За духовната слобода
„Стојте во слободата која што ни ја подарил Христос, и не се подложувајте пак на бремето на робството“(Гал. 5,1).
Почетокот на нашиот живот во тело, од земја земено (Бит. 2, 7), ни дава зависност од природните сили и воопшто од космичните енергии, со кои е сврзана неопходноста и детерминизмот. Само преку Христос го познаваме Царството на слободата на Духот Божји (2 Кор. 3, 17), а потоа и на духот човечки (Јн. 8, 31-32). Последниот, духот човечки, на непостижен начин создаван од Бога, како да се зародува во материјата на нашето тело, но по својата природа тој, духот на човекот, е повисок од космината материја. Од средбата со Христос тој израснува во своето ипостасно сознание до таа зрелост, што престанува да зависи од природните закони на земјата и започнува дејствително да го прима здивот на Божествената вечност.
Слободата на човекот кој поверувал во Божеството на Исус Христос и кој пребива во областа на неговите зборови, припаѓа на други измерувања: таа слобода, со ништо не е детерминирана (ограничена) однадвор. Таквиот човек – кој што се приближува до мерата на полната возраст Христова (Еф. 4, 13) – иако е творба Божја, сепак Творецот не се обраќа со него како со Своја „енергија“, но како со определен факт дури и за Него: Бог ништо не му наметнува со сила, дури ни љубовта кон Него, како кон Отец. Тој му се открива на човекот, „Каков што е“, оставајќи го човекот да реагира во неговата слобода. Така Црквата го отстранува дури и Божествениот, т, е. „оригенистичен“ детерминизам: дека благоста Божја ќе најде патишта, не нарувајќи ги принципите на слободата, да ги спаси сите и се.
Оваа слобода, која што му се дава на човекот-христијанинот, му припаѓа на персоналниот почеток во човекот. Тие две, личноста и слободата – се соединети неразделно: каде што нема слобода, нема ни личност; и обратно: каде што нема Личност, таму нема ни слобода. Тој род на вечното Битие, ѝ е својствен исклучиво на личноста, а никако на индивидуата. (спор. 1 Кор. 15, 47-50).
Создадени сме од Бога според „образот Негов“ за живот „по подобието Негово“, т. е, заради наше конечно обожување: за наше приопштување кон Божествениот Живот во сета негова полнота. Односите меѓу Бог и човекот – се основани на принципот на слободата: во нашите клучни одлуки пред Бога – ние сме самостојни личности. Кога во нашата слобода се склонуваме кон грев, тогаш го раскинуваме сојузот на љубовта и се оддалечуваме од Него. Можноста на наша негативна самоопределба во однос на Отецот Небесен го дава трагичниот аспект на слободата. Но оваа крајна самовласност, сепак се јавува неопходен услов за создадената персона при искачувањето за восприемање на Божествениот Живот.
Да, ние сме слободни, но не во таа апсолутна мера, во која е слободен Самиот Бог: Тој во сѐ го определува Своето Битие. Ние пак, создадените од „ништо“, немаме битие во самите себеси: ние не можеме да изградиме какво и да е битие, кое би сакале да го изградиме, според нашиот разум или безумие. Пред нас е фактот на Првата Самобитност на Бога, освен која не постои ништо самобитно. Ние имаме избор: или наше посиновување од нашиот Бог и Отец, или отпаѓање од него во мрак небитијниј, – среден пат нема.
Христијанинот е повикан кон храброста да поверува, дека ние можеме да бидеме воведениво владеење со Божественото Битие. Тоа не ни припаѓа нам, затоа што ние сме твар; ние немаме сили да го создадеме ова битие; тоа може да ни биде дадено како чист дар на љубовта на Отецот.
За што зборувам јас сега? Се обидувам да најдам некоја паралела од нашиот беден живот, која би ни објаснила што се случува со нас, кога Господ се вселува во нас… Човекот се раѓа како слеп, беспомошен младенец. Неговото оружје за борба за своето постоење – е плачот, со кој тој го изразува своето незадоволство или страдање, на каков начин и да дошло. Родителите, а пред сѐ мајката, од љубов кон плодот на својата утроба, му брзаат на помош. На почетокот на животот младенецот се прилепува кон мајката: со рацете го зафаќа нејзиниот врат; се притиска кон нејзиното лице, плеќи, фради, нозе, кога таа стои на подот, и сл. Постепено тој се учи да ги разликува предметите, да произнесува некои зборови, да усвојува некои поими, да станува посилен, способен да стои, оди, трча и конечно ја достигнува својата зрелост – физичка, морална, умствена; И сам може да биде татко или мајка; стапува во самостоен живот. Сѐ што доживеал како младенец, испаѓа од неговата меморија; тој знае кои му се татко и мајка, но повеќе не ја чувствува зависноста од нив; живее, како од никого да не излегол; слободен во своето движење и решенија; се гледа себеси како некоја полнота, како целосна индивидуалност; со зборот – „јас живеам“. Како се случило тоа, не знам, но тој факт за мене е убедлив до крај… Само разумот мој знае дека тој живот, кој што го имале моите родители, ми е даден мене, протекол во моите жили, станал мој, нашол свој пат. Такви се и нашите односи со Бога: „… како што Отецот има живот во Себе си; така и на Синот Му дал да има живот во Себе“(Јн. 5, 26)… „Како што Ме испрати жив Отецот, така и Јас живеам со Отецот: така и оној кој Ме јаде Мене ќе живее преку Мене“(Јн. 6, 57-58). „Јас живеам и живи ќе бидете“ (Јн. 14, 19). Кога тој Живот ни се соопштува битијно, ние го чувствуваме како наш сопствен живот. Ние знаеме од претходниот опит, дека тој живот ни е даден од Бога; тој не е наш по својата суштина; но даден во неодземливо наследство на спасените, тој навистина станува наш живот. За него може да се зборува со зборовите на Апостол Павле: „И веќе јас, но Христос живее во мене“ (Гал. 2, 20). Пак ќе повторам: јас знам дека тој живее во мене, но Неговиот живот станал јадро, највнатрешно јадро на сето мое суштество, така што можам да зборувам за него, како за мој живот: живее Господ, живеам и јас.
