во Христовата светлина, а не формално да запазуваме некакви правила. Суштината се состои во тоа да бидеме со Христос. Нашата душа да се разбуди и да го пронајди Христос, да се освети. Да се предаде на Божествената љубов. Така и Тој ќе не возљуби. Тогаш радоста наша не ќе можат да ни ја земат. Таа радост е дар од Христос. Во таа радост ќе Го познаеме Христос. Ние не можеме да Го познаеме, ако Тој не нè познае. Како што вели Давид: Ако Господ не го изѕида домот, залудно се трудат градителите нејзини; и ако Господ не го запази градот, залудно ќе бдее стражата (Пс. 126, 1).
Тоа сака да го придобие нашата душа. Ако се подготвиме како што треба, благодатта ќе ни го даде. Тоа не е тешко. Ако ја придобиеме благодатта, сè е лесно, радосно и благословено од Бога. Божјата благодат непрестајно чука на вратата на нашата душа и чека да отвориме, за да влезе во жедното срце и да го исполни…
Кога сакаш, дури и да живееш на „Омонија“ (плоштад во центарот на Атина – заб.прев.) не ти остава впечатоци, дури не ни забележуваш дека си на „Омонија“. НЕ гледаш ниту автомобили, ниту толпи, ниту ништо. Живееш во себеси заедно со љубеното лице. Со него живееш, му се радуваш, тоа те вдахновува. Зарем тоа не е вистина? Претставете си, дека вашиот возљубен е Христос. Христос ти е во умот, Христос ти е во срцето, во целото твое суштество, насекаде е Христос.
Христос е живот, извор на животот, извор на радоста, извор на вистинската светлина, Тој е сè. Кој Го сака Христос и другите, тој го живее животот. Животот без Христос е смрт, ад, а не живот. Тоа е адот – недостаток на љубов. Животот е Христос. Љубовта е животот во Христа. Или ќе си во животот, или во смртта. Изборот зависи од тебе.
Да имаме една цел – љубовта кон Христос, кон Црквата, кон ближните. Љубовта, благоговението кон Бога, копнежот, единството со Христос и Црквата – тоа е земниот рај. Љубовта кон Христос е и љубов кон ближните и кон непријателите – кон сите. Христијанинот ги сака сите, сака сите да се спасат, сите да го вкусат Царството Божјо. Тоа е христијанството. Преку љубовта кон братот ќе успееме да го најдеме Бога.
Старец Порфириj
https://prespanski.wordpress.com/2012/12/17/%D0%B8%D0%BC%D0%B0%D0%B9%D1%82%D0%B5-%D1%85%D1%80%D0%B8%D1%81%D1%82%D0%BE%D0%B2%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D1%80%D0%B0%D0%B4%D0%BE%D1%81%D1%82/