Ова е многу важно, затоа што остава впечаток на нашиот однос кон смртта воопшто. Смртта може да стане предизвик, кој ни дозволува да израснеме во нашата полна мера, во постојан стремеж да станеме сето она што можеме да бидеме, – без никаква надеж да станеме подобри подоцна, ако не се трудиме денеска да постапуваме, како што треба.
А пак Достоевски, расудувајќи во „Браќа Карамазови“ за пеколот, вели, дека пеколот може да се изрази со два збора: „Премногу доцна!“.
Само споменот за смртта може да ни дозволи да живееме така, за никогаш да не се сретнуваме со тој страшен збор, кој ужасува со својата очигледност: премногу доцна.
Доцна да се искажат зборовите, кои сме можеле да ги кажеме, доцна да се направат двиговите, кои можеле да ги изразат нашите односи. Тоа не значи, дека не може воопшто ништо да се направи, но тоа веќе ќе биде направено поинаку, скапо, по цена на голема душевна мака.
Би сакал да ги илустрирам своите зборови, појаснувајќи ги со пример.
Пред некое време, кај мене дојде човек,околу осумдесет и нешто години. Бараше совет, затоа што не можел повејќе да ја поднесуваа таа мака, во која што живеел шеесет години. За време на граѓанската војна во Русија, тој ја убил љубената девојка. Тие многу се сакале еден со друг и сакале да се оженат, но за време на престрелка, таа ненадејно излегла, и тој неочекувано ја застрелал. И шеесет години тој не можел да најде спокој.
Тој не само што прекинал живот, кој што му бил бесконечно драг, тој прекинал живот кој што расцветувал и бил бесконечно драг на неговата сакана девојка. Ми кажа дека се молел, барал прошка од Господ, бил на исповед, се каел, добил разрешителна молитва и се причестил, – правел сѐ, што им кажувал разумот и нему, и на тие кај кои се обраќал, но не успеал да најде мир.
Обземен од голема сострадалност и сочувство, јас му реков: „Вие се обраќавте кон Христа, Кого не сте Го убиле, кон свештениците на кои не сте им наштетиле. Зошто не сте помислиле да и се обратите на девојката, која сте ја убиле?“ Тој се изненаде. Зарем не дава Бог простување? Зашто само Тој може да ги простува гревовите на луѓето на земјата… Се разбира, тоа е така. Но, му реков, ако девојката, која што тој ја убил, му прости, ако таа се застапи за него, тогаш дури ни Бог нема да може да помине покрај нејзиното простување.
Му предложив да седне после вечерните молитви и да ѝ раскаже на таа девојка за шеесет годишните душевни страдања, за опустошеното срце, за преживеаните маки, да ѝ побара прошка, а потоа да побара таа да се застапи за него и да испроси од Бога покој за неговото срце, ако му простила.
Тој така и направил, и покојот дошол… Тоа што не било направено на земјата, може да биде исполнето, Тоа што не било завршено на земјата, може да биде исцелено и подоцна, но по цена, можеби, на многугодишни страдања и грижа на совест, солзи и измачувања.
митрополит Антониј Сурожски