На 28.12.2014 година, во Неделата кога го празнуваме споменот на светите Праотци и старозаветни праведници, во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Прилеп, митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар отслужи божествена Литургија, на која беседеше за благодарноста како една од основните и најголеми добродетели на праведниците.
Во името на Отецот и Синот и светиот Дух!
„Зар не се излекуваа десетмина? Каде се останатите деветмина, та дојде само овој Самарјанин, другородец?“ (Лк. 17, 17)
Ја слушнавме браќа и сестри, параболата што говори во денешното свето евангелие за тоа како Господ ги излекувал десетмината прокажани од тешка болест – проказа (лепра). Тоа е болест која создава на телото рани, црвени дамки, кои потоа стануваат струпови, рани, и соединувајќи се стануваат како една рана која го опсипува целото тело. А луѓето кои се заразувале од оваа заразна тешка болест, според еврејскиот закон морале да се оддалечат на пусти места, каде што никој не одел за да не се заразат другите. Нешто слично, како што денеска се случува со еболата. Поради тоа, за овие луѓе кои биле отфрлени од луѓето, никој не сакал ниту да помисли, освен некои многу милозливи луѓе или роднини, кои одвреме-навреме доаѓале во близина и им оставале храна, за тие да не умрат од глад, но со нив не доаѓале во допир. И најверојатно, од таквите луѓе тие и слушнале дека постои лекар над лекарите, а тоа е Христос нашиот Спасител. Тие знаеле дека Тој е милостив и дека може да ги излекува, па затоа пристапиле близу до патот каде што требало да помине Господ Исус Христос. А кога забележале дека Тој доаѓа, тогаш извикале, како што слушнавме од денешното Свето Евангелие: Исусе, сине Давидов, смилувај се на нас! ( Лк. 17, 13) Тогаш Господ Исус Христос, без да отиде кај нив, и без да ја стави раката врз нив, ги излекувал од болеста и им рекол: да отидат кај свештениците и таму да се покажат. Зошто? Затоа што, според Законот, ако некој бил заразен од оваа болест и се излекувал, свештениците биле тие што потврдувале дека тој е здрав и му давале дозвола да живее меѓу останатите луѓе. И токму заради тоа, да се исполни Законот, Христос ги испратил луѓето кај свештениците.
Браќа и сестри, како што знаеме, иако сите се излекувале, само еден од нив, од родот на Самарјаните, кои биле намразени од Израелците, токму еден таков другородец, решил да се врати кај Господа Исуса Христа и да му заблагодари за тоа што го излекувал. А Христос рекол зар не се излекуваа десетмина, каде се деветмината да му заблагодарат на Бога?
Благодарноста за направено добро дело, пред сè, е работа на воспитување, семејно, општествено. И секој човек кој ќе добие нешто на дар треба да знае да заблагодари на оној што му го дал. А оној кој не знае да благодари, најпрвин се смета за невоспитан човек, а потоа тој смета дека сè во животот е негова заслуга и дека сите луѓе се должни нему да му даваат и да го помагаат и дека ако тоа не го прават, тогаш вината е нивна и тој треба да им се противи, да ги понижува, навредува и т. н. Токму заради тоа, знаејќи што сè ни дал Бог, почнувајќи од сонцето без кое нема живот, и дождовите кои ја натопуваат земјата за да дава разни плодови, житото од коение живееме, треба да научиме да бидеме благодарни. Благодарни за она што ни го дал Господ во морињата, океаните, езерата, планините, полињата, цвеќињата, тоа Господ ни го дал само по милоста своја, без наша заслуга. Потоа и за душата човечка, преку која ние живееме и сме создадени според Божјиот образ и подобие. А тоа значи дека душата има ум и разум и волја, како што и Бог е Бог Отец и Син и Свет Дух. Бог сè ни дал, и тоа ништо не е наша заслуга. Ништо не ни припаѓа нам, туку сè е Божји дар. А ние што Му воздаваме на Бога како благодарност за она што ни го дал, и дали воопшто му благодариме? Не му благодариме, драги браќа и сестри, па затоа и не можеме да очекуваме дека ќе можеме и понатаму да просиме милост и да бидеме помилувани од Бога. Покрај сите овие нешта што ни ги дал Бог, ни го дал и својот единороден Син Господ наш Исус Христос, та секој што ќе поверува во Него да не погине, но да има живот вечен. Оној кој е совршен, Син Божји, кој предвечно се раѓа од Отецот, Словото Божјо, Синот Божји благоволи Отецот, а доброволно се согласи и одлучи Синот Божји да дојде во светот и да се изедначи со луѓето во сè, освен во гревот, и да поживее со луѓето, да ги поучи во науката Божја, да проповеда. Но, и доброволно да пострада и да биде распнат на крст, со својата крсна жртва да го освети крстот и нас да нè избави од гревот и смртта, и повторно да нè врати во единство со Бога, зашто преку нашите прародители Адама и Ева, како што вели апостол Павле згрешивме сите: „Адам згреши и умре, а преку Адама и ние згрешивме и умревме“. Но, преку вториот Адам, Христос нашиот Спасител, ние повторно се преродуваме и повторно сме во заедница со Бога, Отецот и Синот и Светиот Дух.
