Воздигнување на Чесниот и Животворен Крст Господов!

На 27.09.2014, кога го празнуваме споменот од Воздигнувањето на Чесниот Крст, Митрополитот Преспанско-Пелагониски Петар, отслужи Божествена Литургија во битолскиот соборен храм „Св. Димитриј“.
Владиката беседеше за многубројните сведоштва на силата на Чесниот и Животворен Крст Господов, почнувајќи од Стариот Завет, кога Мојсеј, прекрстувајќи ги рацете го раздвоил Црвеното Море, потоа, поставувајќи крст во водата во пустината, од горчлива ја направил слатка. Преку вкрстувањето на рацете на Исак, биле благословени неговите синови, како и преку вкрстувањето на рацете на патријархот Јаков биле благословени сите дванаесет племиња. И во Новиот Завет, преку Крсниот знак се случувале многу чуда: болни се лекувале, слепи прогледувале, мртви воскреснувале. Да си спомнеме само за чудото на благочестивиот цар Константин, гледајќи голем знак на небото во вид на Крст, го победил непријателот свој Максенциј, кој бил гонител на Христијаните, благодарение на што христијанството ја добило својата слобода.
Да расудуваме за Крстот, како врата која ни дава светлина во безизлезните животни ситуации; како мелем, кој кога ќе го прифатиме ја разблажува чашата на страданијата; и како единствено средство кое ни е дадено да станеме Христоподобни и да го заслужиме благословот да се наречеме христијани.

 

[nggallery id=61]