Станувај мрзливке!

Порано, тука, во тивката обител на брегот на Божјата река, непрестајно доаѓаа кочии, вагони, шатори. Денеска стрмоглаво летаат фолсвагени, BMW и мерцедеси…

Порано на оптинскиот праг доаѓаа селани, граѓани, трговци, работници. Денеска – учители, спортисти, професори, политичари и бизнисмени.
Порано – палта, кафтани и сарафани . Денеска – фармерки, кожни јакни и друга современа облека.
Време – различно. Темпо – различно. Моди – различни. Луѓе – различни.
Страстите – исти. Главните болести на душата – исти. И Господ – е Еден и Ист.
Некогаш, одамна, Оптина ја нарекувале „најжешко огниште, на кое се греела цела Русија“. Сега, во денешно време, ние со заеднички сили само се трудиме да ги запалиме изгаснатите јаглени од некогаш пламениот огниште. Ние живееме во тешко, сложено, парадоксално време.
Светот се обидува да го умртви човекот. Сака да го натера да не се освести, да не се одржи, да не израсне за вечноста. Светот сака, да не се оствари средбата со Бога. Секој од нас знае, колку е тешко да се биде жив. Колку е тешко вистински да се постои. Колку е сложено да се нурне во длабочината на животот, во неговата вистинитост, во неговата вечна правда. И колку се неопходни за нас топлите молитви на светиите!
Копјето на времето го пронижува нашиот живот, и ние сега го празнуваме споменот на оној, чија душа веќе е надвор од нашата земна суета и секојдневие. Гледаме на неговиот смирен, светол лик на иконата, и неговите очи нè стоплуваат со огнот од Вечноста. Се допираме до неговите благомирисни мошти, и вдахновителен ветер на благодат ги оживува нашите оладени, тажни срца. Го просиме неговото застапништво, и тоа доаѓа побрзо од брзината на светлината… Затоа што преподобниот Амвросиј е тука, крај нас, и секогаш е подготвен да ни помогне.
Страшно е да зборуваме за светителот… Тоа е како слеп да расудува за убавината на изгрејсонцето или за торжествената тивка убавина на есенската шума. Или како глув да се обидува да ја разбере хармонијата на симфонијата на Бах или да го чуе спокојниот, таинствен шепот на морските бранови… Преподобниот Амвросиј, за нас – е недостижна длабочина! Недостижна висина и тајна!
Тука, покрај неговата скитска колиба покајниците се очистувале од гревовите, како од крвта после борба. Тука се разбудувале и разгорувале изгаснатите жарчиња на човечката совест. Тука се ваѓале од срцата страшните трња на неверието, празнината, и стравот. Коко оној што бара злато, со решето измива цели планини земја, само за да најде малечки трошки злато, така и старец Амвросиј преку решетото на молитвата, состраданието, сочувството, наоѓал трошки на љубов, добрина и светлина во бескрајните тони на ѓубре што гние во човечките срца и судбини.
Еден философ од 20 век, еднаш рече, дека „осаменоста – е раскош на богатите“. Тој сакаше да каже, дека човекот цело време се наоѓа во суета, брзање, во некакви работи, и да поседи сам, да се сконцентрира, да размисли – е голем раскош. Не секој може да си го дозволи тоа… И иако преподобниот Амвросиј бил вистински духовен богаташ, и тој го немал тој раскош на осаменост. „Како што сум се родил од луѓе, така од луѓе и живеам“ – влел старецот, шегувајќи се, за себеси.

