Отец Митрофан бил игумен на N-скиот манастир. Тој бил човек со висок раст, со густа црна брада, со бујни веѓи. Очите под веѓите му светкале, а тупаниците му биле како тегови. Во младоста, отецот бил боксер и до сега ја зачувал големата физичка сила.
Ако некоја жена се жалела на мажот, или на свекрвата, или на соседот, отец Митрофан им давал еден и ист совет: „А ти убиј го“.
– Како убиј го?! – се зачудувала жената.
– Задуши го со перница, или тури му отров.
Некогаш додавал: „Можеш дури да го испратиш во фабрика за месо, да го направите колбаси“.
После тоа, престанувале да му се жалат од ближните.
Секако, отец Митрофан не се лутел на сите жалби. Кога некоја жена му раскажувала дека мажот ѝ ја тепа, отец Митрофан многу се помрачувал. И ѝ велел да му пренесе на мажот, дека ако не престане, ќе си има работа со него, со отец Митрофан. Но, таквите предупредувања ретко на кого влијаеле. Несреќната жена после уште еден ќотек, повторно доаѓала кај свештеникот.
Тогаш отец Митрофан ја дознавал адресата, и заминувал кај нив дома. Таму, чекал кога ќе се врати мажот, се исправал пред него во сиот свој раст и страшно му велел: „Само пробај уште еднаш да ја допреш!“ Замавнувал со рацете и ја пробивал со својата огромна тупаница дрвената врата. Или оставал длабок печат во ѕидот. Во случаи со пијаници, го стегал шишето со тупаницата и го извиткувал. А некогаш, само го превртувал со плеќите шкафот со облека.
Тоа било толку страшно, што некои жени во ужас бегале од собата. А мажите, дури и пијани, повеќе не се тепале. И дупките во ѕидот и вратите, гледале што поскоро да ги поправат.
Самиот отец Митрофан, за таквите истории велел: „Ако мажот ја бие жената, значи тој е кукавица, и таквиот доволно е малку да го исплашиш“.
На оние кои сакале да абортираат, авата им велел: „Роди го, а потоа остави го во количката на мраз, како случајно да си го заборавила, ќе поплачи и ќе замрзне, и сè ќе биде добро. Тоа е помал грев од абортусот“.
– Зошто помал? – се чудела идната мајка.
– Пробај – ќе видиш.
Но, никој не пробувал.
Кога отец Митрофан сосема остарел, неговата црна коса побелела, и правата снага се свиткала, тој станал поинаков. На исповед речиси ништо не велел, само молчејќи слушал, и многу ретко тивко кимнувал. Кимнувал на сè, што и да му кажеле. Некои мислеле: можеби, тој не слуша? И го препрашувале: „Батјушка, ме слушате?“ – „Слушам, сè слушам“ – потврдувал отец Митрофан и продолжувал да ја врти бројаницата и да не одговара на прашањата.
Но, кога многу упорно настојувале и барале од него совет, тој ги подигал очите и тивко им велел: „Дете мое, Христос воскресе“.
Раскажува, Маја Кучерскаја.