Во 1922 год. заедно со другите бегалци дојде и едно момче сираче по име Симеон. Се насели во Пиреја, сам, во една барака каде што и порасна. Работеше на пристаништето и со својата колична пренесуваше товар. Беше неписмен и не знаеше многу работи за духовниот живот, но беше простодушен и имаше искрена вера. Кога дојде времето, се ожени и имаше две деца, тогаш се пресели во Никеја. Секое утро одеше на пристаништето во Пиреја да го заработи својот леб поминувајќи низ црквата на св. Спиридон. Влегуваше внатре, ја симнуваше капата и застанувајќи пред иконостасот велеше: „Добар ден мој Христе, јас сум Симеон. Помогни ми да си го заработам својот леб“.
Навечер кога се враќаше од работа повторно влегуваше во црквата и застанувајќи пред иконостасот велеше: „Добра вечер Христе мој, јас сум Симеон, Ти благодарам што ми помогна и денес“.
Така минуваа годините на благословениот Симеон.
Некаде околу 1950 год. жената и децата на Симеон заболеле од туберкулоза, по што починале. Симеон останал сам, но продолжил секојдневно да работи и не престанал да влегува во храмот на св. Спиридон, и да му благодари на Бога.
Кога остарел, Симеон се разболел, бил сместен во болница каде што останал еден месец.
Еднаш една од медицинските сестри го запрашала:
- Дедо, долго време си овде а никој те нема посетено, немаш роднини?
- Чедо, секое утро и секоја вечер доаѓа Христос и ме утешува.
- И што ти вели?
- Добра вечер Симеоне, јас сум Христос, истрпи.
Сестрата се зачудила и го викнала својот духовник, отец Христодул, да дојде да поразговара со Симеон, бидејќи се плашела тој да не е паднат во прелест.
Отец Христодул го посетил, започнал да разговара со него поставувајќи му ги истите прашања како и сестрата, но добивал исти одговори. Во истото време, наутро и навечер кога Симеон влегувал во храмот и се молел на Христос, сега Христос доаѓаше кај него.
- Духовникот го прашал:
- Да не фантазираш?
- Не отец, не фантазирам. Христос дојде и денес.
- Дојде!? – И што ти рече?
- Добар ден Симеон, Јас сум Христос. Истрпи, после три дена ќе те земам кај Мене.
Духовникот секојдневно одеше во болницата да разговара со Симеон. Разбра дека пред себе има благочестив човек. На третиот ден повторно отиде да го види Симеон и да се увери дали ќе се исполни претскажаното.
И навистина, за време на нивниот разговор Симеон извикал: „Христос доаѓа!“ – и праведниот заспал во својот сон.
Превод: Јероѓакон Симеон Алексов
Извор: http://pravoslaven-sviat.org/2013/09/17/dobar-den-hriste-moi/