DjS6dQ_sGQU

Тој живееше од луѓето. Тој живееше за луѓето. Околу него многу години се колебал, воздивнувал и плачел цел океан од човечка тага. Кај старецот ретко оделе да му соопштат за својата радост. Кај старецот ги носат болката, тагата, колебањето, страдањата, маките. За селанката мака – се гуските кои постојано и умираат. За великиот Достоевски, кој срамежливо го пречекорил прагот на старецот – смртта на неговиот малечок син. „Тој беше подеднакво отворен за сите, – рекол К. Леонтјев, – и во секој човек го гледаше образот и подобието Божјо!“
Секој од нас знае колку е тешко да се утеши човек во неговата мака, колку е тешко да се изберат потребните зборови, колку е сложено да го погалиме човекот со искрено сочувство. Старец Амвросиј многу добро разбирал, дека да се утеши човек што страда – не значи да го снема неговото страдање. Неизлечливата болест или загубата на блискиот човек е невозможно да исчезне. Да се утешува – значи, да се помага во страдањето! Да се научи човек да го носи страдањето без роптање, примајќи го – како од рацете на Промислата на Севишниот!
Тој учек да живееме „како тркалото што се врти, – само малку, со една точка ќе се допре до земјата, со останатите се стреми нагоре!“ Тој го споредувал светот со досаден пазар. Човекот – е маж, кој на своето коњче оди низ тој пазар. Сите наоколу викаат, го нудат својот товар, се обидуваат да го вовлечат во некакви зделки и приказни. А мажот не обрнува внимание на таа громогласна, разјарена суета, го зауздува својот коњ, и пополека ги поминува сите замки, измами и искушенија кои го брануваат животното море.
На мајката, на која и умрел синот, кој работел на телеграф и кој често му носел на преподобниот телеграми, старецот ласкави ѝ велел: „Се прекина нашата телеграма?“. На човекот кој се жалел од раката што го болела, му напомнал дека тој некогаш ја тепал својата мајка.
Еднаш, некој послушник Матеј, кој страдал од пијанство избегал, како што сам подоцна се сеќавал, „во адамовски костим“, то ест, сосема гол, дирекно кон количката, кон која патувал старецот. „Ах, – со љубов и снисходење рекол авата, – благодатта Божја сеуште не отстапи од него!“
Старецот се шегувал, некого го удирал со стапче, некого ласкаво го нарекувал „глупчо“, успат кажувал поговорки и шеги. Но, никој, дури ни келијниците, не знаеле, дека зад сето тоа, стоеле неспани ноќи, солзи и молитва за цел свет! Тој ја направил наговата келија лекарски кабинет, во кого што исцелувал не скршеници и повреди, не главоболки и изгореници, ниту настинки и туберкулоза. Тој ги исцелувал страшните, смрдливи рани и јазви на човечката душа, внимавал над духовниот кардиограм, ги исправувал страшните срцеви искривувања, кои му сметале на човекот нормално да живее и да се моли.
Старец Амвросиј, како премудар архитриклин, вешто го распределувал духовното вино на Оптинската благодат. Како добар искусен грнчар, од мртвата, неподвижна глина на човечката душа, слепувал, трепетно и внимателно, прекрасен неповторлив сад, кој требало да се наполни со Божествена благодат.
Преподобниот Амвросиј – е цела епоха. Порасна цело поколение христијани, воспитани според неговите писма, поуки, и најважно – неговите молитви! Како од Вечноста, од светозарните рајски обители да ги слушаме неговите прекрасни зборови, кои станале како симболи и знаци: „Да се живее – да не се тагува! Никој да не се осудува, никому да не се досадува, и на сите мојата почит!“
Илјадници и илјадници луѓе, многу години доаѓаат во Оптина, духовно да се згреат пред моштите на преподобниот. Тој нè учи да живееме со Христос! Да дишеме со молитва! Да се стремиме кон Вечноста! Безропотно да го носиме својот земен животен крст. Тој нè учи да го го гледаме небото во душата на нашиот ближен. Преподобен Амвросиј ни помага длабоко и слободно, радосно и вдахновено да го живееме нашиот обременет, неукрасен, многустрадален живот со неговите неизлечливи болести, со неговите „прекинати телеграми“, со болката од загубите, со неразбирањето од ближните, со злобата на светот кој нè опкружува… И таму, во таа секојдневна рутина, во громогласната празнина на секојдневието, внесува светлина, мир, смирение, смисла и љубов!
Еднаш, потпирајќи се на бастунот, старец Амвросиј одел од манастирот во скитот. Наеднаш, неочекувано видел ваква тажна слика: Натоварено возило, покрај него, падната мртва кобила, и расплакан селанец. Старецот трипати ја заобиколил кобилата, зел стап, го удрил животното и викнал: „Станувај, мрзливке!“ И кобилата послушно станала на нозе.
Така и нашата душа, раслабена и мрзелива, полумртва, натоварена со мноштво гревови, облечена во „несвадбена облека“, лежи на раскрсниците на суетниот, преисполнет со грижи, свет. Господ со стапот на тешкотиите, маките и искушенијата нè подудрува и ободрува, и ни испраќа на помош свети угодници, како преподобниот Амвросиј.
Ние и денеска ги слушаме неговите ободрувачки, трезвени татковски зборови, обратени со љубов кон душата на секого од нас: „Станувај, мрзливке!“
25920_640

Игумен Тихон Борисов

Извор: http://www.optina.ru/sermon/pt102/