Првото движење на нашата молитва – прозба за нас самите. А кога Светиот Дух ќе го умножи нашето познание и ќе го рашири нашето сознание, тогаш молитвата прима космички мери, и ние, призивајќи го нашиот Отец, под зборот „нап“ – го разбираме целото човештво и испросуваме благодат за сите луѓе со такво срце, како и за нас самите.
„Да се свети Името Твое“ меѓу сите народи; „Да дојде Царството Твое; во душите на сите луѓе, за Светлината на животот Кој излегува од Тебе – да би станал живот за целиот наш свет; „Да биде волјата Твоја“, единствено света, која ги соединува сите во љубовта Твоја на Земјата, населена од нас, исто како што царува помеѓу светиите на небото. „Избави нѐ од лукавиот“ „човекоубиецот“ (Јн. 8, 44), кој насекаде го сее злобното семе на непријателството и смртта (Мт. 13, 27 -28).
Според христијанското разбирање – злото, како и доброто, постојат само таму, каде што има личносна форма на битието. Надвор од тој род на живот – нема зло, туку само детерминирани естествени процеси.
Во врска со пробемот за злото воопшто, и главното во човечкиот свет, стои прашањето за учеството на Бог во историската судбина на народите. Премногу ја отфрлиле верата во Бога, затоа што мислат, дека ако би постоел Бог, тогаш не би имало место за толку диво распространување на злото, за толкаво мноштво неоправдани страдања, за такво отсуство на ред и смисла во сѐ. Тие забораваат или сосема не знаат, дека Создателот ја чува човечката слобода, како основен принцип во создавањето на богообразните суштества. Вмешувањето, секогаш кога волјата на луѓето ги вовлекува по злодејни патишта, би било еднакво со нивно лишување од можноста за самоопределба; би приведувало кон сведување на сѐ под космични безлични закони.
Бог, секако, спасува и одделни страдалници, и цели народи, ако тие самите ги исправуваат своите стапалки кон Неговите патишта и повикуваат кон Него за помош.
Немаат сите иста претстава за смислата на зборот – спасение. За христијаните, кои водат непомирлива борба со гревот, тоа се состои во тоа, што Самиот Бог му Се оддава на човекот во неопфатноста на Својата вечност. На таквиот подвижник видливи беди можат да му бидат сопатници цел живот, но внатрешно тој престојува пред Невидливиот (2 Тим. 4, 7; Флп. 1, 29; Дела. 9, 16; 1 Кор. 15, 30; 2 Кор. 6, 4). Залуден ќе биде обидот да се опише неговата состојба: тој се предава на волјата Божја, и во тоа самоумалување се уподобува на Христос (Лк. 22, 42). Овој акт всушност е слободно изјавување на кенотичката љубов, која го уподобува човекот на Бога: „… дојде часот; ете, Синот Човечки се предава во раце на грешници“(Мк. 14, 41). Нема љубов поголема од оваа: ние се оддаваме себеси во светите раце на Оној Кој нѐ создал, и преку неа влегуваме во полнотата на Божествениот живот.
Достоинството на молитвата ја надминува вредноста на секоја друга дејност, било да е во социјална, политичка, научна или уметничка сфера. Оној кој го познал ова на опит лесно ја жртвува својата материјална благосостојба заради доволноста за беседа со Бог. Голема привилегија е да се задржува својот ум на неминливото; на тоа, што е повисоко и подалеку од сите најпознати достигнувања на науката, философијата или општествената служба. На почетокот, на борбата за духовна слобода може да се покаже премногу тешка и ризична, но сѐ се преодолева, кога молитвата целосно ќе ја опфати душата.
Молитвата на длабокото покајание може да го доведе човек во таква состојба, како кога тој го добива опитот на слободата во Духот на Вистината: „и вистината ќе ве ослободи“(Јн. 8, 32). Оваа света слобода, за жал, им е непозната на повеќето луѓе. Прв симптом на ослободувањето – е несакањето да се владее над било кој; следен степен – внатрешното ослободување од власта над другите над тебе; и тоа не од презир кон поставените од Бога власти и управниците на надворешниот живот на народите, но во силата на стравот Божји, кој не допушта да се престапи заповедта за љубов кон ближниот.
Беспочетниот Бог ни се открил во Своето необјасливо смирение. Тој, Творецот на сѐ што постои, на владее над нас. Секако, и над Него никој не владее. Човекот – е образ на овој смирен и слободен Бог; нормално би било за нас да се стремиме да се уподобиме на Него во образот на Битието: да се отстрануваме од господарење над други и самите „да стоеме во слободата која што ни ја дарувал Христос“ (Гал. 5, 1; 1 Кор. 15, 23-28).
Светлината Божја со своето доаѓање во душата на оној што се моли ја одзема од ропството на страстите и ја возведува во светоносната сфера на богоподобната слобода, полна со љубов, која исклучува секаква склоност кон робовладетелство, кое е спротивно на љубовта. Таму каде што нема слобода и љубов, сѐ е бесмислено. Дури и таквите дарови, како пророштвата, знаењето на сите тајни и силата на чудотворство, без љубов – ја губат вредноста. (1 Кор. 13, 1-3).
