Еден од најнеодложните проблеми на Црквата денес нема врска со парите или со некаква соблазна, или со постигнувањето на поважен статус во очите на владеачките сили. Најнеодложна потреба на Црквата денес е нејзините членови повторно да откријат кои се тие.
Ова го велам затоа што постојат докази дека многу Христијани заборавиле кои се. Тие мислат дека пред сè, тие се ВМРО-вци или СДСМ-овци* – или, секако, Македонци**. Или пак, тие мислат дека се потрошувачи, дел од славните 99%. Или се замислуваат себеси дека се конзервативци или либерали, или било која од мноштвото етикети кои светот со голема радост би ни ги залепил.
Можеби ваквите етикети имаат своја примена (иако склон сум да се сомневам во ова), но овие јазични ознаки не нè определуваат како Христијани, ниту соодветно ја објаснуваат нашата основна карактеристика. Односно, ние мора да запомниме дека во основа ние сме слуги Божји, свет народ, царско свештенство, и како такви не му припаѓаме на овој век на завојувани категории и етикети, туку на векот што доаѓа. Во овој век ние само поминуваме – или, како што еднаш испеа Лери Норман, „само ја посетуваме оваа планета.“ За нас најважно е повторно да го откриеме основниот есхатолошки факт за себе, зашто обично, ние се однесуваме во склад со она што си замислуваме дека сме.
Ова може да се види во краткиот дијалог од филмот „Налудничав“ (Moonstruck) од 1987, во кој глумат Шер и Николас Кејџ. Во еден заплет од филмот, мајката на ликот што го глуми Шер, г-ѓа Касторини (која ја игра убавата Олимпија Дукакис), разговара со еден женкар со кого вечерала во ресторанот од соседството. Тој ја попраќа дома, и надежно и заводливо ѝ вели, „Претпоставувам дека не можеш да ме поканиш внатре?“ Таа му вели, „Не“. – Имаш луѓе дома? – прашува тој. – Не, – вели таа, – Мислам дека никој не е дома. Не можам да те поканам зашто сум мажена. Затоа што знам која сум. „Затоа што знам која сум“.
Односно, таа не му одолеала на искушението на прељубата затоа што се плашела дека маж ѝ ќе дознае, или зашто се плашела дека Бог ќе ја казни поради нејзиниот грев. Не; попросто е од тоа. Таа едноставно знаела која е. Таа била мажена, и мажените жени не ги мамат нивните сопрузи, поканувајќи дома туѓинци. Г-ѓа Касторини не требала да прочита богословски трактати за да го направи правото нешто, и не требала да победи во натпревар на туркање со раце во однос на искушението. Таа само требала да знае која е и да се однесува согласно со тоа.
Истото важи и за нас. Кои сме ние? Новиот Завет ни го дава одговорот – ние сме светители, народ Господов, слуги на Севишниот Бог, деца Божји без дамка, среде нечесно и изопачено поколение. Ние Му припаѓаме на Бога и на Неговото Царство, и тука, во овој век ние сме туѓинци и сопатници – луѓе кои само ја посетуваат оваа планета. Ако навистина веруваме во ова, ќе живееме според тоа, и остатокот од нашите односи со светот ќе се средат сами по себе. Искушението да се однесуваме онака како што светот се однесува и да го изневериме нашиот повик ќе дојде многу брзо. Но, кога ќе дојде, ние не треба да собереме храброст и да одјаваме во безнадежната борба за победување на световноста и гревот. Ние само треба да знаеме кои сме.
* Во оригиналот, Републиканци или Демократи
** Во оригиналот, Американци Протопрезвитер Лоренс Фарли
Извор: http://agapi.mk/dali-znaes-koj-si/