Храмот и Црквата

Темелите на православниот храм со своите корени навлегуваат во длабоката, старозаветна древност.

Исто како и древниот Ерусалимски храм, православниот храм се состои од три дела: олтар, среден храм и притвор (или трпезарија).

Во архитектурата и ентериерот на храмот нема ништо непотребно: секој предмет има длабока и возвишена смисла, и се во целост не води кон спасение на душите. “Во храмот, – запишал во својот дневник светиот и праведен Јован Кронштатски, – во неговата положба и делови, во иконите, во Богослужбите со читањето на Светото Писмо, пеењето, обредите, нацртана е, како на карта, во лицата, во општите црти, целата старозаветна, новозаветна и црковна историја, целото Божествено домостроителство на човечкото спасение”.

Најсветиот дел од храмот – олтарот (“свјатаја свјатих”) го симболизира Царството Небесно. Влезот во него е дозволен само за посветените: свештено и црковнослужителите. За жените, со исклучок на оние кои примиле монашки чин и кои имаат благослов од настојател, влезот во олтарот е забранет. Верниците, обично, престојуваат во храмот. Притворот, или трпезаријата, денес претставува дел од храмот. а во првите векови од христијанството тука стоеле огласените, односно оние кои се подготвувале за Тајната на Крштението, како и оние кои се каеле (кои биле под епитимија) и привремено биле оддалечени од Светата Причест.

Во олтарот, кој е одделен од останатиот дел од храмот со ѕид од икони. кој го нарекуваме иконостас, се наоѓа главниот дел од олтарот: Светиот Престол, на кој таинствено присуствува Самиот Господ. Под Светиот Престол се чуваат делови на мошти од христијанските маченици, осветувајќи го самото место каде што тие се наоѓаат, но и самиот храм, потсетувајќи не, дека мачениците за Христовата вера се оние столбови, најцврстата основа, на која Црквата се држи.

Во олтарот, кој буквално го означува “возвишениот жртвеник”, се извршува Тајната Причест со Телото и Крвта Господови во вид на леб и вино. Самиот олтар ја претставува подготвената соба, каде што се извршила Тајната Вечера помеѓу Христа и Неговите ученици и каде што им била заповедана од Самиот Спасител светата Тајна Евхаристија: Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него” (Јован 6, 56). Преку иконостасот во олтарот водат три врати.

Централните, кои се најглавни, се наоѓаат спроти Светиот Престол, и се нарекуваат Царски двери. Преку нив невидливо излегува кон нас Самиот Цар на Славата Исус Христос, во Чашата со Светите Дарови. Низ овие двери не е дозволено никому да влегува, освен свештенослужителите.

Страничните двери се нарекуваат ѓаконски: бидејќи низ нив поминуваат ѓаконите за време на Богослужбите. Оддесно се Јужните двери, а одлево -Северните.

Однатре кај Царските двери е зашиена завеса, која се отвора или затвора во определени моменти за време на Богослужбите. Отворената завеса ги симболизира откриените тајни за човечкото спасение, а отворените Царски двери – отвореното Царство Небесно за православните.

Оддесно од Царските двери на иконостасот се наоѓа икона од Спасителот, а одлево – ликот на Пресвета Богородица. По нив се наоѓаат икони на светители кои особено се почитуваат. Притоа, оддесно од иконата на Пресвета Богородица обично се поставува храмовата икона, на која е насликан светителот или празникот во чија чест е осветен храмот. Поради таа причина долниот дел икони од иконостасот се нарекува локален (помесен) ред.

Над овој ред се наоѓа редот со празнични икони, на кои се изобразени дванаесетте празници (12 главни случки од Христовиот живот на земјата).

Третиот ред се нарекува деисис (од грчкиот збор δεησιζ,; – молитва), и тука се наоѓаат иконите на ! светите Апостоли, Архангелите и светителите, кои се наоѓаат во молитвена поза кон централниот Господов лик.

Иконите, исто така, се наоѓаат по сите ѕидови во храмот, врамени под стакло, или се поставени на аналој (посебна масичка со наведната страна).

Возвишението пред иконостасот се нарекува солеа. Средината од солеата, полукружниот дел пред Царските двери, се нарекува амвон. Од амвонот на верните им се дава Светата Причест, оттука проповеда свештеникот, а ѓаконот произнесува ектении (молитви, кои содржат разни прозби).

Во храмот, исто така, се наоѓа и предворје (канун), кое се состои од месингено Распетие и ред од свеќници на месингената кутија. Тука се ставаат свеќи за покој и се принесуваат дарови за споменување на покојните. Овде се служат заупокоените Богослужби – панихиди.

Пред празничните аналои и пред иконите на светителите кои ги празнуваме, се ставаат свеќници за палење свеќи од верниците. Од таваните се спуштаат прекрасни полиелеи – лустери со мноштво сијалици, кои се запалуваат во најсвечените моменти од Богослужбата.

Словенскиот збор “црква” во едно од своите значења се појавува како синоним на зборот “храм” и означува место каде што се собираат верниците поради Богослужба.

Во своето особено значење зборот “Црква” означува “од Бога востановена заедница на верни во Христа, соединети преку Божјото Слово, свештенодејството и тајните, под невидливо управување од Самиот Господ и Божјиот Дух, за вечниот живот и спасението”.

Во Христовата Црква, како и во секоја човечка заедница, се разликуваат невидливиот дух и видливото тело. Духот на Црквата го сочинува Божјата благодат, која ја оживува и ја води кон спасение секоја верна душа, а особено им се открива во светите Божји угодници.

Православниот храм и неговите делови

O – Олтар

И – Иконостас

1 – Престол

2 – Жртвеник

3 – Горно место

4 – Ѓаконик

5 – Царски двери

6 – Јужни двери

7 – Северни двери

8 – Амвон

9 – Солеа

10 – Храм

11 – Притвор

12 – Камбанарија

 

 

 HramotICrkvata_crtez_001