На 28.09.2014, на 16-та Недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на светиот преподобно-маченик Макариј Солунски, и преподобната Марија Тарсиска, митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослужување на преподобниот игумен Серафим, отслужи Божествена Литургија на која што ја замонаши сестра Марина.
Владиката, ја поздрави новопострижената сестра со Христовите зборови од Евангелието за талантите (Мт. 25 глава), и зборуваше за трите главни завети на монашкиот живот: девственоства, апсолутното послушание, и апсолутното сиромаштво. Главен проблем на современиот човек е мрзеливоста и небрежноста кон даровите кои Господ нам ни ги дал. Најголемиот дар кој ни е даден од Бога е ликот Божји кој е запечатен во нашата душа. Душата човечка е составена од три дела: првиот дел – умот, кој кореспондира на Отецот, вториот дел – разумот, кој кореспондира на Синот, Словото Божјо, и третиот дел – волјата, која кореспондира на Светиот Дух. Преку овој печат, Бог му дал на секој човек да ја препознава Волјата Божја, да го разликува доброто од лошото, и човекот е должен да го чува тој печат неосквернет. Светите Отци го опишале патот на борбата со гревот. Ѓаволот најпрвин нè напаѓа со помисла. Доколку ние ја примиме помислата, таа се спушта во срцето и тоа станува желба. И на крај, човек чека само можност, зацртаната мисла да ја спроведе во дело. Бог често нè поткрепува на патот на борбата, и до крај ни дава можност да се освестиме, и да се покаеме. Но, доколку духовното око се помрачи, тогаш и целото тело се помрачува, и човекот паѓа.
Затоа, да ги чуваме нашите души и тела, да се воздржуваме од секакви лоши мисли, дела и чувства, просветлувајќи го нашиот ум со молитвата и со послушанието кон својот брат, кој е икона Христова, за да станеме достојни пред сè, за оној образ Кој Бог го запечатил во нас, а потоа и за ангелскиот образ, што сме го примиле. Да ги очистиме нашите души и срца со милостиња и покајание, та и ние да можеме по примерот на апостол Павле да речеме: „Веќе не Јас, а Христос живее во мене“ (Гал. 2, 20). Амин!