Голем и чуден е мирот на светата слобода. Надвор од неа, невозможно е спасението како обожение на човекот. Неопходно е, тој (човекот), самиот да се определи за вечност. Сета твар се стреми кон ослободување од ропството на тленоста во слободата на богосиновството (Рим. 8, 21-23).
Насекаде денеска има борба за слобода и независност, но тешко да најдеш човек, кому му се открила тајната на богоподобната слобода на децата на Отецот Небесен. Неопишливо е со зборови достоинството на оваа состојба; а се познава не поинаку, освен како дар Одозгора. И пак, не можам да не го спомнам Апостол Павле, кој несомнено ја знаел божествено-царската слобода: „Тварта со надеж го очекува откровението на синовите Божји, затоа што недоброволно се покорила на суетата…“ (Рим. 8, 19-20).
„Стојте во слободата, која што ви ја подари Христос, и не подложувајте се повторно на бремето на ропството“(Гал. 5, 1). Лесно е да се разбере, дека страста за владеење над братот – како брза последица го има губењето на својата независност, и притоа, што е страшн, отстапување од Богот на љубовта, лишување од благодатта на Светиот Дух. Во душата на поробувачот се создава провалија во небитијна пустина. Уподобувањето на Господарот над господарите го исклучува робовладетелството, во кое нема вечен живот, па дури ни временски. Доминацијата обични се постигнува со насилства и убиства. Кон таквите, како кон такви кои што не покажале милост, на последниот Суд ќе биде применет принципот: „Со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери’; и уште „Суд без милост за оној кој не покажал милост(Мф. 7, 2; Јак. 2, 13).
„Каде што е Духот Господов, таму е слободата“(2 Кор. 3, 17). Слободата во својата апсолутна форма му е својствена само на Бога. На човекот пак му се дава благослов да ја познае како дел во молитвата, соединета со живот по заповедите. Молитвата – како бесценет дар од Небото –бара од нас „задоволност“. Заради средба со Живиот Христос не е тешко да се откажеме од насладите кои го влечат човекот, и беседата со Него да ја предпочитаме пред сѐ. Мене ми беше дадена оваа бесценета привилегија, – ќе кажам смело – блаженство, кое најголема сила достигнало во пустина. Аскетичното разбирање на пустината не се сврзува со географија, а со образот на живот: таквата оддалеченост од луѓето, кога никој не те гледа и не те слуша, – кога над тебе нема човечка власт и ти не владееш над никој. Таа слобода е неопходна за потполно задлабочување на духот, а и за целиот наш состав, во Божествената сфера. Тогаш можеби ќе ни биде предадено Божественото бестрастие, кое стои над сите вредности на Земјата. Таквиот човек не мисли ни на владеење на братот; не бара чест или прославувања, а уште помалку материјални богатства. Не разбирам, зошто во пустината на мене слегол благословот да се живее во слобода „на децата Божји“ (Рим. 8, 21). Не велам, дека го примив овој дар до највисок степен, т.е, кога човекот навистина ја надминал власта над него од гревот и смртта. Но, на моменти јас сум бил на таа гранка, од каде што разбрав, дека полното ослободување доаѓа тогаш, кога смртта е преодолеана.
Тој што не се плаши од смртта, веќе стои на патот кон слободата. Човекот се задржува во ропство, ако во него доминира приврзаноста кон земното. „Еве ме мене, и децата кои ми ги даде Бог. Бидејќи децата имаат плот и крв, и Тој исто така ги прими нив, за со смртта да го лиши од силата оној кој имал власт над смртта, т. Е. Ѓаволот, и да ги избави тие, кои поради страв од смртта цел живот биле подложени на ропство“ (Евр. 2, 13-15).
Јас, само делумно го вкусив восхитот на духовната слобода. Од тогаш, откако бев поставен за духовник, живеам надвор од неа, врзан со љубовата кон оние, кои Господ ми ги испраќаше. Љубовта често ме заробува мене, во однос на оние на кои им служам, на кои им сум потребен заради Бога. Сепак, некаде длабоко во душата останува трага од преживеаниот опит. Најпрвин, уште во далеку нејасна форма, овој опит ми беше даден во Франција, кога почувствував голема потреба да се оддалечам од светот. Му благодарев на Божјата Промисла за мене, гледајќи се слободен да го извршам овој чекор на оддалечување од светот, затоа што немаше никој во оваа вселена, чиј што живот би зависел од мене. Во мојата жед по Бога јас можев да одам на секој ризик; и ништо не штедев; слободно се предадов себеси на сите тешкотии. Тоа беше почетен опит на царската слобода на мојата душа. Христос во слободата на Својата љубов, се предаде на смрт, откривајќи ни го со тоа патот кон повисокото познание, кон Божествената бесмртност.
архимандрит Софрониј Сахаров