Браќа и сестри, за сето ова, оваа недела ја славиме Неделата на Праотците, а тоа се светители кои што живееле во Стариот Завет, како што се патријарсите и богоизбраните луѓе, судиите кои го поучувале народот на правиот пат, пророците, кои претскажувале дека од небото ќе дојде Лебот, Синот Божји, и кој од него ќе вкуси, тој ќе има живот вечен. Како тие, браќа и сестри Му благодареле на Бога за она што им го дал? Тие знаеле да бидат благодарни. Да си спомнеме како патријархот Авраам, кој беше избран патријарх од Бога, и кој немаше деца, но заради милосрдноста што ја покажувал кон сите луѓе, гладни нахранувал, боси облекувал, патници, намерници не пропуштал да не бидат примени во неговиот дом, и во една прилика покажал голема милост кон Троица патници, а тоа биле трите ангели, кои го претставувале Бога, Отецот и Синот и Светиот Дух. Ним Авраам им се обратил како на еден, зашто еден е Бог: Ако си нашол милост пред мене, немој да го одминеш мојот дом. Па ете, тие биле негови гости и му соопштил Бог дека неговата неплодна жена Сара ќе роди син, и ќе му стави име Исак. (Бит.18, 1-11)
Благодарноста на Авраама, за тоа што му го дал Бог Исака, била огромна. Господ после некое време, од него побарал да го жртвува својот син, а Авраам без да се посомнева во Божјата промисла дали е тоа праведно или неправедно, имајќи силна вера во Бога, го зел својот син и на врвот на планината Морија го зел својот единороден син да го принесе како жртва. Гледајќи ја неговата вера, Господ го спречил да го убие својот син, и му дал овен кој ја заменил неговата жртва. (Бит. 22, 1-19) Исак пак, бил праслика на Господ Исус Христос Кој ќе биде жртвуван на крстот. Ете, браќа и сестри, така Му благодарел овој Божји угодник за синот што го добил, подготвен и него да го предаде на Божјата волја.
Еден друг старозаветен праведник, многустрадалниот Јов, кој многу пострадал зашто сатаната му позавидел, а Господ му дозволил да го искуша и да му направи сè, само над душата негова да не добие власт, тој ги изгубил своите деца, го изгубил и својот имот, и на крај и самиот заболел од истата болест за која слушнавме претходно, и оставен бил сам да лежи во ѓубриштето, осамен и напуштен од сите. И како одговорил тој за сите страдања што ги добил? Како одговорил Јов на молбите на неговите пријатели, а и на неговата сопствена жена, да каже некој лош збор против Бога и да умре? Наместо да ги послуша, праведниот рекол: Кога Господ ни даваше богатство, камили, овци, стока и секаков друг имот, зар и тогаш требаше да хулиме на Бога, или ни беше добро и Му благодаревме? Но, бидејќи сè што добиваме е од Бога, тој одговорил: „Господ даде, Господ зеде, нека е благословено името Господово!“ (Јов 1, 21)
Ете така благодареле праотците, браќа и сестри во Стариот Завет, така благодареле и новозаветните луѓе, а и ден денес има луѓе кои Му благодарат на Бога за сè што имаат.
Но, како ние му возвраќаме на Бога за сè што ни дал? Или со што му возвратиле Евреите на Христос? Читаме и пееме во една црковна песна која вели вака:„ Людие мои, что ми воздасте (Луѓе мои што ми дадовте). За маната што ви ја дадов во пустината, ми дадовте жолчка на Крстот. За водата што потече од камен кога бевте жедни, вие ми дадовте оцет да пијам на Крстот. За тоа што ве љубев, вие на Крст Ме распнавте. Луѓе мои, што ми дадовте?“
Ете, што му дале Евреите. А зар ние браќа и сестри, не го правиме истото тоа? Кога ние грешиме, кога правиме нечесни работи, кога блудствуваме, кога завидуваме, кога прељубодејствуваме, кога клеветиме, кога не правиме добри дела, кога гладен не нахрануваме, жеден не напојуваме, кога голи и боси не облекуваме, кога оние што имаат потреба од утеха, ожалостените не ги утешуваме, истото тоа го правиме и ние. А ако продолжиме тоа да го правиме, ќе ја наследиме казната Божја, а не Царството Небесно. Затоа ќе приведам само неколку примери за тоа, како некои луѓе што не знаеле да заблагодарат на Бога биле казнувани.
Во времето на еден познат крал, таткото на Александар Македонски, Филип испратил еден човек да преговара со грците на островите. И кога ја завршил таа мисија, додека се враќал назад, во морето го затекнала страшна бура, и еден човек, кој имал плантажи покрај морето, не штедејќи го ни својот живот, се фрлил во морето да го спаси. Го спасил, го избавил од опасноста на морето, го закрепнал, го угостил, и го испратил. А кога кралот Филип го прашал неговиот слуга што ќе побара за мисијата што ја извршил, тој ја побарал плантажата на човекот кој го спасил. Кралот не знаејќи ја претходната случка, му ја исполнил желбата. Но, кога потоа дознал за подлоста на неговиот слуга, наредил истиот со вжештен печат да се обележи на челото на кој пишувало: Казна за неблагодарност! Таква ќе биде казната, драги браќа и сестри, за сите оние кои добиле нешто како дар (а сите дарови доаѓаат од Бога) ако не заблагодариле.
Затоа, браќа и сестри, и ние да му благодариме на Бога, угледувајќи се и на цар Давид кој ги напишал 102 и 103 псалм како благодарствени химни на Бога, да се угледаме на мачениците кои и од смртта не се плашеле, чезнеејќи по дарот на љубовта која се спуштила над нивните глави како маченички венец.
За многу години!