„Кој ги има моите заповеди и ги пази, тој Ме љуби; а кој Ме љуби Мене, тој ќе биде возљубен од Мојот Отец; и Јас ќе го возљубам, и ќе му се јавам Сам… и ќе дојдеме кај него, и ќе направиме кај него живеалиште“ (Јн. 14, 21-23). Ќе направат, секако, не повремено, а вечно.
Нашиот влез во владеењето со овој бесмртен живот е обусловлено со пазење на заповедите Господови.
„Ако останете во Моето слово, вие навистина сте Мои ученици. И ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јн. 8, 31-32).
Подобието на нашата природа на Бога, естествено раѓа во нас жед за познавање на Вистината, за стремеж кон Божественото совршенство. Тоа совршенство, не е во нас самите, а во Отецот, Изворот на сѐ што постои. Последувањето во сѐ Нему, воопшто нема карактер на потчинување на диктатурата на некоја надворешна за нас власт: тоа е врската на нашата љубов кон Него; ние непрестајно тежнееме кон Неговото совршенство. И Христос ни дал заповед: „Бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец Небесен“(Мт. 5, 48).
Светата волја на Отецот, која отсекогаш е во Него, не ни е туѓа нам, Неговиот „образ“. Таа му е својствена на нашиот дух, иако го наминува сето наша тварна природа. Превосходството на Отецот ја објаснува неопходноста од борбата за потполно усвојување Негово од нас; ние слободно одиме на овој подвиг, истовремено и мачен и вдахновителен. Преку молитвата на нас слегува силата на Вишниот. Светиот Дух во нас го совршува исконското и очекуването, а не нашите прихоти. Ние скорбиме со голема болка, затоа што не ја вместуваме Неговата полнота во нас самите. И болуваме, и страдаме, но и блаженствуваме во истото ова страдање; и Го почитуваме, и Му се поклонуваме во нашата Љубов. Во својата најчиста форма, нашата молитва не е нешто друго, освен восхит на нашиот дух пред Него.
„Господи! Научи нѐ да се молиме… Тој им рекол, кога се молите, говорете: Оче наш… “ (Лк. 11, 1-2). „Молете се пак така: (Мт. 6, 9-13).
„Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое“: Ти си му дал на духот мој да го помириса благоуханието од Твојата Светиња, и сега душата моја жеднее да биде света во Тебе.
„Да дојде Царството Твое“: Те молам Тебе, Твојот Царски живот да ме преисполни мене, сиромавиот и бедниот, и да биде мој живот во вековите на вековите.
„ Да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата“ на моето тварно суштество… да се вклучам и јас, смртниот, во големиот поток оваа Светлина, како што Таа е во Тебе Самиот уште од почетокот.
„Лебот наш насуштедн дај ни го денес“, и пред сѐ, и после сѐ „вистинскиот леб, кој слегува од небото и кој дава живот на светот“ (Јн. 6. 32-33).
„И прости ни ги долговите наши, како што и ние им ги простуваме на нашите должници“… Те молам, испрати ја на мене растленетиот, благодатта на Светиот Дух, Кој дава сила да им простамна сѐ и на сите така, да не остане во мене препрека да ја примам од Тебе прошката за безмерните мои гревови.
„И не воведувај нѐ во искушение“… Ти, Срцевидецу, ја знаеш мојата развратност и склоноста кон гревот… Ти се молам: испрати го Ангелот Твој со огнен меч, да ми го прегради патот кон падовите. (Броеви 22, 23 и натака)…
„Но избави нѐ од лукавиот“… Оче Свети, Седржителу Благи, ослободи ме од власта на нашиот непријател и Твој противник… зашто самиот да се борам со него не сум моќен.
Архимандрит Софрониј Сахаров
Извадок од кнгата „Да го видиме Бога Каков што е“