Драг мој,
Не ме познаваш, но Те именувам како пријател, и тоа нека не Те одвраќа од овие редови напишани за Tебе. Причината за тоа ќе Ти се разјасни подоцна. На почетокот сакам да Те известам дека додека ги читаш овие редови, моето време истече. Заминав. Не знам зошто, но не сакам да Ти пишувам за мојот премин од другата страна. Тоа бездруго го знаеш. Сакам нешто друго да Ти кажам.
Околу мене се движат ликови кои криејќи се под плаштот на насмевката си дофрлуваат низ шепот: „Таква е реалноста, сурова!“ Не знам колкава утеха е таа едноставна фраза, но знам дека нивните погледи сè почесто ја избегнуваат средбата со моиве очи. Да, помеѓу мене и смртта во мигов стои знакот за равенство. Смртта е во мене и свесен сум дека ја вкусувам, дури и предолго, но дали сè ќе заврши во неа…
Сепак, за мене е неразбирлив стравот што го имаат овие луѓе. Стравот да ме погледнат, да му погледнат в очи на човек кој умира.
Мојов копнежлив и тежок поглед открива многу работи. Ме открива мене онаков каков што сум, мојата немоќ, ја открива неа — мојата и нивната смрт. Ја препознавам и јас во сечии очи, но, не го иставам погледот од нив. Веднаш зад нејзината проѕирност стоиш Ти, пријателу. Жив, без никакви траги од болка, тага и воздишки.
Осамен сум од кога помнам за себе. Чудно е, но низ годиниве единствено Ти си ми утеха и надеж, иако имам мисла којашто ми вели дека воопшто не Те познавам.
Ветив пред Бога дека нема да Те изгубам дури и во овие мигови кога треба да заминам и кога мислите ми се многу расеани. Не сакам да Те нажалам, но ги гледам Твоите солзи. Ти ме научи дека надежта и утехата не плачат, туку носат радост.
Во детството сонував за нашата средба, за денот кога ќе пораснам и кога јас и Ти ќе се сретнеме и ќе ги разоткриваме световите. Јас ќе Ти го откривав мојот, а ти ќе ми раскажуваше за својот. И така двајцата ќе живеевме во еден заеднички, наш свет.
Еве, таа средба се случува токму сега, во Твое отсуство, на прагот од влезот во поинаква реалност. Можеби онаа за која копнеев. Единствено Твоите очи се загледани во мене. Во нив се збрало целото човештво и спокојно гледа во мене, во смртта, во себе. Тоа ме прави спокоен.
Сакам да Ти напишам и за времето и местото во коешто го завршувам моево патување низ овој непознат и туѓ свет за мене. На моменти помислувам дека не сум од него, туку дека отсекогаш сум му припаѓал на Твојот.
Болен сум и заспивам. Болницата се наоѓа во град непознат за мене. Низ него шетам само во мислите. Не го знам мирисот на расцутените липи наредени покрај широките улици. Не сум ја почувствувал топлината на неговиот асфалт. Не сум ги видел неговите жители. Можеби токму во ваквите градови започнува вистинскиот живот. Ете, мојот тука завршува.
Собата ми прилега на аквариум без вода и во неа сум сам како в гроб. Комуницирам со поглед, зашто ми е тешко да зборувам. Единствена реална слика за овој град е крстот од камбанаријата на старата црква кој се наѕира од мојот прозорец. За мене тоа е светилник во миговите кога морето по кое пловам е разбранувано. Звукот од камбаните ме потсетува на Твојот глас кој никогаш не сум го чул.
Како се најдов овде? И самиот се обидувам да си разјаснам. Сè се случи наеднаш. Чудно е нашево тело. Колку ли болка се собрала во него. Не знаев дека можеме толку да издржиме. Не ни помислував дека некој во цветот на младоста може да приличи на старец. Сега веќе заличувам на кукла од излозите. Но, тебе не сум Ти туѓ. Колкава тага помина низ овие очи. Ги закопав речиси сите надежи од овој свет. Остана само Ти, кој сето време си со мене. Мислам дека веќе разбираш зошто Те нарекувам пријател. Во овие моменти сакам да споделам нешто со Тебе. Знам дека не можеме да го видиме своето раѓање, но сигурен сум дека секој од нас ќе биде сведок на сопствената смрт. А јас мојата ја видов и заради Тебе не се исплашив од неа. Чекам да минам низ неа во нашиот свет.
На крајот од писмово сакам да Те замолам за еден љубовен двиг. Сега кога заминав, драг пријателе, Те замолувам, појди без задоцнување кај сите кои си спомнуваат за мене и посведочи им за нашето пријателство. Избриши ја секоја солза која го пече образот на моите блиски. Откриј им го Твојот свеж здив на живот во нивните нажалени срца. Соопшти им дека ќе ги чекаме во светот во кој нема болка и страдање. Таму, во земјата на живите.
Мислам дека тоа е доволно засега. Другото ќе Ти го кажам скоро, кога ќе разговараме лице в лице.
P. S. Заборавив да Ти го кажам името, но се сетив дека одамна го знаеш.
Секогаш Твој…
(извадок од книгата „Зрнца од синап“ на еромонах Филип од Зрзе)
Преземено: Манастир Зрзе